Уште пред да ја завршат Академијата за дигитален маркетинг, Наум и Настасија започнаа со пракса кај нашиот странски learning partner – Itzinya!
Itzinya е непрофитна организација која што поддржува млади претприемачи, главно во земјите во развој, овозможувајќи им да основаат и да започнат да работат со мали и средни бизниси, каде што ќе вработуваат други млади луѓе. Преку менторство на млади бизнис лидери и инкубирање на нивните стартапи, Itzinya има за цел да придонесе кон намалување на невработеноста на глобално ниво.
Поразговаравме со Настасија и Наум кои ни раскажаа како од студенти со никакво предзнаење од дигитален маркетинг, само со огромна желба и амбиција, стигнаа до пракса во компанија која работи на глобално ниво. Прочитајте што тие ни кажаа за процесот и предизивиците со кои што се соочиле на прагот на нивната кариера во светот на дигиталниот маркетинг!
Бевте дел од Академијата за дигитален маркетинг, а сега сте практиканти во Itzinya. Раскажете ни како се одвиваше целиот процес?
Настасија: На крајот од секоја академија студентите изработуваат завршен проект за бренд кои што сами го избираат. Мојот избор беше Itzinya и на тој начин јас се запознав со организацијата. После презентирањето на завршниот проект, кој што се состои од изработка на целосна маркетинг стратегија, започнавме да работиме како маркетинг тим на Itzinya заедно со Наум.
Наум: Мислам дека беше сосема неочекувано, во текот на предавањата имајќи контакт со предавачите (Стефан и Калин), изразив желба за практична работа на проект. По нивна препорака, иако тековен студент на академијата, ме поканија да учествувам во прелиминарните стратегии и состаноци со партнерот. Проектот беше успешен и добивме понуда да продолжиме самостојно како тим со Настасија, со која бевме во иста група на академијата и беше природно да продолжиме да работиме заедно.
На академијата постојано работевте на реални проекти. Како тие придонесоа за развој на вашите вештини?
Настасија: Реалните проекти се оној “confidence boost”, кога не си сигурен што си совладал, а во суштина си многу поспремен отколку што мислиш. Несекојдневна прилика е за почетник, не само да го имплементираш досега наученото туку и да ја искажеш својата идеја и да се претставиш самиот себе како јуниор дигитален маркетер во најдобро светло.
Наум: Точно, работевме на реални примери кои бараа посветеност и ефикасност, но и самата динамика на предавањата бараше интуитивно и брзо да наоѓаме решенија на проблемите или предизвикот, така што практичните вежби играа голема улога во развојот на вештините, иако не бевме свесни во тој момент.
Како се соочувате со предизвиците?
Настасија: Ако нема предизвици ќе биде многу монотоно. Па така јас, лично, предизвиците не ги гледам како закана, туку како можност да ги покажеш способностите кои не си знаел дека ги поседуваш.
Наум: Mислам дека се уште е рано да се каже, почетокот е секогаш тежок, но како тим сме посветени да дадеме се од себе во исполнување на целите иако не чекаат големи предизвици кои што бараат од нас да бидеме агилни и флексибилни на промените со кои што се соочуваме.
Што беше пресудно за вас да ја изберете оваа креативна професија?
Настасија: Веќе подолго време знаев дека сакам да работам во област во која ќе можам цело време да се надградувам. Па поради одреден склоп на околности, сосем случајно се запознав со дигиталниот маркетинг како посебна гранка на маркетингот. Академијата за дигитален маркетинг на Brainster нуди таква програма што ги содржи сите потребни модули за секој кој што сака да има креативна професија.
Наум: Можеби креативноста, но мислам дека тоа не беше пресудно. Едноставно чувствував дека ми е блиско, дофатливо и познато. Како некогашен студент на Економскиот Факултет на УКИМ и долгогодишно искуство во трговија и продажба имав добра идеја што претставува традиционалниот маркетинг и потребата од дигиталните вештини денес и под нови услови. Едноставно мислам дека ми беше природна прогресијата за надградување на сопствените вештини и искуство и воедно ми даде одговори на многу прашања и дилеми кои ги имав на оваа тема.
Доколку те интересира дигиталниот маркетинг и размислуваш за промена на професионален план дознај повеќе за Академијата за дигитален маркетинг на овој линк.
Сите студенти на Академијата, пред да започнат со програмата, имаат единствена можност да проследат бесплатна подготвителна програма преку нашата платформа за учење. Подготвителната програмата би ти помогнала полесно да ги совладаш модулите и задачите кои следуваат на Академијата! Резервирај го своето место на време!