Зоран Кардула – инструктор на Академијата за дизајн

Повеќе од 15 години е професионалец во областа на графички дизајн и 25 години професионално се занимава со сликарство. Нa  Академијата за дизајн, Зоран Кардула е инструктор за дизајн на постер.

Сите се сеќаваме на твоите редизајни на популарните југословенски постери. Имаме чувство како легендарните проекти да не запираат. Како одлучуваш што е следно?

Скоро 20 години работам професионално како дизајнер. Отсекогаш ме воодушевувал дизајнот и посебно Советскиот и Југословенскиот дизајн. Многу години го истражував, собирав материјали и така и се решив да ги направам тие редизајни со кои сакав на младите генерации да им доловам дел од убавината на тој дизајн и да им оддадам почит на сите дизајнери од кој и на голем број не им го знаеме името, но сепак живеат преку нивниот дизајн. До сега веќе имам обработено скоро 200 редизајни во постер варијанта. Баш овие денови спремам и нов серијал од тоа време ( 7 дел) и повеќе е насочен кон начинот на успешна маркетиншка комуникација.

Во каков тип на проекти најмногу уживаш во работата? Дали имаш некое омилено дело?

Секако тоа се проекти кои се поврзани со уметност. Некако тој спој помеѓу дизајнот и класичната уметност ме фасцинира и настојувам да ги поврзам во моите дизајни.

Низ годините, зад себе имаш бројни изложби, проекти и наградувани дизајни. Што те фасцинира и инспирира најмногу сега, во моментов?

Сѐ уште сум фасциниран од Советскиот конструктивизам и Југословенскиот дизајн и сите мои лични проекти некако дизајнерски се поврзани со овој стил. Од редизајни на стари советски плакати со додавање на нов модерен изглед, но сепак доволно да ја содржат таа нивна моќна иконографија. Се случува многу често луѓе да видат некој советски или југословенски ретро постер и да ми пишат или да ми пратат слика дека, ете кога го видоа прво помислиле на мене.

А во областа на уметноста работам на нов предизвик со „жените“ по кои ме препознаваат да ги претставам во еден поп арт стил, но секако да ја задржам естетиката на 20 години од минатиот век.

Како дипломиран електроинженер, што те премисли да се насочиш кон дизајн пред 15 години? Дали мислиш дека има вистинско или погрешно време да смениш професија?

Завршив електро баш во периодот кога почна да се распаѓа Југославија. И во тој момент немаше многу опции да се вработам како електро инжинер и од тие причини почнав сам да учам прво Corel па подоцна, Photoshop и Illustrator и сфатив дека тоа е тоа. Спој помеѓу мојата желба да сликам и дизајнот кој ме фасцинирал.

Со студентите на Академијата за дизајн ќе дизајнирате постер, преку дискусија и креативен бриф. Што ќе понесат дома твоите студенти по завршување на работилниците?

Поголем дел од мои лични проекти се постери и се надевам дека со моето искуство и со креативноста на студентите можеме заедно многу да направиме и научиме. Ќе им го пренесам моето искуство како дизајнер (скоро 20 години работев во Публицис) Одлична агенција со одличен тим и за мене драгоцено искуство кое секому му го препорачувам. Кога се има желба сѐ се учи и ако можам таа желба за творење која ја имам и да им ја пренесам на студентите ќе е голем успех за мене.

Trending Stories That Might Interest You