Јане Наумоски – инструктор на Академијата за дизајн

Повеќе од 10 години е професионалец во областа, моментално работи како Сениор UX/UI дизајнер во Ендава. Го знаеме од проекот „365 дена со Јане Наумоски“ 365 дена опишани со една фотографија дневно. Нa  Академијата за дизајн, Јане Наумоски е инструктор за UX/UI дизајн.

Кој е Јане кога не е дизајнер? Што е најнеобичното нешто кај твојата дизајнерска приказна?

Слободното време го поминувам во дружба на кафе или пиво со пријатели, уживајќи во добри серии и филмови, релаксирајќи се со игрици, а често имам желба и да зготвам нешто. И, секако, фотографијата сè уште ми е важна, сè уште ми е пасија.

Најнеобично во мојата дизајнерска приказна е тоа што ја започнав со намера да станам девелопер. Се пренасочив откако еден ден пред многу години инсталирав Photoshop со цел да креирам графика за една онлајн игрица. Утврдив дека уживам во совладувањето на оваа програма и во користењето на нејзините алатки за креативно да се изразам. Потоа се заинтересирав за дизајнирање на сајтови и, подоцна, мобилни апликации. Така, повеќе од десет години не сум исклучил Photoshop 🙂

Како изгледа еден твој работен ден? Кој дел од денот е резервиран за brainstorming и инспирација? Дали има ден без инспирација?

Непрестајно сум во потрага по инспирација и ја наоѓам во сè околу мене, во сè што гледам и што слушам, дури и во навидум обичното, во настани и во детали од секојдневието: музички видеа, фотографии, реклами, серии, филмови, разговори со колеги и пријатели, природни појави; на пример, се случува да изберам палета на бои инспириран само од една фотографија. Така, не резрвирам дел од денот за инспирација и не ми поминува ден без инспирација, без разлика дали работам или сум излезен на дружба со пријатели. Во таа смисла, постојано сум дизајнер 🙂

За brainstorming одвојувам посебно време, а во кој дел од денот ќе се одвива, зависи од проектот на којшто работам. Но ако веќе имам добра идеја, ако сум добил идеја претходно (на пример, додека сум истражувал), ја прескокнувам оваа фаза од процесот.

 

Учесниците на Академијата, со тебе ќе учат за UX design. Ова е доста актуелна тема, а ние имаме чувство како во Македонија да нема многу UX дизајнери. Според тебе, колку лесно може да најде работа еден јуниор UX дизајнер тука?

Да, UX и кај нас стана актуелна гранка на дизајн што е супер бидејќи: а) претставува мошне интересна и динамична професионална област и б) UX е една од најзначајните компоненти на еден проект – со добар UX процес компаниите, односно клиентите стекнуваат предности како намалување на трошоците за девелопмент, доверба и задоволство кај своите корисници и, секако, подобар производ од нивните конкуренти. Така, мислам дека во иднина ќе се вработуваат сè повеќе дизајнери посветени на UX.

За сите неуморни ентузијасти што секогаш се спремни да научат нешто ново, што можат да очекуваат од твоите предавања и работилници?

Во текот на предавањата и работилниците ќе дадам сè од себе да им го пренесам на учесниците своето знаење за сите фази од процесот на работа на UX дизајнерите – од состанокот со клиентот, преку истражувањето и креирање на прототипот, до финализирањето на производот. Ќе почнеме со опис на работата и улогата на User Experience дизајнерите. Потоа ќе разгледаме неколку прашања поврзани со клиентот, односно обезбедувањето насоки за креирање. Следува делот за истражувањето (кој јас го сметам за особено интересен) – од истражување на корисниците и конкурентите до креирање на User Personas. Понатаму ќе се запознаеме со алатките што ќе ги користиме за цртање wireframes и прототипи, како и начинот на кој овие ќе му се презентираат на клиентот. Така ќе стигнеме до вториот дел од креирањето дизајн, а тоа е User Interface – ќе учиме за бои, фонтови, симболи и икони, гридови и сè што е потребно за дизајнирање на апликација или сајт. Учесниците можат да очекуваат и практика – интересни вежби, како и работа на заеднички проект. Мислам дека супер ќе си поминеме, дека предавањата ќе бидат и интересни и корисни.

 

 

Уписите за Академијата се во тек. Пријави се тука.

 

Related Stories For You