Запознај го Дејан Михајловски – алумни студент од Академијата за дигитален маркетинг, а воедно и Dream Team студент, кој се реши на комплетна кариерна трансформација.

По комплетирање на програмата на Академијата за дигитален маркетинг, Дејан започна да ја гради својата кариера како Paid Ads маркетер во маркетинг тимот на Brainster.

 

Си поразговаравме со Дејан за неговото досегашно искуство и неговата улога во нашиот маркетинг тим

 

Здраво Дејан! Пред сѐ, честитки за постигнатиот успех и почетокот на твојата кариера! Ние на Академијата за дигитален маркетинг те познаваме, но што би споделил за останатите?

Здраво! Јас сум Дејан и сум дипломиран новинар. Зад себе имам долга кариера како спортски новинар која траеше 25 години до 28 февруари минатата година, кога дадов отказ со цел да се посветам на Академијата за дигитален маркетинг. Во последните 2-3 години повеќе не гледав иднина во оваа професија и ми требаше нов предизвик на професионално ниво. Сакам да учам и да се надградувам, а тоа што имам 44 години не го гледам како никаков проблем или товар, туку напротив искуството ми додава на мотив и желба за учење на нешто ново.

Повеќе од пет години сум трчачки активен и трчам полумаратони, а веќе го планирам и првиот маратон. На патеката научив како да бидам дисциплиниран, конзистентен, секогаш мотивиран и упорен кон остварување на она што го имам поставено како цел.

 

Зошто баш дигитален маркетинг?

Голема улога во изборот на дигитален маркетинг одигра мојата другарка Ева Нединковска, на која сум и максимално благодарен што ми подели неколку одлични совети во вистинско време. Со зборовите „Преведи ја патеката низ животот“ ме измотивира за полесно да донесам одлука и ми укажа на тоа дека е време за трансформација и на професионално ниво. Таа буквално ми ја всади идејата дека дигиталниот маркетинг ќе биде професија во која ќе успеам да се снајдам и која ќе ме исполни и мотивира. Навистина беше во право!

Не само што се пронајдов во дигиталниот маркетинг, туку оваа професија ми отвори простор за понатамошен развој и напредок. Тоа е професија на иднината која дава простор за работа во поголем број на гранки од IT индустријата, со оглед на тоа што инструкторите на Академијата преку различни модули нè подготвија за различни области.

 

Раскажи ни нешто повеќе за Академијата за дигитален маркетинг. Дали Академијата ги исполни твоите очекувања?

Месеците поминати на Академијата за дигитален маркетинг поминаа неверојатно брзо, а секое предавање беше ново искуство. Можам да зборувам само во суперлативи и позитивно бидејќи моето искуство е одлично. Не само што моите очекувања беа исполнети во целост туку и неколкупати надминати и тоа од комплетниот тим.

Грижата за студентите беше на високо ниво, инструкторите подготвени за одговор на секое прашање, а беа навистина многу. Ме воодушеви и грижата после завршувањето на Академијата со константно праќање на понуди за работа така што тоа ми даде уште поголема надеж дека има простор уште поголем напредок.

Она што беше пренесено од страна на инструкторите беше со 100% вложување. Секој се потруди да го понуди она што го поседува како квалитет, да ни ги даде лекциите кои ни се потребни за да можеме после Академијата да излеземе како подготвени маркетери за брза адаптација во компанијата во која би работеле. На нас остана да го процесираме сето она што тие ни го пренесуваа. 

Секако и работата на реални проекти беше едно неверојатно искуство бидејќи уште за време на Академијата имавме можност да се почувствуваме како маркетери кои веќе работат и она што го имаме научено да го понудиме во проектите и задачите како решение.

 

Својата кариера како дигитален маркетер ја започна токму во Brainster како Paid Ads маркетер. Раскажи ни го на кратко твоето Brainster journey од ден еден до денес.

Мојата Brainster приказна трае точно една година од запишувањето до вработувањето како Paid Ads маркетер. На Академијата за дигитален маркетинг се запишав на крајот на јануари во 2022 година, а со предавањата почнавме на почетокот на април. На почетокот имав можеби малку страв дали ќе успеам да се снајдам, но веќе после првите два проекти видов дека сум на вистинскиот пат и тоа ми беше мотив плус за навремено завршување на домашните задачи и проектите и редовно со максимално вложување.

Само три дена после презентирањето на завршната работа бев исконтактиран од HR тимот на Brainster и после успешното поминување тест задачите и на интервјуата станав дел од еден одличен тим во кој наидов на неверојатно добар прием и поддршка.

Пред една година ова беше само желба и нешто кон кое се стремев додека траеше Академијата, а сега е веќе реалност. Сепак, сè е лесно да се оствари кога се вложуваш максимално и ја имаш најголемата и вистинска поддршка.

 

Ти си дел од маркетинг тимот. Опиши ни ја атмосферата во тимот.

Атмосферата е одлична и максимално позитивна! Од првиот ден во тимот наидов на супер прием и позитивни колеги кои се подготвени во секој момент да помогнат. Тоа само ми го олеснува адаптирањето.

Воедно многу е полесно да се работи кога имате колеги, кои сето знаење се подготвени да го споделат и многу лесно да те воведат во тајните на работните задачи. Задоволство е да се биде дел од маркетинг тимот, но и дел од компанија како Brainster бидејќи комплетниот тим е прекрасен!

 

Како изгледа еден твој работен ден? Кои се твои главни задачи? Кои се моментите во кои највеќе уживаш?

Секој ден почнува со прегледување на распоредот на задачите и на состаноците и врз основа на тоа се прави дневниот план на извршување на обврските. Со оглед на тоа што сум уште на почеток и го поминувам периодот на адаптација деновите главно поминуваат во состаноци и обука за задачите кои допрва ќе треба да станат секојдневие и ќе треба да се извршуваат. Имам одлична соработка и уживам во работата со колегите бидејќи добивам одлични упатства и насоки за да можам многу побрзо да навлезам во она што се очекува од мене во тимот за Paid Ads.

 

Кој е најголемиот предизвик со којшто се имаш соочено досега?

Во однос на работното место мислам дека е рано да зборувам за некаков предизвик со кој се имам соочено. Сепак, би можел да се навратам на периодот кога ја завршував Академијата. Последните 2-3 недели беа максимално напорни и беше вистински предизвик да се стигне сè навреме, да се одработи и скоцка во една финална презентација.

Имавме период во кој додека ја работев завршната работа за ДентаЕс се случи и најголемиот Redi хакатон, на кој учествував. Тој беше 48 часа во сабота и недела, а веќе во 10 часот наутро во понеделникот морав да ги имам комплетирано материјалите за првата менторска за завршната работа. Со оглед на малку слободно време беше предизвик да се стигне навреме, но кога се сака сè се може. Успеав да ги средам сите задачи, да бидам дел од Redi хакатонот, а потоа да бидам точен и за следните две менторски, но и да ја средам презентацијата во предвидениот термин.

 

И за крај, што би им препорачал на сите оние коишто сакаат да направат кариерна промена во сферата на дигитален маркетинг?

Идни колеги, не се двоумете доколку сакате нешто ново во животот. Пронајдете ја вистинската мотивација и поддршка, донесете одлука и одберете го дигиталниот маркетинг како идна професија. Тоа е професија која ќе ви овозможи да ја изнесете сета своја креативност на дело. Дигиталниот маркетинг е професија на иднината, која нуди можност за константен развој.

 

 

Доколку сакаш да си дел од Digital Marketing заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2023 година, дознај повеќе за Академијата тука.

На Академијата за дигитален маркетинг учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти, под менторство на докажани и искусни инструктори.

Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!