Студентите на Академијата за Software testing се можеби „најразмрданата“ група студенти во Brainster во моментов. Максимално инспирирани, активни и желни за нови знаења, многу брзо кликнаа меѓусебно, па нивните групи на Slack се чисто уживање за следење. Разменуваат знаења и совети, си помагаат и се надополнуваат. Според нашето искуство, тоа е гаранција за успех и најбрз пат до нова кариера. Затоа сакавме оваа заразна инспиративност да ја споделиме со сите вас во серија приказни за нив.
Овој пат зборуваме со Мирјана, магистер по конференциско толкување, којa навреме сфати дека програмските јазици станаа многу побарани и поценети од „обичните“, па реши својата енергија да ја пренасочи во учење на вештини што ќе ѝ овозможат влез во ИТ индустријата. Сега за сега, одлично ѝ оди.
Мирјана, за да те запознаат нашите читатели подобро, кажи ни нешто за себе.
Пред да ви се претставам дозволете ми и јас вам да ви се заблагодарам што ми дадовте шанса да ги споделам своите импресии од Академијата за software testing. Јас сум Мирјана Липковска, имам 29 години, магистер сум по конференциско толкување од англиски на македонски јазик и обратно од Универзитетот „св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Моментално сум вработена како преведувач и толкувач (во Одделот за ЕУ и меѓународна соработка) во Министерството за внатрешни работи, каде што работам веќе 5 години.
Моите секојдневни работни обврски вклучуваат писмен превод, симултано, консекутивно и сите други видови толкување, коресподенција со меѓународни организации, координација на заедничките активности на МВР и разни меѓународни организации од областа на безбедност и спроведување на законот, учество во организирање на меѓународни настани итн.
Покрај љубовта кон јазиците ме карактеризира и љубовта кон уметноста (обожавам да цртам и сликам), природата, животните, а во друштвото и помеѓу колегите сум позната како креативна личност. Помеѓу особините кои можам да ги набројам како свои би ги истакнала и организираноста, одговорноста, способноста за брзо учење, тимска работа.
Каков беше твојот кариерен пат до моментот на запишување на Академијата? Што беше она што те натера да ја избереш токму оваа дисциплина и токму оваа Академија?
Уште пред да завршам факултет почнав главно да се занимавам со писмен превод, а едно време имав можност да ги „тестирам“ и своите професорски способности како професор по англиски јазик, по што сė повеќе почнав да се интересирам и за толкување. Потоа добив стипендија од ЕУ (DG SCIC) за магистерски студии по конференциско толкување со што и активно почнав да се занимавам со толкување, со оглед на тоа што кратко по запишувањето на магистерските студии се вработив во Министерството за внатрешни работи како преведувач и толкувач.
На почетокот од својата кариера како толкувач се чувствував прилично мотивирано но, по сите овие години професионално и напорно работење сфатив дека луѓето едноставно не ја ценат професијата толкување, сметајќи дека процесот е толку едноставен што воопшто не бара размислување и дека секој што знае да каже „Hello“ на англиски би можел да го прави тоа. Токму заради таа нивна перцепција и заради прекумерниот обем на работа и невреднуваниот труд, се „одљубив“ од професијата која претходно ја сметав за огромен предизвик.
Сфатив дека повеќе не ме исполнува и дека ми е потребен нов предизвик во кариерата. Почнав да мислам дека можеби би било добро да почнам да учам нешто ново, нешто што би ме исполнувало, што би ми одговарало на карактерот, а истовремено нешто за кое постои побарувачка на пазарот.
Почнав да разгледувам опции да додадам можеби некој нов јазик во мојата јазична комбинација и тогаш сфатив дека „обичните“ јазици веќе не се „ин“, сега во подем се програмските јазици. Од таму ми се роди идејата да ги разгледам курсевите на Brainster, затоа што во мојот идиолект Brainster е синоним за успешна преквалификација, збор кој го научив слушајќи за познаници кои излегле од клупите на Brainster за успешно да заземат свое биро во некоја од успешните ИТ фирми во Македонија.
Разгледувајќи ги академиите на Brainster во очи ми падна токму оваа Академија за софтвер тестирање, затоа што имам блиски луѓе кои се занимаваат со тоа, а истовремено имам преведувано и некои тест сценарија, барања од клиентот (customer business requirements) и слични документи, па некако ми звучеше познато и интересно. Ја отворив програмата и ја продискутирав со една блиска личност што се занимава со тестирање и тој ме охрабри дека и јас би можела да се снајдам во оваа професија.
Какво е искуството на Академијата до сега? Како напредувате низ материјалот и каква е атмосферата?
Искрено, супер е. Пред да почнеме со часовите ми беше страв дали ќе се вклопам, дали ќе можам да останам во чекор со луѓето кои имаат повеќе познавања од ИТ областа од мене, дали ќе се снајдам и слично, но уште од првиот час сфатив дека тој страв е неоправдан. Увидов дека професорите и асистентите се толку посветени, темелни во објаснувањата, толерантни, отворени за прашања од студентите во секое време и тогаш сфатив дека нема простор за паника. Од колегите научив дека не треба да се срамиш кога не знаеш нешто и да прашаш за нешто и драго ми е што уште од самиот почеток се почувствува некоја синергија во групата и што сите колеги се расположени да си помагаат еден на друг и се отворени за тимска работа.
Поради вонредните услови, сите Академии на Brainster се префрлија во виртуелна училница. Сподели ги твоите впечатоци од виртуелната училница, за сите оние кои се мислат дали да го искористат периодов за учење нови вештини?
Еден мал совет до сите затворени дома што се мислат дали да го прифатат предизвикот на виртуелна училница – верувајте нема попаметно искористено време од учењето на нешто ново и тоа во домашни услови. Наместо да дојдете дома и да не знаете што со себе, инвестирајте во самите себе и во своето знаење. Ако тргнам од својот личен пример и направам споредба на моето однесување пред и по курсот гледам дека порано ќе дојдев дома и ќе си го потрошев слободното време залудно на серии, филмови или онлајн игрички, а сега едвај чекам да се вратам дома после работа и да го вклучам линкот за новото предавање. Кога сум на предавање се чувствувам корисно, а истовремено добивам и гратис време за себе (во тие 2 часа сум ослободена од сите други домашни обврски ☺ ).
Предавањата кои се одвиваат во живо се прилично интерактивни и може да се каже дека се дури и поефективни од предавањата кои се одвиваат во реална училница. Покрај тоа, ми се допаѓа што сите предавања се снимаат и се споделуваат со нас, па доколку од некоја причина не сум сконцентрирана за време на часот, не ми е денот или едноставно се соочувам со технички пречки, секогаш можам да се навратам на делот од часот кој сум го „пропуштила“.
Ти си пример за личност која без претходно искуство во ИТ индустријата, успешно се вклопуваш во следењето на наставата и решавањето на сите предизвици кои од тебе се бараат. Кои се вештините и карактеристиките што треба да ги поседуваш за да си сигурен дека би можел да го совладаш материјалот без разлика што немаш претходно искуство?
Па мислам дека тука клучна улога играат посветеносата, самомотивираноста и љубопитниот ум. Мојата филозофија кога пристапувам кон нешто ново е целосно да се посветам на тоа нешто и да се „внесам“ во тоа колку можам повеќе. Надвор од предавањата, нормално зависно од тоа колку времето ми дозволува, постојано пребарувам, читам и вежбам на темата којашто моментално ја работиме на час. Вложувањето на само дополнителен 1% од својот труд и од своето време секогаш се исплаќа на долг рок. Сметам дека, во овој случај, таквиот дополнителен труд ќе надомести за недостатокот на практично искуство во ИТ индустријата.
Што би им порачала на сите што размислуваат да променат кариера во моментов?
Можеби ќе звучи како клише, ама верувам дека секој што чувствува дека може многу повеќе од она што му се припишува не треба да го игнорира тоа чувство и да остане во „зоната на комфорот“ само затоа што таму му е удобно и се чувствува сигурно. Потребна е само мала храброст (и нормално поддршка од најблиските) за да се направи тој leap of faith.
Во денешно време, кое нуди толку многу можности, едноставно секој заслужува да го работи тоа што го сака и го исполнува, бидејќи тоа е единствениот начин да го достигнеме врвот во нашата кариера.
Уписите на Академијата за software testing се во тек. Следните групи започнуваат на 15-ти мај, а останати се уште 4 слободни места. Резервирај го твоето уште денес.