Едно од засилувањата во маркетинг тимот на Brainster е Љубица Атанасова, лицето кое стои позади креативните содржини на нашите социјални медиуми. По завршувањето на Академијата за Дигитален маркетинг, беше на неколку месечна пракса кај нас, а сега веќе работи како junior digital marketer во нашиот тим.
Прочитајте што ни сподели Љубица за нејзиното досегашно искуство и нејзината улога во нашиот маркетинг тим.
Како би можеле да те претставиме на читателите – Која е Љубица?
Здраво на сите 🙂 ! Јас сум Љубица Атанасова, дипломиран менаџер по бизнис логистика, алумни од Академијата за дигитален маркетинг и по ново, член на маркетинг тимот на Brainster. За себеси би кажала дека сум личност која не се откажува лесно и ќе го исполни замисленото, па макар и да е крај на светот. За мене, интегритетот и исполнувањето на зборот вредат најмногу.
Го ценам слободното време и сакам да го поминувам подалеку од социјалните мрежи, бидејќи мојата работа бара постојано да си online. Иако сум огромен љубител на серии и знам да изгледам по една сезона во ден, понекогаш ми е потребно да се изолирам за да си ги наполнам батериите шетајќи во природа или вежбајќи.
Обожавам животни, имам мачор којшто е со мене уште од првиот ден на Академијата и ги има ислушано сите предавања, па сега ми е „колега“ додека работиме од дома. Исто така, во мојата соба има повеќе од 20 собни растенија и нивниот број не застанува тука, што на некој начин ме прави crazy plant lady. 🙂
Три зборови кои те опишуваат.
Passionate. Perfectionist. Dependable.
Ти беше наш студент на Академијата за дигитален маркетинг. Неколку кратки прашања на оваа тема. Најпрво: Како ни дојде во Brainster?
Во Brainster дојдов како студент на Академијата за дигитален маркетинг со огромна амбиција и желба за успех. Цврсто бев решена дека дигиталниот маркетинг е професијата во која што сакам да се градам и развивам како личност, но ми беше потребно време за реализација на оваа одлука. Постојано истражував и ги разгледував програмите кои што ги нудат Академиите кај нас, за на крајот да се одлучам за програмата која беше најсоодветна за да дојдам до супер кариера.
Ова беше највозбудливиот и најтурболентниот период од мојот живот. Само што се запишав на Академијата за дигитален маркетинг, започна пандемија на глобално ниво. Иако бевме во неизвесност, во време кога се затворија училиштата ширум светот, Brainster не застана пред предизвикот и направи успешна транзиција кон виртуелна училница без да го намали искуството и задоволството на нас – студентите.
Зошто баш дигитален маркетинг? Што те натера да ја избереш оваа професија?
Имам завршено средно економско училиште и таму ми беше првата допирна точка со традиционалниот маркетинг, каде учевме за основите на маркетингот, истражување на пазарот, неговото сегментирање и однесувањето на потрошувачите. Ми беше интересно, но остана само на тоа.
Потoа, дур студирав, се запознав со маркетингот на пазарот, за традиционалните и современи принципи, а љубопитноста да научам нешто повеќе се врати назад поголема од било кога. Постојано читав и истражував на таа тема и така дознав за дигиталниот маркетинг.
Повеќе не се пронаоѓав во струката која што ја имав одбрано и сакав да се пренасочам, да станам дел од дигиталниот свет, учејќи ги најбараните дигитални вештини во моментот и го одбрав дигиталниот маркетинг како професија во која што сакам да се развивам на личен и професионален план.
Добив бескрајна поддршка од моите родители и брат ми, кои секогаш веруваа во мене. Ме научија да не се откажувам од соништата и да верувам дека можам да постигнам сѐ!
Дигиталниот маркетинг ме фасцинираше бидејќи е динамична индустрија, витална гранка за успехот на сите бизниси, место каде што ќе можам да ја користам својата креативност и да допрам до пошироката јавност градејќи ја приказната на брендот преку креирање на вредности.
Во кој дел од дигиталниот маркетинг најмногу се пронаоѓаш?
Моја најголема страст е контент маркетингот и маркетингот на социјални медиуми. Обожавам да креирам и раскажувам приказни кои допираат до поширока јавност. Ова беше љубов на прв поглед и ми се појави на предавањата што ги држеше Ива Дујак која секогаш беше позитивна и пленеше со харизма. Ми беше сон да креирам контент, а сега веќе го работам тоа. Голема благодарност до професорката за споделеното знаење. ❤️
Својата кариера како дигитален маркетер ја започна токму во Brainster. Раскажи ни го на кратко твоето Brainster journey од ден еден до денес.
Мојата кариера како дигитален маркетер започнав да ја градам во Brainster на практикантска позиција, веднаш по финалниот проект и презентацијата со којашто се комплетира програмата на Академијата за дигитален маркетинг.
Ми беше дадена „once in a lifetime opportunity“ што решив да ја искористам и да покажам сѐ што дотогаш имав научено. Местото каде што ги стекнав вештините на еден дигитален маркетер е и местото каде што понатака ќе ги развивам. На почетокот ми делуваше предизвикувачки и чувствував страв во поглед на тоа дали ќе ги исполнам очекувањата, но поради енергијата која што владееше во компанијата, успеав брзо да се вклопам и лесно да соработувам со сите.
Огромна благодарност до Дарјан Раденковиќ и Стефан Смиљаноски затоа што направија почетокот на мојата кариера да не изгледа толку застрашувачки и што несебично ми пренесуваа делови од своето знаење. Без нив немаше да стигнам до овде.
По неколку месеци вложен труд, од практикант стигнав до позицијата на Junior Digital Marketer и да бидам дел од маркетинг тимот на Brainster.
Ти си дел од маркетинг тимот. Опиши ни ја атмосферата во тимот.
Teamwork makes the dreamwork!
Огромна чест и задоволство ми е да бидам дел од заедницата на Brainster и да учам од докажани професионалци со богато искуство кои стојат на располагање за совет и поддршка во секое време.
Маркетинг тимот на Brainster е составен од мене – Љубица Атанасова, Вилијам Додевски и нашиот CMO, воедно и ментор Стефан Смиљаноски. Ние сме тим кој работи со полна пареа и се движи кон заедничка цел, извршувајќи ги активностите колку што е можно поефективно и поефикасно.
Атмосферата во тимот би ја опишала со еден збор: хармонија. Секој работен ден ми претставува задоволство и си ја обожавам работата. Иако сите работиме на различни позиции и имаме различни активности, си го чуваме грбот и имаме големо разбирање помеѓу нас. Постојано сме во комуникација еден со друг за координација и консултација. Заедно се состануваме еднаш неделно каде што споделуваме информации за нашите активности, ги делиме одговорностите, градиме стратегии, промовираме позитивна култура и преземаме активности за надградување на нашите вештини. За работа во тим, од суштинско значење е довербата и можноста да имаш на кој да се потпреш кога се соочуваш со предизвик.
Столбот на маркетинг тимот, нашиот ментор е Стефан Смиљаноски. Го запознав додека бев студент на Академијата за дигитален маркетинг каде што ни предаваше на модулот Social Media Advertising. Можам да кажам дека тој е главниот виновник за хармонијата на нашиот тим. Секогаш има трпение, ни стои на располагање за помош и совет и се труди да нѐ научи нови вештини. Дури и кога се случуваат грешки, неговиот пристап е полн со разбирање што те мотивира да го достигнеш и извадиш максимумот од себе.
Како изгледа еден твој работен ден? Кои се твои главни задачи? Кои се моментите во кои највеќе уживаш?
Животот на еден дигитален маркетер започнува прилично рано, доколку сакате да ги завршите сите тековни обврски навремено и без притисок. Работата ме научи да си го организирам и планирам времето до последна секунда со цел да го искористам најпродуктивно.
Моите главни задачи се поврзани со контент маркетинг, маркетинг на социјални медиуми, email маркетинг, градење на стратегии и сл.
Секој ден ми започнува со проверување на email-от, проверување на социјалните мрежи, како и читање и одговарање на пораките. Потоа, ги разгледувам табелите за тековни обврски и правам листа на задачи кои што треба да ги завршам редејќи ги според приоритет, за да се запазат роковите. Правењето на план и распоред за објавување на контент е од суштинско значење во маркетингот.
Следат состаноците со целиот тим на Brainster, па потоа со мојот тим – маркетинг тимот. На овие состаноци разговараме за перформансите, резултатите и се координираме за поефикасно да ги завршиме целите и да ги исполниме таргетите.
По состаноците, започнувам со најинтересниот дел од мојата работа, креирање на контент. Пишувањето на контент не е толку лесно како што изгледа. Тоа е процес на: дефинирање на идејата и нејзината цел, истражување на темата и собирање на потребните информации, разбирање на buyer persona-та, користење на нејзиниот ton of voice, избор на дизајн и носечка креатива, избор на контент формата и структурата, за на крај да се стигне до пишување на самиот текст, негово подредување и едитирање.
Откако ќе го напишам контентот, можам да кажам дека го проверувам збор по збор и го читам повеќе од 100 пати бидејќи знаат да се случат и ненамерни грешки од брзање. Откако е сѐ средено, време е да се закаже објавата и да се сподели со јавноста. Во меѓувреме, се спонзорираат објавите, се прават кампањи и се следат метриките.
Исто така, голем дел од денот поминувам на социјалните мрежи анализирајќи го однесувањето на луѓето. Сметам дека социјалните мрежи се најдобар начин за интеракција со публиката и за градење на еден бренд. Обожавам кога има фидбек од страна на публиката и кога гледам позитивен резултат од активностите коишто ги преземам.
На крајот од денот, пишувам извештај за задачите кои ги имам завршено, го ажурирам статусот на активностите и ги пополнувам табелите со наредни обврски коишто треба да се спроведат.
Кој е најголемиот предизвик со кој што се имаш соочено до сега?
Најголем предизвик со којшто се соочував на почетокот беа времето и роковите. Иако најдобро работам под притисок и тогаш успевам да го дадам најдоброто од себе, решив дека повеќе нема да брзам. Од брзање можат да се случат многу ситни грешки кои се безопасни, но сепак се грешки, а јас сум перфекционист. Затоа, се будам и заспивам со поставување на приоритети и планирање на времето. 🙂
Најбитна лекција што ја научи на Академијата?
Најважната лекција којашто ја имам научено на Академијата за дигитален маркетинг е дисциплина. Мотивацијата сама по себе не е доволна за да се постигнат целите, ниту е возможно да останеме мотивирани секој ден. Затоа дисциплината е една од најважните карактерни особини во животот на луѓето. Збир на правила и прописи кои сами си ги креираме за успешно да се фокусираме и да ги завршиме задачите и активностите. Успехот не се постигнува преку ноќ.
За крај – твоја препорака до сите оние кои што размислуваат за кариерна промена и насочување во сферата на дигитален маркетинг?
Мојот совет за сите коишто размислуваат и посакуваат да направат кариерна трансформација во сферата на дигиталниот маркетинг е: Почнете веднаш. Почнете со тоа што го имате. Без разлика на страв, без разлика колкав предизвик е пред вас. Сите сме почнале од почеток, од нула. Никогаш не се откажувајте од своите соништа! Успехот не е случаен и не може да ви го земе никој.
Make it happen, shock everyone!
Доколку сакаш да си дел од Digital Marketing заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.
Поради голем интерес се отвораат нови групи! Останати се само уште 10 слободни места! Аплицирај веднаш и започни со учење во мај!
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!