Како дел од програмата на Академијата за графички дизајн предвидена е изработка на неколку реални проекти за реални клиенти, коишто го красат професионалното портфолио на студентите. На овој начин, студентите се стекнуваат со реалната слика за како е да се работи во вистинска работна средина, какво е чувството да се биде професионалец и да се работи со клиенти, уште пред завршување на целата програма.

Со цел да се подобри искуството на студентите од Академијата за графички дизајн, тие имаа задача да го покажат целото стекнато знаење од предавањата, да работат на реален проект за реален клиент и да направат постер – дизајн за регрутација на нови членови во едукативните клубови кои се во склоп на Младинскиот Образовен Форум.

 

Во продолжение си поразговаравме со студентите од Академијата за графички дизајн за искуството од овој реален проект

 

 

Здраво тим! Вие сте едни од најактивните студенти на Академијата за графички дизајн, кои покажаа голема заинтересираност кон графичкиот дизајн и не ја пропуштија можноста да учествуваат на проектите. Што би ни кажале за себе?

Ане: Здраво, јас сум Ане, по професија сум дипломиран актер, тековен студент на Brainster Академијата за графички дизајн.

Мартин: Здраво, јас сум Мартин, имам 19 години и сум студент на Brainster Академијата за графички дизајн.

Флора: Здраво, јас сум Флора, имам 22 години и студирам на Brainster Академијата за графички дизајн.

 

Како дел од програмата на Академијата за графички дизајн, имавте задача да изработите реален проект за клиентот МОФ. Како работата на реален проект за реален клиент ви помогна да ги развиете своите вештини? 

Ане: Пред да се запишам на Академијата имав повеќе дилеми: дали ќе можам воопшто да размислувам како графички дизајнер, дали ќе можам мојата креативност да ја насочам во таа насока, дали ќе можам да одговорам на барањата на клиентот, на роковите итн. Работата на овој реален проект, ми помогна многу да се соочам со сите предизвици кои ги набројав, и секако, да ги надминам. Морам да напоменам дека за тоа се заслужни и менторите од претходните модули, и секако, за овој проект, менторот на модулот Постер- дизајн, Иван Дургутовски, на кој сум му многу благодарен, затоа што во секое време беше достапен да помогне околу реализацијата.

 

Раскажете ни повеќе за овој проект и идејата зад него? 

Ане: Клиентот имаше јасно барање: Да се направи постер – дизајн за регрутација на нови членови во едукативните клубови кои се во склоп на Младинскиот Образовен Форум. По истражувањата околу потребите на таргет групата кои ги направивме со останатите колеги од групата, иако работевме индивидуално, идејата беше да се направaт постери кои секако ќе привлечат внимание, а ќе го имаат тој „пријателски“ тон преку кој ќе се искомуницира и ќе се пренесе пораката. Тука секако во игра беа илустрациите, слоганите, типографијата, палетата на бои. Конкретно, мојата идеја беше да направам чисто типографски постери и преку слогани кои ќе содржат игра со зборови или одредени метафори да пробам да го привлечам вниманието на публиката.

 

 

Како се одвиваше целиот процес? Која беше целта што требаше да ја постигнете? 

Флора: Процесот започна со истражување на сферата од други слични проекти. Така се добива слика и перцепција кој визуелен јазик треба да го искористиме за да имаме успешен проект за посакуваната целна група. Најважно е преку постерите да се предизвика интерес, да влезат во окото на младите, и особено посакуваниот интерес да го претвориме во акција и младите да се приклучат на МОФ клубовите.

 

Кои беа вашите задачи и со кои техники и алатки се служевте?

Флора: Нашата задача беше да го претставиме духот на МОФ преку постерите низ призмата на сопствениот стил. За изработка на постерите се служевме со комбинација на програмите Илустратор и Фотошоп.

 

Од каде ја црпевте инспирацијата?

Мартин: Инспирацијата е најчесто резултат на мотивацијата која се добива на предавњата на Академијата за графички дизајн. Желбата да се остави впечаток и да се биде оригинален и свој беа мои водилки во текот на целиот процес до изработката на крајниот дизајн. 

 

Какво беше чувството да работите на еден ваков проект? Како течеше целата соработка? 

Мартин: Да се работи на еден ваков проект за мене беше навистина големо задоволство. Неизвесноста која сама по себе ја носи соочувањето со предизвикот беше голема, но истовремено и дополнително ми даваше поттик да верувам во себе и да го дадам најдоброто од мене за да го добијам посакуваниот резултат. Кога работиш со професионалци кои имаат јасно поставена цел, знаат што сакаат и умеат на најдобар начин да ги презентираат своите барања, лесно е да се соработува. Секако, во целиот процес најважната поддршка доаѓаше од менторот Иван Дургутовски, неговите совети беа патоказ кои лесно ме донесоа до целта.

 

И за крај, најважната лекција што ја научивте на Академијата за графички дизајн?

Ане: Less is more. И секако, идејата е најважна.

Мартин: Со многу труд, желба и напорна работа се стигнува до посакуваната цел.

Флора: Во моментот кога ќе помислев дека го имам достигнато максимумот, со секој нареден проект осознавав дека можам уште повеќе. 

 

Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!

На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!