На Академијата за UX/UI дизајн постојано учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти!

Последниот предизвик со којшто се соочија студентите беше 48 часовниот Хакатон каде тие имаа можност да ги искористат сите стекнати знаења и вештини.

Нивната задача беше да направат целосен редизајн на веб страницата на Шу-Ми Берово, кој е функционален, а воедно и интуитивен за корисниците, раскажувајќи ја приказната на брендот.

Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на Андон Ангов, Кристофер Боев и Николина Мицковска.

Андон, Кристофер и Николина се студенти на нашата Академија за UX/UI дизајн, а воедно и едни од студентите кои покажаа одлични перформанси, голема мотивација и амбиција, и резултираа со успешно сработен проект.

 

Во продолжение си поразговаравме со тимот за нивниот реален проект и искуството на Хакатонот

 

 

Здраво дечки! Бевте дел од едно незаборавно исксутво – 48 часовен хакатон каде што вашиот UX/UI дизајн го зема победничкото решение. Претставете ни се накратко!

Андон: Здраво на тебе кој го читаш овој блог. Јас сум Андон Ангов, имам 22 години и доаѓам од Гевгелија. Природната наклонетост да размислувам кон искуствата од правење на некоја активност (било да е патување, користење на телефон и/или некоја апликација/алатка), како и идеите и желбите за да ги подобрам истите, ме потикнаа да се запишам на Академијата за UX/UI дизајн на Brainster. Учеството на реални проекти, особено хакатони е искуство кое според мене не смее да се пропушти. Така и овој пат бев дел од хакатонот за Шу-Ми Берово и конечено на мое огромно задоволство, успеавме заедно со извонредните колеги Кристофер и Нина, водени од исклучителните ментори од Академијата, Александар и Златан, да креираме победничко решение.

Кристофер: Здраво, јас сум Кристофер Боев, имам 28 години и моментално сум во процес на завршување на Академијата за UX/UI Дизајн. Се одлучив за оваа професија бидејќи секогаш сум сакал да ја изразам мојата креативност, иновативност и способност за анализа за пронаоѓање на решение за одреден проблем. Слободното време го користам за фотографирање, gaming и често сакам да креирам digital art.

Николина: Здраво здраво. Јас сум Николина Нина Мицковска, 26 години од Скопје. Веб дизајн било нешто што ме привлекувало отсекогаш, но комбинацијата на психологија, решавањето на проблеми и дизајн аспектот од UX/UI беше она што ме поттика да се запишам на оваа Академија. Искуствата од Академијата, а посебно и самите хакатони направија да го засакам истото уште повеќе, бидејќи навистина во толку краток рок учиш многу, а крајната цел е да го најдеш идеjното решение.

 

Раскажете ни нешто повеќе за вашето финално решение. Кој беше процесот за да се стигне до крајниот резултат? 

Нашето финално решение е во основа модерен и елегантен дизајн, кој притоа го поттикнува и привлекува user-от да се впушти во светотот на пчелите и пчеларството. Но, за да не ви откриваме премногу, ве поттикнуваме сами да го разгледате нашиот дизајн и да ни дадете критика. 

Линк до решението – Figma 

Линк до решението – Behance

Процесот, иако беше временски краток, сите ние имавме чувство како да сме работеле цела недела. Истиот би го опишале како трнлив пат, до посакувана дестинација, кој секако вредеше да се изоди. Во продолжение на блогот ќе може да прочитате подетално околу сите фази од процесот, сѐ до крајниот резултат. 

 

 

Што беше вашата задача? Од каде ја црпевте инспирацијата и како се одвиваше целата соработка?

Нашата задача беше редизајнирање на целиот веб-сајт на Шу-Ми Берово. Притоа клиентите сакaа овој нов редизајниран, многу пофункционален вебсајт, да ја поттикне комуникацијата на user-ти со компанијата, да ја раскаже приказната за компанијата, која започнала во далечната 1836 г., а воедно и да додаде на вредноста на целата компанија. 

Инспирација од ваков бизнис кој постои веќе 186 години се добива уште на прв поглед, а дотолку повеќе кога ќе се запознаете подетално со него и со луѓето кои го прават истиот. Иако би можело да се каже дека горенаведената инспирација е доволна сама по себе, ние не застанавме таму и истата ја продлабочивме преку наши истражувања на темата, од едукација за самото пчеларство, па сѐ до анализирање и тестирање на веќе постоечки веб-страници на огромни пчеларски компании од USA. 

Соработката во тимот беше исклучителна. Тоа се виде уште од првиот наш состанок, а истото го потврдува и овој резултат. Зашто невозможно е да се победи на хакатон доколку тимот е дисфункционален и во него не владее висок степен на одговороност кон тимот и задачите. 

Во нашиот тим немаше еден лидер и строга поделба на задачите, туку сѐ се работеше демократски, тимски и со заедничка согласност од сите членови. На овој начин успеавме да ги истакнеме јаките страни на секој од тимот, да градиме врз индивидуалните идеи и решенија, додека дојдеме до презентирањето на финалното решение. 

 

Кои техники, алатки, методи се употребени за овој проект?

И во ова исклучително кратко време сепак успеавме и успешно направивме Brainstorming, Stakeholder Interviews, Assumptions, Competitive Analysis, Brand Identity Prism, User Persona & User Journey. Сите овие UX техники и методи ни помогнаа нашите дизајни да добијат на вредност и да бидат направени врз база на вистинските потреби на клиентот и корисниците. Дизајните беа реализирани со помош на следните алатки: Adobe Illustrator, Photoshop & Figma. 

 

 

Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од рокови, а притоа да креирате едно функционално решение?

Не постои хакатон кој изгледа како права линија. Така и овој хакатон за Шу-ми Берово не беше исклучок. Сето горенаведено условува истиот да изгледа како пловење по разбранувано море. Но, самото тоа што од почеток помеѓу нас ,,се склопија коцките”, заедничката посветеност, како и чувството дека може да креираме продукт кој ќе му помогне на овој исклучителен бизнис во нашата земја, а во крајна линија ќе и помогне на околината, нѐ мотивираше беспоштедно да дадеме сѐ од себе и после две непреспиени ноќи да стигнеме до посакуваниот резултат. 

 

Какво беше чувството да се работи на еден ваков забавен и интересен проект? 

Имајќи ваква интересна тема за една пчеларска традиција која му пркоси на времето, секој нов момент значеше учење на нешто ново. Од општ факти за пчелите, како животни неопходни за постоењето на земјата и самите нас, преку течното злато, а воедно и лек кој ни го подаруваат, па сѐ до она што значи органско пчеларство. 

 

И за крај, што би ни кажале за работата на реални проекти со реални клиенти и можноста за искористување на теоријата во пракса? 

Андон: Работата на реални проекти со реални клиенти е нешто коешто го издвојува Brainster од остантите конкуренти. За нас како студенти, истото претставува незаменливо искуство. Хакатоните мене лично ми се омилени, иако се најинтензивен и најзахтевен вид на реално практицирање на стекнатото знаење. 

Кристофер: Овој хакатон, како и останатите проекти го развиваат мојот натпреварувачки дух. Борбата со ограниченото време, брзото учење во целиот процес и соработката со тимот, би ги кажал како одлични предности на ваквите проекти. Затоа се радувам дека мојот труд беше препознаен токму на еден ваков концепт.

Николина: Мислам дека можноста да се искористи знаењето што го стекнавме директно во пракса е непроценливо. Можеш да искусиш како сето изгледа во вистинскиот свет, да научиш многу од искуствата, и да го искористиш истото со цел самоподобрување за идните проекти. 

 

Уписите за следната група на Академијата за UX/UI дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!