Бруцош си. Го наоѓаш факултетот на Google Maps, го фаќаш првиот автобус, стоиш пред капијата ги прашуваш локалните минувачи каде е влезот. Конечно! Ете ја патеката која води до таму.

Ти се гледа како најдолгиот пат некогаш изоден. Крај на август е, сончево и свежо утро, а ти се гледаш себеси како во slow motion смеејќи се сам/а во себе од бескрајна среќа. Тука го започнуваш твојот животен пат. „Ќе го студирам тоа што го сакам и мојот живот започнува-сега!“

Пет години подоцна: „Бруцош сум. Вчера дипломирав. Што сакам? Што сакав? Во која насока да тргнам сега?“

Не си единствениот и не е случајно тоа што ти се случува. Во ред е. Во ред е да се чувствуваш како да немаш идеја што ќе правиш со животот, но следните неколку чекори се многу важни. Она што треба да те плаши е твоето разочарување кое не смееш да си го дозволиш. Запомни дека времето не застана со твоето дипломирање. Всушност тогаш започна. Го имаш цел овој универзум, живееш во најдобрата ера во човештвото, имаш книги, имаш технологија, можеш да патуваш! Се што останува на тебе, е да поставиш доволно јасно цел и да уживаш на патот до неа.

Истражи се себеси

За да се најдеш себе, мораш прво да се побараш. Сакаш да пишуваш, сакаш комуникација со луѓе, те интересира технологија, сакаш да патуваш? Дозволи си некое време за да ги најдеш одговорите на овие прашања. Одлучи во што лежат твоите професионални интереси и разгледај ги сите можности, стекни животно искуство кои ќе ти помогнат да донесеш подобра одлука за насоката на твојата идна кариера. Почни да учиш нов јазик, запиши се на курс или тргни да го истражуваш светот. Додека си млад ја имаш можноста да волонтираш во други држави, да доживееш различни култури и да запознаеш нови луѓе. Преземањето одговорност и време за патување покажува зрелост, храброст, организираност и самостојност. Работењето додека патуваш е уште подобар начин да го збогатиш CV-то и да развиеш голем број вештини. 

Продолжи да учиш

Сега кога знаеш што сакаш, посвети се на учење. Скршни од безбедната рута. Немој да учиш за да ја добиеш работата што мајка ти отсекогаш ја сакала за тебе. Немој ни да очекуваш дека ќе се збогатиш веднаш. Ова е време кога ќе сфатиш дека ништо не е изгубено и дека секогаш ја имаш опцијата да почнеш од почеток. Сигурно мислиш дека учеше 16 години и сега е време за нешто полесно, но знаеш што? Нема ништо полесно од годините поминати во клупа. Тие се однапред структуирани, а тебе ти беше оставено само да репродуцираш факти. Тешко е влегувањето во големиот свет, затоа што тој се менува секој ден. Не престанувај да учиш со изговор дека ти се смачило и да застанеш чекајќи работа “по струка”. Таа нема да тропне на твојата врата и да каже дека почнуваш од утре.

nova kariera

Ризикувај

Преземај ризици. Нема да има подобри години за промена од сега. Реализирај ги своите идеи, започни бизнис, тргни на пат околу светот, пред тој да ги исцеди сите твои надежи и соништа. Вистински разбери ја ситуацијата околу тебе и мапирај го твоето однесување кон нешто што позитивно ќе влијае на тебе во наредните 70 години. Многубројни се примерите на успешни личност кои нивниот успех не им го должат на дипломата од факултет, местото на живеење или успехот на нивните родители. Успешни се поради преземањето ризик и упорност во она што го наумиле. Таков е примерот на нашиот колега Никола – најмладиот програмер во Brainster.

Ако го читаш ова, можеби се плашиш, но истовремено има позитивна еуфорија во тебе. Искористи ја – на вистинско место си. Твојата авантура само што започнува.

Секогаш можеш подобро, знаеш?

 

Related Stories For You