Запознајте ја Симона Стојановска – алумни студент од Академијата за графички дизајн, а воедно и една од студентите кои изработија одлични реални проекти.

Симона има работено на проектот „Креирање нов визуелен идентитет на Види Вака“ и нејзиното решение беше избрано како победничко.

Нејзината страст кон графичкиот дизајн и големата упорност, се главните виновници за постигнатиот успех во оваа област, како и за новиот почеток на практикантска позиција како графички дизајнер во маркетинг агенцијата Publicis Groupe.

 

Си поразговаравме со Симона за нејзините студентски денови и новото работно место

 

Здраво Симона! Ти си наш студент од Академијата за графички дизајн. Ние веќе те знаеме, но што би споделила со останатите? Која е Симона? 

Здраво! 🙂 Нешто накратко што би можела да ви кажам за мене е дека сум дипломиран криминалист. Меѓутоа, за моја среќа, не се пронајдов во таа сфера, па се решив за графичкиот дизајн. Обожавам да цртам, да гледам некоја добра серија во слободно време и секако, да се дружам со пријателите. 

 

Пред сѐ, честитки за почетоците на твојата кариера како практикант во Publicis. За почеток, кажи ни од каде се роди желбата и зошто се одлучи за овој тип на дизајн? 

Уште кога бев мала постојано бев „залепена” за маса, цртајќи разни работи, а подоцна ми беше многу интересно и да едитирам слики, користејќи алатки кои тогаш ми беа достапни, па мислам дека оттаму и прерасна желбата за овој тип на дизајн.

 

 

Ти си уште еден студент кој потврдува дека со упорност и посветеност може да се постигне сѐ. Како си помина на Академијата за графички дизајн? Имаше ли предизвици во процесот на учење и совладување на техниките?

На Академијата за графички дизајн ми беше супер, ми ја даде основата која ми беше потреба за градење на кариерата којашто ја сакам. Искрено, мене ми беше многу интересно и предизвикувачки да учам нови работи и немав некои потешкотии, иако скоро сѐ ми беше прилично ново. Мислам дека интересот се потврдува со тоа што со часови не се одвојував од компјутерот.

 

Што би можела да ни споделиш за оваа компанија, која е нејзината област на работа?

Publicis е една од најстарите и најголемите маркетинг агенции, која обезбедува дигитално и традиционално рекламирање, медиумски услуги и маркетинг услуги на своите клиенти.

 

 

Како изгледа еден твој работен ден? Што работиш моментално и кои техники и алатки ги користиш?

Работниот ден како и на повеќето ми започнува со кафе. 🙂 Потоа, проверувам што обврски имам за тековниот ден, па почнувам со работа. Скоро секој ден работам на различни проекти како што се: изработка на креативи за социјални медиуми, флаери, брендинг на канцеларии, брошури и сл. Во врска со алатките највеќе ги користам Photoshop & Illustrator. 

 

Што значи графичкиот дизајн за тебе?

Графичкиот дизајн за мене е можност да ја искажам мојата креативност и на индиректен начин да комуницирам со општеството.

Како дизајнерот гледа на светот и на работите околу него?

Дизајнерите во секое решение бараат проблем 😀 и се обидуваат да го решат тој проблем. 

 

На кое твое достигнување си најмногу горда во животот? 

Па, мислам дека најмногу сум горда на храброста што ја имав да преземам чекор за промена на кариерата, која што ме доведе до успехот што го имам постигнато во рок од една година, односно успешно завршување на Академијата за графички дизајн и започнување на пракса во една реномирана маркетинг агенција.

 

 

Каде се гледаш за 5 години во иднина?

За 5 години се гледам како успешен графички дизајнер со препознатлив сопствен стил. 

 

За крај, што е она што тебе те охрабри да се запишеш на оваа Академија и да ја промениш својата кариера? Што би ги советувала сите оние кои допрва размислуваат за кариера како графички дизајнери и сакаат да преземат ваков чекор? 

Пандемијата имаше голем удел во мојата одлука за запишување на Академијата, бидејќи сфатив дека времето поминува, а јас не го правам тоа што го сакам. За оние кои што допрва размислуваат, важно е да се пронајдат во графичкиот дизајн и да бидат храбри да го направат само првиот чекор, да се трудат и да не се откажуваат, а понатака сѐ само ќе си дојде.

 

 

На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!

Уписите се во тек, резервирај го своето место на време!