За Цветанка Бурзевска, прва професионална љубов е психологијата. Кариерата ја има започнато во секторот за човечки ресурси но сепак желбата постојано да учи нешто ново спонтано ја одведе во маркетинг водите. Во текот на породилното отсуство ја заврши Академијата за дигитален маркетинг и веднаш по враќањето на работа започна целосно нова кариера. Цеце, како што сите ја знаат, сега кажува дека маркетингот и стана дефинитивно втора професионална љубов поради динамичноста и креативноста на професијата. Моментално работи Email маркетинг во INVK и е digital marketing strategist и психолог во МОДИ Центар во Скопје, а како freelancer работи SEO во 6PRO Маркетинг.

Цеце, ти си психолог по струка. Многу луѓе психологијата и маркетингот ги доживуваат како доста комплементарни професии. Од каде потекнува твојот интерес за маркетинг и како се реши да започнеш со новата кариера?

Интересот кон дигиталниот маркетинг се роди многу спонтано. Психологијата ми беше првичниот избор за студирање и навистина си ја сакам професијата. Но, во принцип јас сум човек што не сака да се задржува само на една работа, сакам да учам што е можно повеќе, па најдов конекција помеѓу психологијата и дигиталниот маркетинг и решив да ги спојам.

Никогаш претходно не сум се интересирала за маркетинг, економија, математика, продажба и се што е поврзано со тоа. Но еден ден во фирмата каде што претходно работев, требаше да помогнам со SEO и ми стана интересно. Подоцна почнав со Social Media, па со Lead gen, па со email marketing, content marketing и веќе беше јасно, влегов и ја засакав професијата.

Ми се виде интересно, креативно и забавно – професија кадешто можам да се изразам, да учам, да се надоградувам, да помагам и нешто кадешто ќе бидам предизвикана! И бев предизвикана – со определба на буџет, управување со него, осмислување на креатива и слогани. Така решив дека крајно време е да стапам во контакт со професионалци од таа област, да научам повеќе и да стекнам професионална самодоверба преку ново знаење. Brainster ми се виде како најдобар избор во моментот и можам да кажам дека дефинитивно не згрешив со одлуката.

За Академијата дознав преку Facebook и ми изгледаа доста сериозни и професионални во тоа што го нудат. Веќе имав претходни знаења од областа на Дигиталниот маркетинг, меѓутоа тоа не беше доволно за да се осмелам и да сменам правец на кариерата. Ми беше потребно да го затворам кругот, да формирам Гешталт 🙂

Додека одеше на академијата во исто време беше и на породилно отсуство. Како успеа да се справиш со овие два нови големи предизвици во исто време?

Не беше воопшто лесно, особено на почеток, но за среќа ја имав поддршката од маж ми и нашите најблиски. Самото одење на предавања не беше воопшто напорно но учењето дома и работење домашни бараше вложување дополнителен напор. Дур доев читав case studies, дур чекав машината да заврши со перење пишував домашни. Маж ми или некој од нашите го чуваа малиот попладне кога одев на часови или кога морав да сработам некој од проектите. Имаше денови кога се прашував „што ми требаше сево ова сега во животот“.

Сепак знаев дека сакам, кога ќе се вратам повторно на работа. да работам нешто што го сакам и уживам во тоа. Не сакав после работен ден од 9 до 5 да доаѓам ментално преморена и да не можам да поминам квалитетно време со моето дете. Затоа бев упорна и решена дека нема да се откажам и дека морам да успеам.

Кои работи најмногу ти се допаднаа на академијата а кои ти беа најголем предизвик?

Дружбата 🙂 Беше особено добро да се излезе малце од дома и времето да се помине со луѓе кои исто како мене сакаат континуирано да учат и се љубопитни. Достапноста на инструкторите, за секое можно прашање и консултација, не само за време на Академијата туку и подоцна. Професионалноста и коректноста во секој поглед и работење на реални проекти. Истите ми беа и најголем предизвик но сметам дека без нив целосното искуство ќе беше доста посиромашно. Можноста веднаш да ги примениме работите што ги учевме, беше клучна за да ја достигнам својата цел и да се почувствувам спремна да влезам посериозно во водите на дигиталниот маркетинг.

Што најмногу ти се допаѓа на новото работно место? На какви проекти работиш во моментов? За каква проекти во иднина сонуваш?

Најмногу ми се допаѓа атмосферата за работа! Работам со позитивни и мотивирани луѓе, со луѓе на кои можам да се потпрам и кои сакаат да споделат знаење и искуство. Работата ми е интересна, динамична и секој ден различна. Се враќам дома и немам чувство дека осум саата сум ги поминала на работа.

Ми се чини дека се движам во добра насока, добивам позитивен feedback, учам многу нови работи. Па, ќе видиме. Имам добро чувство.

Многу луѓе се размислуваат за некаква слична промена на кариерата но не се осмелуваат да го направат првиот чекор. Што би им порачала?

Никогаш не е доцна за промена. Важно е главна мотивација да ти е желбата за работа, на крајот на денот да се чувствуваш исполнето, гордо на својата работа и да ја работиш со леснотија. Многу е важно кога си на работа да заборавиш на времето, ако брзо ти поминува работното време и не гледаш на саатот на секои 5 минути, значи дека работата те исполнува и не те исцрпува – а тоа е најважно – дома да си заминеш како да си бил на пиво. Е ВАКА ми е мене после работното време – Убаво!

 

Доколку размислуваш за промена или започнување на нова кариера, разгледај ги програмите на нашите академии:  Академија за дигитален маркетинг, Академија за програмирање и Академија за дизајн. Уписите се во тек.