Се наоѓаш на чекор пред водење тим? Наоѓање на вистинските луѓе кои ќе ти помогнат во реализација на твојата идеја е еден од најважните чекори.
Како бизнисот ќе резултира, зависи од две клучни нешта, твојата идеја и твојот тим. И најдобрата идеја ќе биде неуспешна, доколку тимот кој работи на неа не е вистинскиот. На почетокот, можеби не размислуваш за вработување, затоа што мислиш дека можеби можеш сам да го реализираш тоа што го имаш замислено, со малку помош од луѓето околу тебе и тоа е тоа.
Но, ниеден успешен бизнис не е one-man job. Ако сакаш да растеш, а тоа е нешто што е неизбежно доколку поседуваш одлична идеја што води до успешен бизнис, ти требаат луѓе кои ќе ти помогнат во таа мисија. За наоѓање тим не постои формула која ќе вади ист резултат доколку е применета секаде. Од бизнис до бизнис, од човек до човек е доста различно, како и секое нешто во животот во кое се вмешани луѓе. 🙂 Изгледа страшно, но сега и не е баш време за плашење.
При потрага на твоите тимски играчи барај талент, амбиција, љубопитност и заинтересираност. Најди ги луѓето кои ќе бидат исто толку возбудени и мотивирани за шансата што им е понудена, како што си ти.
Бегај подалеку од оние на кои први прашања им се колку време имаат за годишен одмор, колку време трае паузата или колку висока е платата. Ти требаат луѓе што ќе го сакаат тоа што имаш да им го понудиш. Не е лесно да се најдат вистински професионалци кои го сакаат тоа што го прават, но не е невозможно. Тоа е нешто во кое вреди да инвестираш и време и средства.
А кога ќе ги најдеш, немој ни да помислиш дека си ја завршил работата таму. Тоа е само почетокот, ако си доволно посветен, ќе биде почетокот на една возбудлива авантура. Без разлика дали ти е прв пат да водиш тим или имаш претходно искуство, на ум треба да имаш секогаш неколку клучни нешта, од кои првото е дека секој пат кога се постигнува успех е благодарение на тимот, додека неуспехот паѓа на тебе како лидер. Извлечи го најдоброто од себе и никогаш не дозволувај твојата работа да биде просечна.
Кога формираш тим кој треба да работи на реализација на идејата што ја имаш, треба да се откажеш од независноста, време е за тимска работа.
Сега имаш тим за кој треба да се грижиш и кој се грижи за тебе и тоа што го правите. Тие се тука да ти помогнат, дозволи им да го направат тоа. Нивните идеи треба да бидат секогаш добредојдени затоа што тоа ќе води кон прогрес кон целта за која работите. Комуникација е клучен фактор за здрави односи и никогаш не можеш да си дозволиш да ja изгубиш. Зборувај со твојот тим, постојано. Сподели ја твојата замисла со нив, твојата идеја, визија. Дозволи им да ја примат и почувствуаат како своја. Постојано поставувај прашања и слушај. Иако ти си тој што ги води, можеби имаш повеќе искуство од нив, можеби ти си експертот, но запомни дека повеќе глави се секогаш попаметни од една. Фидбекот е нешто што ти е потребно за да можеш да се подобриш, да го подобриш тимот, услугите/продуктот што го нудиш, а со тоа и целиот бизнис.
Немој никогаш да престанеш да им ја даваш твојата подршка во тоа што го прават. Микро-менаџирање, строги рестрикции и хиерархија се нешто што сакаш да избегнеш, затоа што ја убива креативноста на секој поединец во тимот што го имаш создадено. Тоа се луѓето кои ти ги имаш одбрано да бидат таму и треба да веруваш во нивната способност за расудување, нивната креативност и вештини. Грижи се за нивните потреби и тие ќе се грижат за потребите на твојот бизнис. До успех и задоволни клиенти се стигнува само со среќен и посветен тим.