Антонио Момироски е алумни од Академијата за Software Testing кој без претходно искуство во ИТ индустријата успеа да се вклопи во динамиката на оваа професија. Со голем ентузијазам, излегувајќи од комфорт зона направи целосна трансформација на својата кариера.
Во претходниот блог тој ни раскажа за себе, за својата љубов кон работата изјавувајќи дека „нема подобар период од овој за стекнување нови знаења“. Неговиот совет кон сите што размислуваат да променат кариера беше „Ставете си цел и движете се кон неа“!
Тони го примени тој совет на себе, и успеа да се вработи пред да ја заврши Академијата во американската компанија BetterBot. Ова е доказ дека сите кои што имаат страст и напорно се трудат, на крајот ќе успеат.
Повеќе за неговото кариерно патување до работата од соништата можете да прочитате во продолжение.
Тони, беше дел од Академијата за Software Testing и пред завршувањето успеа да се вработиш. Како се одвиваа работите?
Искрено уште на почетокот кога одлучив да сменам кариера, а одлучив за неполна минута и го стиснав тоа „аплицирај“ копче на Brainster страната, знаев дека многу работи ќе ми се сменат во животот. Едноставно јасно ми беше и бев подготвен дека влегувам во сосема друга сфера, а излегувам од една комфорт зона.
Тоа излегување уште толку ми го подигна ентузијазмот и моралот за учење нешто ново и непознато и надоградување на моите знаења. Постојаното учење нови работи не дозволува монотонијата и досадата да навлезат во животот, едни од најопасните чувства што во поим ја тепаат психата и среќата.
Почнаа предавањата и се почуствува општо убава енергија од сите. Почнувајќи од професорите па асистентите и целата група 1. Од прво малку со некоја доза несигурност поради online предавањата па како ќе биде, дали нешто ќе се научи, но брзо се адаптиравме. Имаше полесни и потешки модули но заеднички што преку slack, што преку viber па подоцна кога не ослободија малце од ситуацијава и во живо учевме, се дружевме и си се навикнавме еден на друг.
Со самото завршување на модулот за мануелно тестирање, почнаа моите подготовки за интервјуа, LinkedIn профил, CV и веднаш се пуштив во потрага по работа. Ме повикаа на 6 интервјуа. Сите 6 беа со негативен резултат, но тоа беше едно убаво собирање искуство и градење карактер каде во ни еден момент не треба да се осети човек потиштен.
На некои 10 дена пред завршувањето на Aкадемијата конечно после 6 порази дојде и победата ☺. Се вработив во BetterBot – американска компанија која се занимава со креирање платформа ChatBot специјализирана за продажба и издавање на недвижности општо но и најново сега за студенти, пред се задолжена за американскиот пазар. Суштината на оваа прекрасна идеја е да се разбие монотонијата кај агентите за продажба и да се раскине оној infinite loop на колку соби, колку кревети, колку е цена кога да дојдам итн.
ChatBot-от ја презема целата таа одговорност и го остава интересниот дел за кој во суштина работат агентите за продажба на недвижен имот. Од друга страна го олеснува барањето имот на потенцијалните клиенти.
Раскажи ни како е на новото работно место, како изгледа работен ден на еден тестер?
Една од најубавите работи што ми се имаат случено во подолг временски период, е токму ова. Многу убаво и топло примен од целиот тим во Македонија. Топло примен и од колегите од Америка. Сега за сега работата се одвива во домашна атмосфера. Инаку работниот ден почнува кога самите на себе ќе си кажеме дека е време за работа. Секако станува збор за луѓе со висока свест кадешто се знае кои се приоритетите во денот.
Секој ден во ист термин се одвива Daily Scrum состанокот на кој секој си кажува што работел вчера, што ќе работи денеска. Потоа доаѓа QA состанокот на кој се договараме што ќе се тестира, до каде е некој таск завршен. Се даваат нови идеи за поефикасни функционалности, изглед, дизајн и се што е поврзано со продуктот. Се на се работата како тестер е динамична. Цело време има нешто ново за тестирање, ново за пишување. Имагинацијата работи во полна пареа. Секој таск нова авантура нови предизвици. Следно е фаќање за работа и секој си е менаџер на своето време. Битно е да се заврши тоа што сме го ветиле за денеска а кога ќе се заврши зависи само од нас.
Кој ти е омилениот дел од твојата работа?
Омилен дел? Мислам дека во моментов со нетрпение секој ден го чекам наредниот да дојде. Интересното е тоа што ако сте човек што сака да учи и ентузијастички да се носите кон работите и при тоа да земате плата заради тоа…. вие ја имате работата од соништата. Динамичноста, различноста, користењето на имагинацијата, прецизност, детали сите тие елементи придонесуваат да морам да кажам дека не постои омилен дел од работава туку како целина, QA ги задоволи и спои сите мои карактерни особини со работата.
На кој начин Академијата за Software Testing ти помогна да ја најдеш работата од соништата? Дали ги исполни твоите очекувања?
Прво и основно за нешто да го држи човек 6 месеци во ученичко столче (во нашиов случај скоро 8 месеци ради ситуацијата), мора да поседуваш кадар кој умее пред се да го пренесе знаењето и покрај тоа да ти го направи интересно и да те задржи толку време. Сите инструктори придонесоа најмногу за нашето внимание и загреаност кон материјата.
Целокупната поделеност на модулите беше убаво скоцкана и пренесена. Знаењето што јас го очекував да го добијам од Академијата, го добив. Меѓутоа Академијата е едната страна на паричката. Другата сме самите ние и нашата сериозност и нашиот пристап и нашата цел кон работите. Човек за комплетно да успее во пронаоѓање на работата од соништата прво треба да знае што сака, да си створи една цел и упорно да си чекори по тој пат верувајќи силно во тоа што го сака.
И за крај, кои се твоите планови за во иднина?
Секако дека светот не прекинува да се врти со моето влегувањето на работа. Напротив, сега почнува оној дел на надоградба на сè она научено. За нас QA повеќе или помалку, почетоците се од мануелното тестирање. Плановите се усовршување на ова поле, па усовршување на автоматизацијата и некако се натаму ми иде паметот дека ќе сакам да најдам некоја корелација да ја разбудам и мојата десна мозочна хемисфера задолжена за креативноста и дизајнот.
Но, времето најубаво ќе ме насочи за што понатаму. Сега за сега, целиот фокус е тука и бидејќи треба да се живее моментот, моментално е прекрасно ☺ Убав ден ☺
Доколку се размислувате за кариера во областа на Software Testing и сте подготвени да учите од искусни и докажани инструктори во ова поле, закажете информативна средба со координаторот на Академијата ТУКА.