Во оваа блог објава, ќе ги запознаете Ана, Тања и Ана – едни од најактивните студенти на нашата Академија за дигитален маркетинг, а воедно и оние коишто покажаа голема амбиција и посветеност за време на предавањата, а тоа резултираше со успешно совладување на сите дадени предизвици кои произлегоа за време на часовите. Тие постојано работат на своите вештини и константно се надградуваат како на личен, така и на професионален план.

Со цел да ја комплетираат програмата на Академијата за дигитален маркетинг, студентите имаа предизвик да ги изработат своите завршни проекти. Под менторство на нашиот инструктор – Дијана Десподов, работеа напорно на реален проект за реален клиент. 

Овој тим имаше задача да изработи целосна дигитална маркетинг стратегија за Отворена Порта – Ла Страда.

Ла Страда е здружение кое презема акција против насилство и трговија со луѓе и работи 20 години на превенција, едукација, помош, поддршка, како и застапување на жртвите од трговија со луѓе и сексуално насилство. Организација која им дава глас на најранливите.

Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на Ана Вукашиновиќ Атанасовски, Ана Георгиевска и Тања Чатлеска.

 

За задоволството од соработката, клиентот Ла Страда ни сподели:

Менувањето на перцепцијата на јавноста за волку специфична тема е многу тежок залак. Отворена Порта веќе 20 години активно работи на темата превенција на трговија со луѓе и мило ни е да кажеме дека и студентите на Brainster ни помогнаа и станаа дел од оваа кауза. Оваа соработка не само што на нас како организација ни помогна да ги промовираме нашите активности и да едуцираме повеќе луѓе на темата, туку и веруваме дека ќе даде значителен придонес во покренување на свесноста за оваа тема во целата заедница. 

 

 

Во продолжение си поразговаравме со тимот за нивниот реален проект и искуството на Академијата за дигитален маркетинг

 

Здраво тим! Вие сте едни од најактивните студенти на Академијата за дигитален маркетинг, кои покажаа голема заинтересираност кон дигиталниот маркетинг и не ја пропуштија можноста да учествуваат на проектите. Што би ни кажале за себе?  

Ана Г: Креативец со бујна фантазија кој го избра патот на дигиталниот маркетинг за да ги оствари своите амбиции. Сакам естетика и минимализам и уживам да готвам.

Ана В. Атанасовски: Амбициозна и компетитивна личност која се стреми за перфекција иако знае дека не постои. Не може да живее без авантура и адреналин, затоа секогаш е надвор од комфорната зона.   

Тања Чатлеска: Моето осново мото е „Човекот учи додека е жив“, па така и јас уживам во истражување, читање, пронаоѓање на нови начини за решавање на проблеми. Животот го доживувам како една отворена книга и секогаш сакам да ги поместам границите.

 

Со цел да ја комплетирате Академијата за дигитален маркетинг, требаше да изработите завршен проект за клиентот Ла Страда. Како работата на реален проект за реален клиент ви помогна да ги развиете своите вештини?

Преку работата на реални проекти се добива претстава како целото знаење се применува во реалност. Се стекнува искуство, практично знаење, учиме како да ги решаваме проблемите и како да комуницираме со клиентот. Притоа, секој согледува во кој дел од процесот најмногу се пронаоѓа, што многу помага во понатамошното градење и насочување на кариерата. Задоволството од добро завршената работа е само бонус.

 

 

Раскажете ни повеќе за овој проект и идејата зад него.

Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта” е здружение кое 20 години работи на превенција, едукација, помош и поддршка, како и на застапување на жртвите од трговија со луѓе и сексуално насилство. Идејата на целиот проект беше да се подигне свеста на народот дека и во Македонија постои трговија со луѓе и дека сексуалната трговија е само мала капка во океанот, како и будење на институциите за овој тип на проблематика. Беше побарано од нас да спремиме целосна маркетинг стратегија, дигитална и традиционална. Се започна од состаноци и дефинирање на таргет групи, идеи, вижуали и ПР за целата кампања. Најинтересниот дел беше смислување на герила акција која бара будење на креативноста од друг агол.

 

Како се одвиваше целиот процес? Која беше целта што требаше да ја постигнете?

Целиот процес започна со бриф од клиентот, односно – Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта”. Бидејќи се работеше за сензитивна тема, имавме и дополнителни средби за подлабоко да ја сфатиме целта која требаше да се постигне. Всушност, се работеше за повеќе цели, но најважната беше да се подигне свеста на јавноста за проактивна идентификација на жртвите на трговија со луѓе. Самата тема си налагаше многу истражување и секако, совети и насоки од вработените на Здружението, но и од менторот Дијана Десподов, кои многу придонесоа за успешно завршување на проектот. 

 

 

Кои беа вашите задачи при креирање на оваа маркетинг стратегија? 

Главна задача беше да се направи кампања на традиционални и дигитални медиуми со цел промовирање на активна идентификација и пријавување на можни случаи на трговија со луѓе или со други зборови, дефинирање на таргет групи, смислување на слоган за билборд, copy и идеи за вижуали за објави, ПР текстови, календар на случувања и објави. 

 

Какво беше чувството да работите на еден ваков реален проект? 

Пред сѐ, благодарна сум на целокупната соработка која ја добивме од страна на Ла Страда и Brainster. Покрај редовните сесии кои ги имавме со клиентот имавме и можност да присуствуваме на нивно предавање на кои ни беа презентирани краткометражни филмови, со цел да ја разбереме проблематиката со која се соочуваат. Основната цел ни беше да привлечеме внимание на јавноста и на институциите, што за нас беше огромен предизвик. Самиот процес на осмислување на маркетинг стратегија и вклучување на герила активности нѐ натера да размислуваме на поинаков начин кога е во прашање трговија со луѓе. И верувајте, после оваа кампања, сфативме колку многу сите сме изложени на овој проблем, но не сме свесни.

 

 

Дали се појавија одредени предизвици во текот на вашата работа? Како успеавте да ги надминете?

Да се работи на сериозен проект како што е овој е предизвик самиот по себе. Одзема време во истражување, но тоа е патот до успехот, нели. 🙂 Имавме одличен клиент кој се потруди на најдобар начин да нѐ обучи и да нѐ спреми за зададената тема, како и феноменален ментор, Дијана Десподов, која е професионална и секогаш достапна, па нè враќаше на правиот пат секогаш кога ќе скршневме. Напорна работа, упорност и забава е клучот до успех.

 

Што ве мотивираше да започнете да градите кариера во светот на дигиталниот маркетинг?

Како креативни луѓе, сакаме промени, сакаме да работиме во индустриите каде што промените се чести. Дигиталниот простор брзо се менува, платформите и алатките за работа често го менуваат начинот на функционирање, некои се гасат, некои се појавуват одново, а некои само ги подобруваат своите перформанси. За да се следат сите промени потребно е константно учење и усовршување на вештини, а тоа баш одговара на нашите личности. Во дигиталниот маркетинг постојат толку многу можности за учење на нови и интересни работи.

 

И за крај, најважната лекција што ја научивте до сега од предавањата?

Без оглед на сите предизвици кои ги имаме во животот (професионално и приватно), кога нешто навистина сакаме, можеме лесно да го постигнеме само доколку веруваме во себе. Сите совети кои ги добивме од предавачите успеавме да ги примениме и практично што за нас преставува голем успех.

Имавме прекрасни ментори во текот на Академијата кои ни покажаа дека вреди да се ризикува за да откриеш на што сè си способен.  Научивме дека амбицијата е патот до успехот, а истрајноста е превозното средство кое ќе те однесе до таму. 

 

Уписите за следната група на Академијата за дигитален маркетинг се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето на време!

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!