Dream Team е тим на студенти кои покажале особен успех на Академиите во Brainster. Тоа се студенти кои што го освоиле месецот! За да се биде дел од Dream Team-от, еден Brainster студент треба целосно се посвети, да биде активен на предавањата и уредно ги завршува зададените задачи од страна на менторите.
Секој месец ќе избираме по еден студент од секоја академија – студент што ќе се истакнува како најпосветен и најупорен и како таков ќе биде дел од Dream Team-от.
Напорната работа секогаш дава добри резултати. Запознајте ги нашите Dream Team студенти за месец ноември:
Ања Трајкова, студент на Академијата за дигитален маркетинг
“Многу е убаво кога ќе се најдеш во круг на луѓе кои зрачат со знаење и инспирација, тоа е вистински предизвик и те тера да продолжиш понатаму, да не се откажеш, тие се мојата мотивација. Се што учиме на Академијата за мене е многу интересно затоа што јас за прв пат се среќавам со оваа обемна област на маркетинг. За секој еден инструктор можам да кажам само пофални зборови. Ама еве кога морам да се одлучам за еден ќе кажам многу научив од практичната работа со Иван Ефремов затоа што порано мислев дека тоа е научна фантастика. За 5 години сакам да бидам како Ива, Дарко, Иван, Трајко итн. Инструкторите се луѓе на кои се угледувам во моментов, ми отворија еден сосема нов свет, полни се со знаење, успешни во тоа што го работат, плус имаат можност да го споделат своето знаење..ете таква сакам да бидам и јас 😊”
Кристијан Панов, студент на Академијата за Full Stack програмирање
“Мојата најголема мотивација ја гледам во желбата да осознавам и откријам нови работи, нови концепти и нови видици кон науката со кој ќе успеам да го направам пофункционален светот во кој јас постојам. Целокупниот концепт на академијата е така осмислен да постојано се изучуваат нови работи кој се повеќе го привлекуваат моето внимание кон програмирањето и ја зголемуваат мојата желба за изучување нови технологии. Најголем впечаток ми остави Анастасија Давиткова, која со својата посветеност и труд нема проблем кој не може да го објасни. За себе можам да кажам дека сум посветен, одговорен, амбициозен и “I never give up on my goals.”” – ни кажа Кристијан.
Ангела Узунска, студент на Академијата за Software testing
“Бесконечната љубопитност, желбата да учам нови работи и секојдневно да се надоградувам е она што ме мотивира континуирано да учам. Најинтересна работа што ја научив за време на академијата е дека треба време и многу работа за да бидеме добри во нешто. Пофалби до сите инструктори на академијата кои го дадоа максимумот од себе за да ни го пренесат знаењето, би ги издвоила Андријана Нарашанова која како координатор од самиот почеток не следеше, поддржуваше, мотивираше и ни помагаше за време на целата академија и Димитри Желков кој ни даде добра основа за Автоматско тестирање, еден од поинтересните модули на академијата. Три зборови со кои можам да се опишам се оптимист, упорна, љубопитна и за 5 години од сега се гледам себеси како Senior QA Engineer. ” – ни кажа Ангела.
Никола Бадалоски, студент на Академијата за Data Science
“Уште од најмали нозе сум љубопитен и од секогаш сум сакал да ја осознавам суштината на нештата. Најинтересно е што кога ќе “запнам” за нешто не знам да застанам, се исклучувам од се и максимално се фокусирам се додека не го најдам решението и/или одговорот на нештото 😀. Според досегашното искуство и знаење кое го стекнувам од самата академија, по завршувањето на академијата несомнено ќе бидам и повеќе од доволно подготвен да запливам во професионалните води од океанот наречен Data Science. Би гo издвоил Марјан Пушев од модулот за Data Warehouse кој несебично се вложуваше да ни го долови целиот Data Warehousing процес за навистина краток период од три недели. Три збора кои ме опишуваат: посветен, упорен, лојален. ” – ни кажа Никола.
Ана Ристевска, студент на Академијата за Графички дизајн
“Работата на себеси е нешто што мора да ни биде во преден план, а тоа го вклучува и постојаното учење на нови работи. Дополнителна мотивација е кога учиш нешто што навистина те интересира и го сакаш, разликата се приметува веднаш. Моментално на Академијата се ми е интересно, секое предавање го слушам со внимание и заинтересираност и од секое учам многу нови работи. Ама досега, како најинтересно би ги издвоила алатките од Илустратор. Можностите за креирање целосен дизајн со помош на само неколку основни алатки се неограничени и одвај чекам да научам да ги применувам сите. Многу рандом факт за мене е тоа што сум родена со Аносмија, односно немам чувство за мирис (среќа, имам чувство за вкус, што е многу ретко). Ова обично е меѓу првите работи кои ги кажувам за себеси, затоа што уште не ми здосадиле изненадените реакции кои ги добивам, а и да знаат тие околу мене да ме евакуираат меѓу првите во случај на пожар.” – ни кажа Ана.
Павел Петрушевски, студент на Академијата за Front-end програмирање
“По природа сум љубопитен, особено за работи кои ми се од интерес, така што концептот на постојан развој и учење отсекогаш бил присутен, а особено сега збогатен со крајно сериозниот, професионален и иновативен пристап на академијата кон процесот на учење. Програмата и распоредот бараат исклучителна посветеност од студентот, и се perfect match за луѓе како и јас кои се одликуваат со високо ниво на амбициозност, упорност и дисциплина. Би упатил особени комплименти кон инструктурите, Кристијан Бобевски-човек со страшно широки познавања од својата област, концизен, снаодлив, Христијан Тасевски-исклучително комуникативен, ведар, Александар Митев-секогаш достапен за прашања и совети, како и цел Brainster колектив, со кој задоволство е да се соработува. Целава оваа приказна, очекувам и убеден сум дека темелно ќе ме припреми за предизвиците кои допрва доаѓаат, за да после 5 години од сега можам да се навратам на овој период со мисла дека сум донел една од најдобрите одлуки во животот, затоа што “најдобар начин да ја предвидиш иднината е да ја создадеш”. ” – ни кажа Павел.
Никола Матоски, студент на Академијата за UX/UI дизајн
“Потребата за лична надоградба, откривањето на нови микро и макро светови како и следењето на актуелните светски текови и трендови се некои од причините кои најчесто ме мотивираат постојано да бидам во процес на учење. На Академијата научив дека најдобро се учи преку практични вежби и задачи, тие се моментите кога воочуваш колку си научил или не си научил од теоретските предавања. Сите инструктори на свој начин ми оставиле позитивен впечаток од различни аспекти но ако морам да изберам еден би го издвоил Јане Наумоски како најзабавен. За себе можам да кажам дека сум easy-going, enthusiastic, imaginative.” – ни кажа Никола.
Ова се студенти кои покажуваа ентузијазам , иницијатива и наоѓаа нови начини да бидат инволвирани за време на заедничките активности . Со видна креативнод и самодисциплина ги користеа своите инстинкти за совладување проблеми независно , но и покажаа конзистентна соработка со инструкторите и останатите студенти. Останаа фокусирани на се што им беше зададено,при што покажаа и транзиција без проблем помеѓу активностите во академијата и надвор од неа,при што останаа и посветени за достигнување на нивниот потенцијал. Нивните проекти и задачи ги извршија комплетно,уредно и со неверојатна организација со што ги надминаа и нашите очекувања.
На крај, сакаме да им кажеме фала на овие студенти кои ни овозможија да го извршиме нашиот дел како инструктори, бидејќи иако нашата работа е да создадеме средина погодна за учење, вие создадовте средина погодна за предавање.