Креирањето на наставната програма на Академијата за графички дизајн, се базира на постојана анализа и следење на последните ИТ и дигитални трендови во индустријата и пазарот на труд. Исто така, програмата константно ја подобруваме врз основа на постојаниот фидбек од искуството на студентите и евалуациите за нивната успешност.
Во оваа блог објава, ќе се запознаете со модулот – Дизајн студио, каде студентите работат на запознавање на сопствениот креативен процес.
Клелија Живковиќ е нашиот инструктор на Академијата за графички дизајн, која го предава модулот Дизајн студио и ќе ви открие што точно претставува овој модул и која е неговата важност.
Во продолжение, одговори на најчесто поставуваните прашања за модулот Дизајн студио:
Што се изучува на модулот Дизајн студио?
На модулот Дизајн студио работиме на запознавање со сопствениот креативен процес и калибрирање на нашата одговорност како дизајнери во свет обликуван од дизајн преку дизајн истражување – како можеме нашата работа да ја користиме како процес на осознавање на комплексни општествени појави. Ова најчесто го правиме низ спекулативни вежби – пробуваме да ја замислиме иднината преку дизајнерскиот процес. Како интегрален дел од овој модул се навлегува длабоко во структурата на тимската работа.
Зошто е важно да се изучува овој модул?
Затоа што живееме во многу несовршен свет кој е обликуван од дизајн, и работиме на пазар на труд кој е неправеден и презаситен. Сметам дека секој кој сака да се впушти во креативните индустрии треба да биде свесен за одговорноста и товарот кои доаѓаат со тоа, и кои се ресурсите на кои може да се потпре кога ќе наиде на потешкотии. Од таа причина, сметам дека мораме да ја сфаќаме својата имагинација многу сериозно, и да бидеме исклучително свесни тимски играчи.
Која е практичната примена на модулот во секојдневниот живот?
Интимното спознавање на сопствените креативни процеси е една од најзначајните работи кои можеме да ги направиме за себе и нашето секојдневие. Кога добро ги разбираме, можеме нашата работа да ја ставиме во многу поширока перспектива, а со тоа таа престанува да биде само процес на давање форма на идеите, концептите и пораките, туку станува нашиот начин да се грижиме за светот, и едни за други. А кога учиме како да работиме во тим, во суштина учиме како да комуницираме со други луѓе, што е вештина која треба постојано да ја негуваме.
Кои се кариерните можности на еден професионалец во овој домен?
Овој процес на размислување значително го проширува полето на секој дизајнер, и овозможува да гледаме на дизајнот како збир на вештини кои може да се применат во многу професионални средини, а особено во дизајнирање на процеси, системи или методологии. Нашите студенти честопати веќе имаат одредена професија или се експерти во некоја област и јас ги охрабрувам сето тоа да го интегрираат во нивната дообразба како дизајнери.
Каков тип на предизвик или проект се изработува во склоп на модулот и што ќе научат студентите по завршување на модулот?
На овој модул студентите пред сè се запознаваат со сопствениот креативен процес. Учат дека фрустрацијата, креативната парализа или незнаењето се дел од тој процес, а не знак дека процесот не се случува, и дека единственото нешто што е погрешно е да не вложат труд во своите идеи и задачи, и да се откажат пред воопшто да почнат. Практичните вежби се разликуваат и се адаптираат на потребите на секоја од групите, но суштината е секогаш иста: учиме како преку креативните процеси да бидеме одговорни кон себе и светот.
Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!