Scrum методологијата е мошне актуелна тема во моментов и се’ повеќе тимови, не само од областа на software development, ја усвојуваат и применуваат. Тоа ни го покажа фактот што мошне често во изминатиов период добивавме прашања кога Brainster ќе започне со обука за Scrum методологијата. Моментот дојде, не само поради интересот, туку и затоа што успеавме да ја најдеме вистинската инструкторка за овој курс. Запознајте ја Олгица Стрезоска.

Олгица, имаш повеќегодишно работно искуство во областа на телекомуникации и IT индустријата и моментално работиш како Product Owner во Холандската компанија Sample Solutions. Што друго би ни кажала за себе?

Првото редовно вработување го имав на свои 19 години и до сега имав доволно време да ‘прошетам’ низ повеќе индустрии и да научам доста работи од секоја од тие индустрии. Од долгогодишното работно искуство сепак како најважна лекција би ја издвоила онаа дека работата е нешто кое што треба најмногу да не исполнува и мотивира да бидеме утре подобри од денес. Цврсто верувам дека секое искуство е добро искуство во животот и дека доколку човек е упорен може да успее во се’ што ќе намисли.

Зошто баш Scrum методологијата, како те заинтересира и зошто е толку интересна и применлива во твојата област?

Имав прилика да се запознаам со принципите на Agile и Scrum и сметав дека она врз кое се базира целата методологија е нешто што е многу блиску до моите принципи и верувања во однос на тоа дека секогаш се дава приоритет на членовите на тимот и на отворената комуникација како помеѓу членовите на тимот така и во самата комуникација со клиентот, се реагира брзо на промени и секогаш крајната цел е да се задоволи клиентот со достава на функционално решение според неговите потреби и барања.

Зошто Scrum методологијата е толку актуелна и барана во последниот период?

Во моментов Scrum методологијата е можеби една од најпопуларните и најприменливи методологии, бидејќи нуди целосно осмислен пристап за водење на проекти со јасно дефинирани улоги и можности за брза реакција при промени од страна на клиентот или пазарот. Се’ поголем број на компании го имплементираат овој пристап бидејќи докажано нуди зголемена продуктивност на тимот, подобра соработка помеѓу членовите на тимот и значително го намалува времето за достава на производот на пазарот.

Што да очекуваат учесниците од твојот курс?

Програмата за овој курс е поделена во 5 дена со цел учесниците на курсот да имаат прилика подетално да се запознаат со основите на Agile и Scrum и да имаат можност да работат на реален пример. Тоа ќе ги подготви веднаш по завршување на курсот да почнат со примена на Scrum пристапот во нивните компании. Последниот ден ќе биде посветен на подготовка за Scrum сертификација и ќе работиме на прашања и делови поврзани со сертификација за Professional Scrum Master (PSM) и Professional Scrum Product Owner (PSPO).