Што не треба да правиш кога бараш работа

Овој текст е дел од серијата лекции „Како до успешна кариера 101“.
Сите знаеме колку комплицирано, заморно и стресно може да биде барањето на нова работа.
Понекогаш стресот толку голем што чукањето на часовникот на ѕидот го чувствуваш толку силно, како да се случува внатре во твојата глава. Не е лесно да бидеш постојано свесен за сите чекори кои ги правиш. На моменти може дури да се почуствуваш и толку уплашено и очајно, што ќе ги испробаш сите можни начини и ќе ги вклучиш сите луѓе околу тебе во твојот обид за вработување.
Иако некогаш звучи невозможно, но најдобрата работа што можеш да ја направиш во овие моменти е да не заборавиш да се смириш и да не и се предаваш на паниката. Верувај, вработувањето „на брзина” никогаш не е најдоброто решение, а многу често – не е никакво решение. Завршуваш испраќајки генерични резимеа како одговор на секој можен конкурс за работа на кој ќе налеташ.
Прочитај ги нашите совети за како да ги избегнеш овие ситуации и работи кои никогаш не треба да ги правиш кога бараш нова работа.
Не се потпирај на пријателите
Не се сомневаме дека твоите пријатели се прекрасни и неверојатно грижливи. Многу често самите тие ќе се понудат да ти помогнат во барањето на нова работа, преку препраќање на твоето CV на компании кои мислат дека се заинтересирани или преку распрашување за можни отворени позиции.
Проблемот е што на тој начин немаш шанса да го прилагодиш твоето резиме во зависност од позицијата за која аплицираш (што секогаш, секогаш треба да го правиш). Доколку сепак инсистираш да ги вклучиш твоите најблиски во процесот, прво дознај каде и со кого точно имаат на ум да го споделат твоето CV, не знаеш, можеби воопшто нема ни да ти се допадне компанијата.
Не ги спуштај своите критериуми за да се вработиш побрзо
Без разлика дали е тоа добра позиција со лоша плата или работа која не е доволно добра за твоите вештини и искуство, не избрзувај само затоа што чувствуваш притисок.
На моменти ќе паднеш во искушение да ја прифатиш работата која штотуку ти ја понудија затоа што си свесен колку многу ти треба било каква работа. Биди спремен за овие моменти и размисли убаво, иако изгледа примамливо.
Не троши време аплицирајќи на работни позиции за кои не си доволно квалификуван
Големи се шансите да почнеш да одговараш на сите огласи за вработување, иако за некои од нив исполнуваш само 3 од 10-те наведени услови. Тоа не само што е губење на време, затоа што има причина зашто работодавецот е во потрага по некој со токму тие 10 спецификации, туку може да заврши многу лошо за тебе дури и да ја добиеш работата. Замисли по некоја случајност менаџерот да се одлучи да те вработи, а ти воопшто не ни знаеш што значат имињата на некои од твоите нови задачи.
Не прифаќај работни услови кои не се прифатливи
Можеби во моментите на стрес и паника нема да ти делува толку комплицирано работењето во ноќна смена, но после некое време ќе почнеш да се каеш доколку прифатиш услови кои не звучат добро.
Не се грижи премногу, ќе ја најдеш работата која ја заслужуваш, иако потрагата може да трае подолго од тоа што би сакал. Ќе ја препознаеш по тоа што нема да бара од тебе да се помириш со работи со кои никогаш не си сакал да се помириш.
Овој текст е објавен во категоријата Кариера и ги содржи следните клучни зборови: кариера, вработување, најди работа, kariera, vrabotuvanje, najdi rabota, работа, нова кариера, работни услови, работни позиции, критериуми.