Графичкиот дизајнер и ликовен уметник, Зоран Кардула, со сигурност е еден од најхиперподуктивните дизајнери во Македонија. Иако по струка е електроинженер, неговиот turning point за да премине во дизајн е сликарството. 

Денес во неговото портфолио се вбројуваат дизајни за брендови како Swarovski, Swatch и INYO. Има одржано многубројни изложби од кои три во Рим.

Кардула открива зошто работи freelance, како се наоѓаат проект за големи брендови и што значи да го работиш тоа што го сакаш.

 

Како е да се работи како Freelance графички дизајнер?

Работам како Freelance веќе 6 години, после долги години работа во агенција. Фокусот ми е насочен на илустрацијата и на проекти кои токму се поврзани со илустрацијата како основа на дизајнот. Слободата која ја имам сам да си го организирам времето ми нуди многу поголема продуктивност како во проекти кои си ги работам за моe задоволство, така и кај проектите кои ги работам за клиенти. 

 

Спомена Агенција, што те натера да смениш?

Да, многу години работев во „Publicis“, одлична агенција од која доста научив и која ми ги отвори вратите во графичкиот дизајн. Искуството кое секој дизајнер ќе го стекне во агенција е нешто што многу помага ако евентуално се реши да работи како фриленсер. Но, годините како и обврската околу мојата помала ќерка беа причина зошто се решив да ја напуштам агенцијата и да работам freelance. 






 

Имаш работено на проекти за брендови како Swatch, Swarovski. Како се случува таа соработка?

Имам работено на доста познати брендови за кои е навистина предизвик да се работи. Јас учествував на еден отворен конкурс за брендинг на мобилни телефони со производи на Swarovski каде освоив трето место. После конкурсот Swarovski ме побараа да учествувам на затворен конкурс за изработка на накит на тема Византија. 

Беше голем предизвик особено зошто се работеше за познат бренд, а јас прв пат дизајнирав накит. Swarovski бараа максимум до 8 дизајни, а јас нормално испратив 50-тина, а од нив прифатија 22 дизајни. Што беше и најголем број откупени дизајни. После Swarovski добив понуда од  INYO, руско- украински бренд, да дизајнирам накит. Стигнав до финалето но, заради војната целиот проект згасна. 

За Swatch добив понуда од застапникот на Swatch кај нас, Игор Божиноски да бидам првиот преставник кој ќе го дизајнира првиот Swatch часовник од проектот Swatch на кирилица. Ексклузивност на овој часовник додава органичениот број од само 30 часовници, додавајќи му уште повеќе на вредност. 

 

Изложба во Рим, на ex-yu симболи. Од каде ти доаѓаат идеи за овие проекти? Како стануваат успешни?

Изложував 3 пати во Рим секогаш посветено на личност многу значајни за овие простори. Сѐ се случи многу случајно, ме побараа од организација која го негува творештвото на штотуку починатиот Предраг Матвејевиќ, во чија чест имав направено една илустрација. 

Оваа организација се наоѓа во Рим и по нивна покана се реализираа 3 изложби. Првата изложба, изложував сам со постери од југословенските редизајни. Изложбата помина одлично со многу посетители, во духот на заедништво и сеќавањето на овој голем писател. Втората изложба исто така во Рим се состоеше освен од моите дела, и од спомениците на НОБ и југословенските редизајни, беа преставени и дела на познатиот италијански дизајнер Алесандро Џафардини и познатата фотографка Жана Станкович. И трета изложба беше заедничка изложба на уметници од Балакнот. 

Југословенскиот дизајн го обожавам, долги години правам редизајни со кои се трудам да го зачувам од заборав. Но, и да оддадам почит на голем број дизајнери и уметници (голем дел за жал непотпишани). Но, барем со тие редизајни се обидувам да ги оживеам. По реакциите од публиката би рекол дека тоа е успешна приказна.





 

Имам чувство дека сите имаме најдраги проекти на кои сме работеле. Кои ти се најдраги проекти? И што ти донесоа тие?

Многу драг проект ми е проектот „Гуш и бац“ посветен на мојата ќерка Ерато која е во спектарот на аутизам. Нејзината состојба како и сите проблеми со кои се соочивме како семејство нѐ направи вистински борци за подигање на свеста и прифакање на лицата со аутизам. Во овој проект се вклучија уште 33 дизајнери и уметници од Македонија со цел да илустрираат 47 нејзини зборови од нејзиниот јазик, преставени преку илустрации, преведени на 19 јазици. Ерато сега веќе е девојка има свој јазик кој го зборува и е многу интересен јазик. Тоа е некој микс од јазици и звучи како странски јазик. Како поминуваше времето успеавме да ги откриеме нејзините зборови и нивното значење и како резултат на тоа се создаде оваа книга. Приходите од целиот тираж од првото издание и продажбата на илустрациите беа донирани на деца со аутизам и нивна терапија.

Целата моја фамилија се бори за прифаќање на различностите и драго ми е што овој проект направи огромен скок во прифаќањето на овие лица кои се различни но, НЕ и помалку вредни.

 

 

Наоѓаш секогаш време и за лични проекти. Колку е важно да имаме секогаш време и за овој тип на “работа”?

Многу ми е важно да имам време за свои лични проекти. Тоа е некој вентил кој ти ја зголемува креативноста и ти овозможува уживање во сопствената работа. 

Од кога сум фриленсер настојувам времето секогаш да ми биде поделено подеднакво помеѓу мои лични проекти кои секојдневно ги објавувам на социјалните мрежи и другата половина за клиенти за кои работам. Овој баланс ми помага и во одржување на креативноста. Најважно од сѐ е тоа што уживам во мојата работа.

 

 

Дали е тешко да се влезе во оваа индустрија- дизајн? Kолку е тешко денес за млад дизајнер да влезе во оваа индустрија?

Јас сум одамна во оваа индустрија и сум поминал многу. Но, она кое што е многу битно за да бидеш успешен во тоа што го работиш е МНОГУ работа.

Мојата поголема ќерка е веќе магистер по графички дизајн. Ја следам нејзината работа и сум секогаш тука за некој совет. Нејзиниот пристап и дизајн е комплетно различен од мојот и сум среќен што полека си го наоѓа своето место во оваа индустрија. 

Освен многу работа е многу важно да го сакаш тоа што го работиш, услов за загарантирани резултати и успех. Работи на свои лични проекти кои ќе ја изразат твојата креативност. Постирај ги на различни платформи за да ја испромовираш твојата работа и биди отворен за соработка.

 

 

Дали со дизајн може да се смени светот?

Апсолутно, со дизајнот ние го разубавуваме светот, ја разубавуваме перцепцијата за работите и настојуваме со тоа и да го промениме светот. Дизајнот во која и да е форма е нешто коешто го движи светот и настојува да го промени на подобро. На нас останува да прифатиме дали и колку сме спремни за тие промени.

 

 

Зошто предаваш?

Предавам многу години, а од оваа година и на вашиот факултет Brainster Next College што ми е посебно задоволство. Станав дел од првиот факултет посветен на графичкиот и на UX дизајнот. 

Работењето со студенти е секогаш предизвик, учиме меѓусебно. Прекрасно е чувството кога ќе видите како студенти го применуваат тоа што го научиле во илустрација и во задоволство и среќа за тоа што го илустрирале.

Она кое секогаш настојувам е не само да научат Illustrator, туку и да го засакаат предметот, да уживаат и да не гледаат на учењето како на обврска туку уживање.

 

Ако сакаш да прочиташ што имаат да кажат студентите на Brainster Next College за предавањата на предметот на Зоран Кардула, можеш да прочиташ повеќе тука.








Што е твој следен фокус? Што е Next?

Секогаш имам нови проекти на кои работам. Наскоро е 8ми март, а јас секогаш за овој ден изработувам дизајни посветени на жени кои оставиле свој белег во борабата за рамноправност, за едно подобро утрe и не смеат да бидат заборавени. Останува на 8ми Март да го видите проектот кога ќе биде објавен. Како нешто поголемо можни се неколку изложби надвор од земјата.

Ако сакаш да разгледаш повеќе од одличните дизајни на Зоран Кардула, погледни тука.

Сите групи за март на новата Brainster+ Академија за Графички Дизајн се ПОПОЛНЕТИ, а веќе запишуваме за групите во мај – провери за слободни места додека не се пополниле.

Future-proof кариера во 2025

Aплицирај за early bird

*САМО 14 ДЕНА