На Академијата за дигитален маркетинг и Академијата за графички дизајн, студентите постојано работат на реални проекти за реални клиенти кои стануваат дел од нивното портфолио. На овој начин, не само што тие учат како е да се работи во вистинска средина и да се добие вистинско искуство, туку имаат и можност да го покажат целокупното знаење и да ги надградат своите вештини.

Последниов проект на кој тие работеа беше од огромна важност за нив како идни генерации на успешни маркетери и дизајнери бидејќи ги сплоти нивните знаења и сили, градејќи продукт кој беше спроведен и лансиран по еден месец работа.

На овој начин на работа, тие имаа можност нивниот труд да се имплементира, а со тоа и да добијат реален фидбек за нивните реклами, генерирањето на лидови, контентот на социјалните медиуми, креативите и дизајните од пошироката јавност. Но, најбитно од сѐ е тоа што тие учат да соработуваат со различни профили и карактери на луѓе и тимски да ги надминат сите предизвици.

Овој пат, реалниот проект на кој студентите од Академијата за графички дизајн и Академијата за дигитален маркетинг работеа беше Our Mind, за кого требаше да направат целосна маркетинг стратегија и бренд идентитет.

Our Mind е комплетно интегрирана онлајн платформа чија цел е да ја побие табу темата за одење на разговор со психолог и е тука да им помогне на сите оние кои се соочуваат со било каков предизвик во животот. На оваа платформа, луѓето можат да поразговараат со професионалци и да добијат совети, консултации и поддршка за различни теми со цел подобрување на целокупното ментално здравје.




Како настана Our Mind ?

Целиот процес на лансирање и градење на продукт кој ќе биде достапен за јавноста, започна со 5 студенти од Академијата за дигитален маркетинг и 4 студенти од Академијата за графички дизајн, кои имаа 1 месец рок да го направат целиот брендинг и маркетинг стратегијата, а потоа дополнително уште 1 месец за advertising на нивните маркетинг кампањи.

Приказната започна со идејата и брифингот од страна на клиентите, Маја и Стефан, каде ги запознаа студентите со целата нивна бизнис идеја и им кажаа точно кои се нивните очекувања, но им дадоа целосна слобода да ја изразат својата креативност. По ова, тие имаа неколку менторски сесии со Ива Дујак, каде што имаа brainstorming сесии двата тима (маркетинг и дизајн) со цел да се сихронизираат и да си ги поделат одговорностите. 

 

Кои беа задачите на маркетинг тимот?

Маркетинг тимот по брифингот започна со нивното прво истражување, односно детална анализа на конкуренцијата, SWOT анализа и ги одредија своите Unique Selling Propositions.

Вториот чекор беше да се размисли за приказната која ќе стои позади името Our Mind, а исто така и мисијата и визијата на платформата.

Потоа следеше и второто истражување за анализа на пазарот. Студентите од Академијата за дигитален маркетинг направија анонимен прашалник кој ги сочинуваше сите прашања поврзани со персоналните карактеристики и секојдневните навики на македонскиот народ. На тој прашалник, тие добија околу 800 одговори. Оваа анализа им послужи за да можат да ги формираат своите buyer персони и да го одредат тонот и начинот со кој ќе комуницираат кон публиката.

Откако го завршија овој чекор, започнаа со креирањето на контент за социјалните медиуми. По долга анализа и истражување на facebook, instagram и блогови на тема психологија, дојдоа до заклучок дека на ова сѐ уште се гледа како табу тема. Па, затоа тие ги поделија своите објави на едукативни, мотивациони, продажни и претставување на психолозите. 

Наредниот чекор беше тизер кампањата, која требаше да допре до публиката и да ја заинтересира дека нешто ново ќе се случува. Првиот пост им беше со реченицата „Остави ме, не ми се збори“, а преку неа сакаа да постигнат секој што ќе се пронајде или ќе се заинтересира за приказната, да ги заследи на facebook & instagram, со цел да стекнат повеќе органски следбеници и engagement.


Следен предизвик со кој тие се соочија беше градењето на лендинг страната која ја работеа заедно со дизајн тимот. Маркетинг тимот беше ангажиран за темелите и содржината на страната, односно сѐ што беше потребно за да ги генерира лидовите, додека дизајн тимот беше тука да ги претстави идеите на маркетерите во прекрасни креативни решенија.

По целиот овој процес, маркетинг тимот продолжи да работи на овој проект уште еден месец и негова задача беше да пушта реклами преку facebook ads manager и исто така да ги следи како тие перформираат. Организираа и три бесплатни вебинари на платформата, за кои тие креираа контент, додека Јована од дизајн тимот креираше дизајни.


Како започна дизајн тимот со креирање на логото?

Што се однесува на дизајн тимот и нивната работа на овој проект, целиот процес започна со креирање на логото и целиот брендинг. На првиот состанок со Маја и Стефан, добија слобода во однос на дизајнот на логото за Our Mind, но исто така добија и примери за логоа кои им се допаѓаат и бои кои би сакале да се искористат во самото лого.

Процесот на изработка на дизајнот на логото започна со онлајн истражување на интернет и црпење на идеи за лого. Најважното беше прво да се избере типографијата односно фонтот, каде потоа многу лесно се креираше и симболот за самото лого. Тие решија Our Mind да се состои од типографија и симбол. 

Бидејќи се работи за онлајн платформа за млади психолози кои нудат стручни совети, предавања и обуки за менталното здравје, сакаа логото да има симбол кој ќе асоцира на тоа. 

Симболот на Our Mind е составен од глава (буквата О од делот Our) која ја претставува човековата глава и една „чкртка“ (која така ја именуваа дизајнерите) т.е. мисла која е симбол за испреплетените мисли и менталната хигиена. Со тоа студентите од Академијата за графички дизајн ја претставија улогата на Our Mind и нивната цел да им помогнат на оние кои имаат „испреплетени мисли“.

 

Нивниот следен чекор беше палетата на бои. Решија да има 3 примарни бои: зелена портокалова и беж/слонова коска, каде секоја од боите претставуваше некој дел од менталното здравје. 

Зелената боја е бојата на животот, обновата, поврзана со раст, хармонија, безбедност, која помага во ублажување на анксиозноста, депресијата и нервозата. Портокаловата боја значи топлина, промена, решителност, здравје, среќа, слобода и сл. Додека пак, беж бојата е неутрална, смирувачка и релаксирачка и симболизира енергија и сила, опишува етичко однесување и способност за надминување на секој проблем.

Откако завршија со изборот на бои и креирањето на логото со неговиот симбол, следната задача беше креирање на целосниот брендинг концепт за Our Mind, односно дизајн за социјални медиуми, дизајн за контентот кој ќе се објавува, како и дизајн на веб страната и лендинг страницата.

Исто така, студентите од Академијата за графички дизајн, по бои ги поделија и објавите, каде што со зелена боја се претставени продажните постови, со портокалова боја се мотивационите, со беж боја се едукативните, а психолозите се претставени на бела позадина.

По ова, следен беше дизајнот на целата лендинг страница на која работеа заедно со маркетинг тимот бидејќи тој им даваше насоки што треба да содржи страната. За на крај да се дојде до еден функционален продукт којшто се лансираше во јавност.

Честитки за сработениот проект!
Горди сме на студенти кои не се плашат да превземат предизвици и успешно да ги надминат!
Огромна благодарност до менторката Ива Дујак, која им беше на располагање на студентите во секое време за совети и консултација, а исто така што и постојано ги мотивираше! 

 

 Во продолжение можете да прочитате што ни споделија студентите за спроведувањето и лансирањето на овој продукт:

 

Стефан Шевченко

Барањата на клиентот беа прилично јасни. Од нашиот тим се очекуваше да се изгради целиот бренд на компанијата од почеток – од нула. Тоа вклучуваше дизајнирање на лого, слоган, креирање на соодветна маркетинг стратегија и сѐ останато што е потребно за успешно лансирање на еден бренд.



Шансата што ја добивме да работиме на еден ваков проект беше одлично искуство за сите нас како дигитални маркетери. Сите алатки и знаења кои ги научивме за време на Академијата за дигитален маркетинг, успешно ги имплементиравме. Покрај тоа, се збогати нашето знаење и искуство. Едно од најубавите чувства е тоа што целиот проект се однесува на тоа дека Our Mind е платформа којашто е створена да помага на луѓе, а ние бевме дел од почетокот на таа приказна.

 

Јасмина Герговска

Не знаев колку искуство имам стекнато од Академијата за графички дизајн сѐ додека не започнав да работам како графички дизајнер и сфатив колку многу имам научено. Знаењето што го стекнав со сигурност претставува одлична основа за секој дизајнерски предизвик. Нашите ментори се професионалци во работата и несебично умеат да го споделат нивното знаење за време на предавањата, а и надвор од нив.


Идеите се насекаде околу нас. Нашата работа е да препознаеме што е потребно, а што треба да се отфрли уште од самиот почетокот. Инспирацијата ја црпевме од животот, а најмногу од моменталната ситуација затоа што таа е најголемиот непријател на менталното здравје, особено овој период. Според мене, како дизајнер, клучно е пред процесот да се запознаеш добро со тематиката на тоа што треба да го сработиш.

 

Јована Нешова

Целиот процес при креирање на логото и целиот брендинг на Our Mind течеше супер. Уште на првиот состанок за проектот, Маја и Стефан ни дадоа одврзани раце во однос на дизајнот на логото, а ние со взаемни сили и со помош на маркетинг тимот, успеавме да го направиме. Логото требаше да пренесува и да асоцира на топлина, хармоничност, мир, спокој.. во нежни тонови и бои.

Процесот за изработка на дизајнот на логото започна со истражување на интернет и црпење на идеи за лого (Behance, Dribbble, Pinterest..). Клучно и најбитно беше прво да се одбере типографијата односно фонтот, каде потоа многу полесен беше начинот да се креира и симболот за самото лого.

 

 Маја Додева

Бизнисот се однесува на менталното здравје, психологијата, кои се многу осетливи теми за разговор, поготово на социјалните медиуми. Ни требаше многу време во истражување и размислување за контентот и пристапот кон публиката бидејќи луѓето на кои им е потребна ваква помош се многу чувствителни.




Искуството кое произлезе од работата на овој проект беше како соочување со реалноста. Едноставно, сѐ што научивме на Академијата за дигитален маркетинг го применивме во реална ситуацијата и ни помогна да научиме многу повеќе.

 

Марија Мишева

Проектот самиот по себе беше огромен предизвик. Да се работи на проект кој има „поделикатна“ тема беше првиот предизвик за нас како студенти кои штотуку завршиле Академија. Самиот процес не беше толку едноставен бидејќи првпат работевме на нешто реално, од почеток. Но, морам да кажам дека моментот на одлична соработка и разбирање помеѓу двата тима и клиентот, направи да уживаме во процесот и да ги надминеме сите предизвици.

Клиентот беше јасен и концизен во своите барања. Имаа јасна идеја за брендот, што тој претставува, кои услуги ги нуди, што е многу позитивно при целиот процес на соработка. Сите имавме јасна цел од самиот старт, што се очекува од нас и што треба да исполниме.

 

Моника Јовановска

Чувството да се работи на реален проект е секогаш интересно и возбудливо. Притисокот проследен од роковите секогаш ми создава една позитивна еуфорија во која се обидувам да извлечам максимум од себе. Бев сведок на одлични реакции од јавноста и сметам дека е успешно лансиран проектот, горда сум на тимот во кој имав можност да бидам дел.



Академијата за графички дизајн за мене беше едно прекрасно искуство и сум благодарна што имав можност да учам од одлични ментори кои ни го пренесуваа знаењето несебично. Мислам дека е супер основа и припрема за понатамошно развивање на кариера како графички дизајнер.

 

Виктор Петковски

Brainster си има свои начини на распределба на студентите на проекти кои би одговарале на нивните афинитет, и со овој проект уште еднаш докажа дека знае и умее како да го извади максимумот од сите нас. Почетокот не беше многу тежок, од причина што знаевме дека ја имаме целата поддршка од страна на Академијата во случај ако заглавиме некаде.



Тимот на Brainster беше тука за нас буквално 24/7. На моменти навистина бев воодушевен од нивната респонзивност, за викенди за празници, тука беа за време на целото мое искуство како студент на Академијата. Умереноста, професионалноста и етичкиот пристап во комуникација и пренесување на знаење кон студентите е за огромна почит!

 

Деспина Спировска

Ова беше проект со кој ние како тим успеавме да поминеме скоро сѐ што може да помине еден маркетер кој работи во една маркетинг компанија. На самиот старт започнавме со истражување на публиката и конкуренцијата, со цел правилно да го позиционираме нашиот бренд, па се до креирање на целосна маркетинг стратегија, раскажување на приказната за брендот, креирање на соодветна кампања, контент содржина за социјалните медиуми итн.

Мора да признаам дека задачата не беше лесна, но затоа со нашиот ментор – Ива Дујак работите беа полесни. Ива секогаш насмеана и позитивна беше тука за тимот да нѐ насочи и мотивира кога беше најпотребно. Да лансираш бренд кој е специфичен сам по себе не е лесно, па затоа предизвикот е уште поголем. Имавме за цел да ги тргнеме табу темите и предрасудите за психолозите и да ги доближиме до публиката.  Потребата за грижата за нашето ментално здравје се зголемува секојдневно, па затоа треба да е на прво место, а така ја поставивме и целата стратегија.

 

Поради голем интерес се отвараат нови групи на Академијата за дигитален маркетинг! Останати се само уште 7 слободни места! Аплицирај веднаш и започни со учење во мај!

На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!

 

 

Future-proof кариера во 2025

Aплицирај за early bird

*САМО 14 ДЕНА