Зошто на образованието му се потребни драстични реформи?!

Учењето не е задолжително… Ниту опстанокот!

В. Едвардс Деминг

 

Мал милион пати помислив како да ја започнам оваа тема која е стара колку и самото човештво… Некои дури и би рекле дека човештвото е прогресивна функција на образованието. На способноста на индивидуите слободно да се надоградуваат, да стануваат најдобрата верзија од себе, на можноста за една поинаква перцепција. За една поинаква реалност и една поинаква сегашност и иднина.

Едукацијата е можеби најважната функција на денешните модерни општества, но истовремено и процес кој е најмалку разбран, развиен и прилагоден на потребите на денешниот модерен човек и начин на живот.

Денес, човештвото се наоѓа во една од најголемите кризи досега, а тоа е, како што рекол Кен Робинсон, кризата на човечки ресурси. Луѓето во се помала мера го користат својот природен потенцијал и талент. Токму поради ова, голем дел од луѓето го поминуваат целиот свој живот без притоа да имаат чувство за нивните таленти и припадност, трошејки го своето време залудно.

Колку луѓе знаете кои завршуваат формална едукација само “ради реда” – колку да се рече дека имаат диплома, без притоа да бидат нималку возбудени за тоа што имаат научено и како тоа можат да го применат во полза на сограѓаните и општествата во кои живеат? Колку луѓе работат работи што не ги сакаат, па дури и презираат, а сепак ги работат само затоа што преку нив гледаат начин на егзистенција? Колку луѓе знаете што се откажале или би се откажале од своите соништа само затоа што нешто друго им дава “сигурност” во животот?

Да бидеме реални… најголемиот број на луѓе околу нас спаѓаат во оваа категорија на луѓе. Луѓе кои се робови на својот живот, а не негови господари! Луѓе без желба и мотив за живот, кои едноставно гледаат да пронајдат начин како да се “шмугнат” низ нештото наречено живот. Луѓе кои немаат никаква сатисфакција од нивниот живот.

Во англиската терминологија постои еден збор за овој тип на луѓе – couch potatoes! Ви звучи познато?! Ова е тип на луѓе кои од понеделник до петок се на работа од 8 сабајле до 5-6 попладне, се враќаат дома, претепани од умор и стрес, седнуваат пред TV со далечинското в рака чекајки да дојде утрешниот работен ден. Луѓе кои живеат за викендите како единствен период од неделата, кога се посветуваат на нештата кои им значат – фамилијата, децата, пријателите, хобито (ако остане време) итн.

fat dude

 

Но исто така постои и друга група на луѓе… Луѓе кои го работат тоа што го сакаат и го сакаат тоа што го работат. Луѓе, кои не би можеле да се замислат да бидат нешто друго, освен тоа што се. И за волја на вистината, но и за жал истовремено, оваа група на луѓе се ретки. Еден од факторите кој придонесе за ваквата ситуација е едукацијата, односно едукативниот систем / процес. Замислете си го човековиот потенцијал и талент како земја која треба да се обработува. Едукативниот процес придонесува да таа земја помине низ процес на правилна обработка, даде соодветен род од некој производ согласно тоа какви карактеристики има (потенцијал и талент).

Проблемот е во тоа што едукативниот процес не секогаш дава  соодветен род, и затоа во последно време подлежи на доста реформи низ целиот свет. Но, модификации на нешто што е расипано, што “смрди”, не може да даде позитивен резултат на долг рок! Она што реално му недостига на образованието е иновација, револуција – негова комплетна промена и трансформација во нешто ново, радикално различно.

Да се има талент не е доволно за да една личност стане експерт за одредена вештина. Реализацијата на одреден талент зависи и од страста и вложениот труд. Кога човек има страст, се е поинаку. Страста ти дава чувство на исполнетост, на цел, спиритуална возбуда и секако неограничен извор на енергија. Кога работите нешто што го сакате и го работите со страст, времето станува релативно, ирелевантно. Наеднаш, еден час поминува за 5 минути. И обратно, кога нешто работите без страст, 5 мин изгледаат како цела вечност.

Тоа е затоа што страста е директно поврзана со креативната страна на индивидуата и со способноста за сонување и креирање на една поинаква иднина. Дали се сеќавате на многуте лудории што сме ги правеле како деца? Како сме се бркале со велосипеди по земјени патишта, сме рипале, сме возеле на едно тркало (без разлика дали било предно или задно), сме се качувале по дрва, сме “позајмувале” цреши од дрвјата на комшиите, сме се качувале по карпести предели, од спајалици сме правеле фигури, сме ги користеле како алатки и што ли уште не. Не постоел лимит за нашата имагинација.

Образовниот систем не ја негува креативноста на луѓето. Напротив, ја уништува. Едно истражување кое ја истражувало поврзаноста помеѓу креативноста и образованието преку набљудување на исти субјекти десетина години, установило дека како што луѓето поминуваат низ образовниот процес, нивната креативност драстично се намалува.

Токму тоа е проблемот со денешниот шаблонски систем на едукација! Не ја храни спиритуалната страна на индивидуите и нивната животна цел. Доколку сакаме луѓето да бидат исполнети, ведри, насмеани, позитивни, среќни, мораме да оставиме самите да се “исхрануваат” спиритуално правејќи и едуцирајки се за работи кои тие самите ги сакаат; а не само поради тоа што мора така да биде.

Како да се промени образовниот систем?

Да се иновира значи да се биде различен, да се гледа различно на нештата. Тоа значи да се променат работите на начин кој ќе овозможи подобро функционирање од моменталното. Она што треба да се направи со образованието е комплетно напуштање на индустрискиот пристап на гледање на нештата, кој што е базиран на принципите на линеарност и конформитет, и да се бараат и понудат алтернативни модели на едукација (за ова во некоја наредна прилика).

Принципите на линеарност и конформитет најлесно можат да се објаснат преку култниот спот на Pink Floyd, “We don’t need no education.” Во него постои визуелен приказ на индустриска лента на која најразлични луѓе беа ставани во една редица и пуштани низ неа, поминувајки низ истиот процес без разлика на нивните евидентни разлики. Истото е и со образование денес. Различни индивидуи поминуваат низ еден ист стандардизиран и линеарен пат на едукација, од градинка до факултет, водени од помислата дека преку истиот процес ќе се здобијат со одреден сет на вредности и знаења кои ќе ja “обезбедат” нивната егзистенција.

Strike! Оваа претпоставка беше валидна за минатиот век, во времето на индустријализациајта кога фабриките имаа потреба од масовни вработувања, но не и денес! Денес, мораме да разбереме дека човековиот талент е неворојатно различен и со големи левелации (нивоа). Образованието не треба да биде еден механички процес. Напротив, треба да биде средина во која ќе се создаваат услови за да индивидуите можат самостојно и слободно да ги развиваат и негуваат своите потенцијали и вештини.

Денес, се повеќе луѓе одлучуваат да ја прекинат својта едукација, и со право! Не велам дека не треба да не се едуцираме. Напротив… сметам дека токму низ процесот на едукација една личност може да постигне себе-реализација преку истражување и негување на неговите таленти и вештини. Но она што велам е дека образованието, како што е денес, не им служи на луѓето, туку внатрешно ги уништува, за што сведоци сме сите.

 

self-education_quote_-_rohn

Што понатаму?

Во светот постојат одлични примери на едукативни системи, но мора да сфатиме дека она што функционира на една локација, не значи дека ќе функционира и на друга. Иднината на образованието лежи во креирање на движења во образовната индустрија кои ќе бидат креирани од страна на самите луѓе, а нашата должност како општества е да понудиме подршка базирана на персонализирана наставна програма.

Што значи ова? Погледнете околу себе… Се што ќе видиме се луѓе без душа, без енергија, без волја за живот! Да креираме предуслови во кои луѓето самите ќе ги развиваат своите таленти на база на страста која ја имаат и која ја негуваат од мали нозе спрема одредени работи. Да ја почувствуваме убавината на истражувањето на нашите таленти во релација со околностите кои овозможуваат нивно создавање. Да го искористиме напредокот на технологијата и да го ставиме во корист на човештвото. Тоа си го должиме сите…. Тоа им го должиме на идните генерации!

Впрочем, тоа и го заслужуваме, зарем не?!

Што мислите за едукативниот систем во Македонија?

 

Среќно

brainster.co заедницата

Ако ви се допадна овој пост, посетете ја серијата на микро постови на овој линк. Ако ја поддржувате оваа иницијатива споделете со вашите пријатели.

Related Stories For You

Како до 1.000.000€? 🤫