Пред некој ден, Петар од Brainster ме праша што мислам за тоа дали топ продавачите се родени или создадени. Навистина интересно прашање за кое одамна имам размислувано…
Можеби едно од најстарите прашања кога е во прашање продажбата за кое психолозите со години дебатираат околу важноста на интеракцијата помеѓу талентот и негувањето и развојот на истиот кога се во прашање продажните вештини.
Според едно истражување спроведено од страна на Harvard Business Review, над 70% од успешните “продавачи” се родени со одреден сет на вештини (инстинкти) кои играат огромна улога во процесот на продажба. Според истото истражување, нешто помалку од 30% се истренирани продавачи – што значи дека истите тие морале да научат како да продаваат. Но, она што е исто така важно од истата анализа е дека постојат седум лични карактеристики по кои топ “продавачите” се разликуваат од останатите, што ме доведува до прашањето: Ако ова се карактеристики на топ продавачите без разлика на тоа дали се родени со нив или ги имаат створено низ призма на обуки и искуство, дали можеби тогаш поставуваме погрешно прашање?!
Доколку ме прашувате мене, повеќе ја прифаќам доктрината дека сите ние (во најголемиот дел) имаме неограничен потенцијал и дека можеме да бидеме се што ќе посакаме, доколку истото го посакуваме толку многу колку и потребата за воздух и секако работиме на “случајот”! Постои еден правец во психологијата кој се базира на ова и истото го објаснува на следниот начин: Сите луѓе имаат подеднаков потенцијал. Но разликите кои стануваат евидентни со време се резултат на фактот што сите луѓе се раѓаат и развиваат во различни средини и поради тоа, различно се “закачуваат” за одредени свои способности кои стојат неискористени. Затоа и сметам дека повеќето од нас го поставуваат погрешносто прашање.
Вистинското прашање е како да станеме најдобрата верзија од себе, дури и ако навидум нашите “моментални” продавачки способности се под прифатливото ниво? Што е тоа што просечните продавачи може да ги направи топ продавачи?
Себе-познавање и персонална SWOT анализа
Колкумина од нас реално се запрашале себеси: Кој сум јас? Што е тоа што најдобро го правам во моментот? Кои се моите компетенции? Како може да се подобрам или на кои полиња постои можност за подобрување? Кои се мои послаби страни (карактеристики) и како да ги елиминирам? Ова се само дел од работите за кои сум сигурен дека многу малку луѓе го имаат направено. Но, guess what: Ако не знаете каде сте, како очекувате да стигнете таму каде што сте зацртале?! Дали сте сигурни дека го имате тоа што ви е потребно за да стигнете до саканата дестинација?!
Развој на продажен инстинкт преку искуство
Точно е дека на одредена група на луѓе, продажниот процес им доаѓа природно и до тој степен што после продажбата воопшто и да не се сеќаваат на процесот. Но истовремено факт е дека со тек на време стекнуваме одредено искуство кое може да ни помогне во процесот на навигирање низ продажниот процес. Со други зборови, низ призма на времето градиме одреден “радар” кој забележува работи за кои претходно воопшто не сме ги ни забележувале – начинот на кој другата страна седи, говорот на тело, контактот со очи, вербалната комуникација и сл.
Ментор
Ова го имам потенцирано неколку пати до сега. Колку и да сте добри, колку и да има потенцијал во вас (а го има во огромни количини) во одреден дел од вашиот живот ќе имате потреба од ментор. Заборавете на его и трип моменти како: кој е тој/таа да ме менторира? Јас ЗНАМ СЕ! Доколку сакате да бидете еден од најдобрите или најдобар во тоа што го правите, учете од најдобрите и прилагодите го тоа знаење спрема вашата персона и начин на функционирање. На тој начин креирате уникатен спој од нечие искуство и вашите вредности и вие повторно сте свои!
Mindset
Можеби најважното нешто – креирање на соодветен mindset за функционирање. Цврство сум убеден дека mindset-от игра најголема улога во тоа кој сме како индивидуи, а причините можеме да ги согледаме во Сигмундовиот pain – pleasure principle. Затоа и ја потенциравме претходно улогата на менторите. Замислете да во вас одредени личности (читај ментори) гледаат огромен потенцијал за продажба а вие, поради одредени лоши искуства во минатото, да не сте во можност да го согледате тоа што другите го гледаат во вас.
Фокусирајте се на вашиот развој како индивидуа преку подобрување на сивата материја помеѓу вашите уши. Затоа што не е важно какви техники на продажба ќе научите, доколку вашиот mindset е ограничен и со ограничувачки вредности, вие ќе бидете разочарани секој пат кога ќе сакате да пробате нешто ново.
Бидете тоа што сакате и запомнете: If there is a will, there is a way! Едуцирајте се за теми кои искрено ве воодушевуваат и за кои искрено сакате да научите. Бирајте правилни ментори кои ќе ви создадат предуслови за ваш раст и развој и излез од комфорната зона затоа што другата страна е местото каде се случува магијата!