Првата Академија за Data Science во Македонија започна со работа

Првата Академија за Data Science во Македонија започна со работа. На воведниот час кој беше одржан минатиот понеделник (26. 08. 2019.) учесниците имаа можност да се запознаат со дел од тимот предавачи, деталниот распоред на целата програма како и со дел од реалните проекти на кои ќе работат во наредните 11 месеци. Самата програма е доста интензивна и напорна, но сите учесници веќе со нетрпение очекуваат, модул по модул, да навлезат што подлабоко во областа на Data Science.

Иако домашните, конвенционални индустриски гранки, до скоро имаа доста конзервативен пристап кога се работи за нови технологии, полека но сигурно се повеќе почнуваат да ги следат светските трендови. Домашниот сектор веќе ги прави првите исчекори во светот на Data Science а овој тренд го предводи финансиско-банкарскиот сектор, од каде и доаѓаат најголемиот дел од учесниците од првата генерација на Академијата за Data Science на Brainster.

Теодора Живковиќ и Димитар Михајлов од НЛБ, кои редовно ги посетуваа pop-up курсевите за Data Science како Вовед во Data Science, Data Science преку практични примери и Tableau одлучија целосно да се посветат на оваа наука и станаа дел од академијата.

„Времето е доста пресуден фактор за вакви нови гранки. Што порано се влезе, тоа подобро“, вели Димитар Михајлов. „Кога аплицирав програмата беше туку што оформена, исто како и тимот на предавачи, но денес, после официјалното запознавање сфатив дека го направив вистинскиот избор.“

Едно од златните правила кога се работи за Data Science е дека „моќта е во бројките“ поради што луѓето кои ја спремаа програмата се потрудија да ги пронајдат најдобрите експерти во полето и да ги донесат како редовни или гостински предавачи. Дел од редовните предавачи на Академијата за Data Science се Александар Ѓурчиноски кој ќе предава Excel, Александар Бошевски кој ќе предава Power BI, Благој Костовски кој ќе предава SQL и Data Warehouse, Андреј Наумовски кој ќе предава Python, Филип Николовски кој ќе предава статистика, математика и data mining, Ѓоко Костадинов кој ќе предава Big Data, Христијан Ѓорески задолжен за Machine Learning. Од гостинските предавачи ќе бидат Мартина Ристеска од Siemens, како и Паулина Грнарова и Наташа Тагасовска кои веќе неколку години активно работат Data Science во компаниите Google и Facebook.

 

Теодора Живковиќ од НЛБ вели дека веќе има еден куп идеи што би сакала да ги реализира на нејзиното моментално работно место а се поврзани со имплементација на Data Science. „Ми се допаѓа фактот дека работите во финансискиот сектор го фаќаат чекорот со светските трендови. Особено ми се допаѓа фактот дека целата академија е конципирана околу работење на реални проекти од полето во кое моментално работам.“ Во првата група од 18 учесници, 14 се од финансискиот сектор. Најголем дел од нив со веќе јасни идеи во која насока сакаат да си ја развиваат понатамошната кариера и како ќе го применат стекнатото знаење во нивната секојдневна работа.

Дарјан Раденковиќ, CMO на Brainster и координатор на Академијата за Data Science имаше мошне тешка задача во процесот на селекција на кандидатите. „Имавме навистина тешка работа да ги одбереме првите 18 кандидати бидејќи од над 100 интервјуирани најголем дел беа со сериозно предзнаење и доста јасна идеја во која насока сакат да продолжат со нивните кариери. Најголем дел од пријавените дојдоа од финансискиот сектор, телекомуникациските компании, а меѓу нив имаше и голем број на софтверски инженери. На половина од процесот на селекција на првата група на кандидати веќе се искристализира профилот и беше јасно дека првата академија ќе оди со прилично напредна група на студенти“ – вели тој.

Но тоа не значи дека останатите кои не поминале во првиот круг ќе мора да чекаат уште долго. Наредната академија стартува на почетокот на 2020 година, а веќе се во тек подготовките на кандидатите кои аплицираа, со цел уште поспремни да започнат со академијата. Иако периодов главниот фокус беше на склучување договори со learning и hiring партнери и планирање на сите дополнителни активности, интервјуирањето на заинтересираните кандидати е константно во тек и секој што ќе помине низ процесот на селекција ќе може да се приклучи на подготовките кои се состојат од онлајн платформа за учење, менторски сесии, работилници и други активности. Поради навистина голем интерес планот е наредната академија да почне со две групи.

А доколку сеуште се размислуваш дали Data Science е вистинската струка за тебе, можеш да ја провериш твојата спремност на нашиот Data Science Grader.

Related Stories For You