Јавна соба е еден социјален, урбан и креативен центар кој е скроен со цел да внесе свежа енергија, нови размислувања и поголема продуктивност во животот на секој еден граѓанин на градот Скопје. На еден начин Јавна соба е духовен храм за секоја една урбана душа која сака да научи нешто ново, да сподели што има со другите (а тоа да не е трач и оговарање), сака да работи, заработи, и да се социјализира на убав начин. Позади целиот овој проект стојат група на неколку ентузијасти кои настапуваат под името Јавна соба.
П: Каков тип на настани се предвидени да се оддржуваат во Public Room?
А: Просторот Јавна соба “трпи” буквално секаков тип на евенти и случувања. Веќе се организираат најразлични музички вечери од среда па се до сабота, блогерски средби за викенд и преку недела, деловни семинари и работилници. Просториите се изнајмуваат редовно, што од страна на компании, граѓански организации, па дури и индивидуалци за приватни цели.
Работилниците за деца за кратко време станаа хит; па така на пример, има голем број на пријавени деца од 10 до 14 години за работилниците на Оливија Георгиевска секој викенд од 11:00 часот.
Преку ден на масите во барот и галеријата гледате како млади претприемачи работат на своите компјутери, се конектираат на Skype и договараат деловни зделки. Некои од нив се можеби и студенти, но како и да е доминантна е креативно деловна атмосфера во просторот.
Во мајсторската работилницата редовно има некој којшто сече, струга и сл.
П: Каква е реакцијата на посетителите до сега?
А: Луѓево се малку во шок! Македонците со својот надалеку познат скептицизам немаат многу позитивни изненадувања во градот и на многу им е тешко да поверуваат дека Јавна соба постои како физички објект. Особено како концепт што сé нуди и тоа во сред центар на градот! Инаку досега не слушнавме ниту една негативна критика за просторот, намената и програмата која се нуди. Всушност, просторот е вистински отворен за секој еден кој што сака да понуди програма за реализација во Јавна соба.
П: Дали е сеуште табу-момент во Скопје да се работи во ваков тип на “урбана канцеларија”?
А: Тука сме да им помогнеме да се разбие овој стереотип. Од тие причини имаме мени на храна по многу ниски цени. Веќе луѓето се навикнуваат и почнуваат да доаѓаат секојдневно од причина што просторот им е убав, ги инспирира а цените се прифалтиви за секој поединец.
П: Кои се Вашите очекувања од соработката со Brainster?
А: Brаinster е едно големо изненадување за мене. Јас секој пат тежнеам да работам со млади кретивни луѓе кои имаат доволно енергија, храброст и знаењеда направат нешто корисно, пред се за себе а понатаму и за друштвото. Искрено очекувам партнерство помеѓу двете организации на долги стази, јакнење и заеднички развој.
П: За кого е отворен просторот за работа и како може да стапат во контакт сите оние кои се заинтересирани за соработка?
А: Може буквално секој поединец кој сака да организира роденден или прослава на која креативно ќе ја изненеди сопругата, па сé до компанија или здружение кое има потреба од дизајн во било кој облик, или само простор за изнајмување. Со други зборови , сакаме што повеќе луѓе да дојдат во просторот да не запознаат и да најдеме начин за заедничка соработка на било која основа. Досега сите што пристапија се позитивно изненадени од можностите кои ги нудиме. Потребна е само храброст.
П: Кои се Вашите планови за наредниот период?
Во подготовка е моментално Неделата на дизајн во Скопје, фестивал кој ќе се реализира во Јавна соба од 26 до 29 ноември www.ministryofpleasure.net. Веднаш после тоа следи предновогодишниот базар на накит на 5. и 6. декември. Пред нова година ќе се организира и распродажба на македонски текстил. Во соработка со Бреин о бреин се организираат секој Петок од 17:00ч работилници за деца и млади. Музички вечери за пошироката јавност продожуваат секоја недела од Среда до Сабота.
По нова година ќе изненадиме со неколку новитети од типот на 3Д принтер за деца, напредни курсеви за 3Д преинтинг, семинари и работилници од отворен карактер. Дополнително може да ги најавиме кратките резиденции на дизајнери од странство кои ќе работат со македонски колеги и компании.
Facebook: https://www.facebook.com/publicroomskopje
Веб страна: http://publicroom.org