Флексибилното работно време ми овозможува да бидам посреќна, но и попродуктивна на работа

Главната мисија на Brainster е да ги подготви индивидуалците за кариера од 21 век преку совладување на дигитални и други вештини на иднината, со цел тие да останат релевантни во новиот технолошки свет.
Секој вработен во Brainster e целосно посветен на оваа мисија и прави сѐ за на студентите да им помогне да дојдат до просперитетна кариера преку едукација.
Во оваа блог објава од серијалот We are Brainster, ќе ja запознаете Маја Лазаревска – Grant Specialist во Brainster.
Личност со многу интереси, позитивна и со огромна пасија кон сѐ што работи, ужива во секој чекор во градењето на кариерата, и секој успех на организацијата го доживува како личен.
Дознајте што таа имаше да ни сподели околу тоа како ѝ поминува работниот ден, што ја прави исполнета и што ја мотивира, но и како Brainster ѝ помага да се оствари на сите полиња.
Здраво Маја, можеш ли да ни споделиш повеќе детали за твојата работна позиција, по што е истата специфична?
Позицијата Grant Specialist во Бреинстер е многу различна од било која друга организација која имплементира грантови. На моја среќа, првпат имам можност да го работам тоа што го знам и сакам, но во служба на развојот на компанијата, што според мене е и единствениот прав начин. Бреинстер е единствената компанија која развива програми финансирани од грантови исклучиво во служба на додадена вредност на компанијата, на клиентите и на донаторите, и во ниеден случај не би се развил проект во кој ние првично не веруваме, само за да се добие грант.
Во Бреинстер грант одделот е во служба на стратешките проекти на компанијата и е поддршка за развој на проекти и продукти кои ни се во план за развојот. Позицијата покрај тоа што вклучува следење на повици, анализа на компатибилност на програми за поддршка, бара и многу истражување, следење на стратегии, текови, иновации, проблеми каде можеме да делуваме и придонесеме, партнерства и networking активности, како и креативно поврзување за она што ние го правиме и како тоа може да се вклопи во визијата на донаторите или програмите за финансирање на проекти.
Освен развој на нови проектни апликации, работиме и на обезбедување на услови за исполнување на критериуми на компанијата соогласно барањата на програмите, менаџирање на проектите кои се тековни, мониторирање на имплементацијата и изработка на извештаи за прогрес на тековните проекти.
Како изгледа еден типичен ден во животот на Grant Specialist?
Денот ми започнува секогаш многу рано, јас сум од оние кои со првиот зрак на сонцето се веќе будни. Почнувам со кафе, малку мир, и бидејќи сами си го организираме времето во Бреинстер, почнувам веќе после половина час со работа. Најпродуктивна сум наутро, и денот и работата ја почнувам во 7 часот, тогаш читам, пишувам доколку има некој аутпут кој треба да се подготви и го работам сето она за кое е потребна концентрација. Околу 10 часот на работа веќе се почнува со состаноци, координации, меилови итн.
Позицијата има две диаметрално спротивни страни на оската. На пр. кога се развива нова апликација, времето најчесто се користи за читање на стотици страници за да може да се изгради соодветна анализа, додека кога се работи за имплементацијата е многу динамично, има многу комуникација со различните тимови, донаторот, луѓето од мојот тим или други лица кои се на некаков начин врзани со проектите. Низ текот на денот, кога ќе почувствувам дека ми е потребна дистанца, знам да направам пауза на воздух, во двор, да направам прошетка со кучето, да зготвам нешто и потоа повторно да се вратам на она што ми е задача за денот.
Она што буквално ми го промени и личниот живот е флексибилното работно време во Бреинстер и можноста да се работи од каде сакаме и сами да го планираме денот. Не се мерат минути, туку резултати, така што секој што е одговорен го планира времето без притисоци, но пред себе е одговорен да го заврши тоа што си се нафатил. Ваквата флексибилност ми овозможува да бидам многу посреќна, посмирена, поприсутна мајка, пријателка и воопшто повеќе и поквалитетно присутна во животот на моите блиски, а многу продуктивна на работното место.
Кои се твоите интереси надвор од работното време? Дали имаш некое хоби?
Јас сум многу еклектична личност, но она што е специфично за мене е доколку имам било каков интерес кој ми носи и најмала доза на радост и исполнетост, нова вештина, јас се посветувам максимално, а многу од тие интереси и преминале во професија. Самата професија која во моментов ја работам некако природно се разви од мојот интерес за активизам, волонтерство и помош на маргинализирани групи бездомни кучиња или било кој на кого му е потребна помош. Така и почнав со ова да се занимавам пред повеќе од 15 години.
На почетокот сето тоа беше волонтерски додека работев како архитект што ми е и примарна професија, потоа најдов спој во имплементација на проекти за поддршка на заедницата кои имаат градежни компоненти, и така некако природно се развија нештата, па имам среќа да го работам она што го сакам, без да го исклучам другото.
Инаку многу ме прави среќна сѐ било што може да се изработи рачно, па така имам најразлични хобија кои почнуваат од реставрирање на мебел, одгледување на различни растенија дома и во двор, реновирам сама по дома и сум многу голем фан на DIY активности, воедно имам многу алати и викендите секогаш имам некој DIY проект.
Од друга страна, сакам да читам, нон-стоп да учам нови работи, обожавам долги прошетки со кучето, свирам клавир, учам во моментов пеење, и она што најмногу ми носи мир, а тоа е готвењето кое ми е баш на ниво на медитација. Може да имам најдинамичен и напорен ден на светот и за да се одморам влегувам во кујна и готвам, а готвењето ми е љубов која мислам дека ќе заврши со пензија во едно мало и интимно ресторанче некаде покрај вода.
Од твоја перспектива, колку придобивките кои ги нуди Brainster ти помагаат во балансирање на приватниот и професионалниот живот?
Кога почнав со работа во Бреинстер, не можев ни да претпоставам колку многу ќе ми значат сите уникатни мерки кои Бреинстер ги нуди за своите вработени, и не знам дали постои уште една слична компанија каде грижата за вработените не е декларативна, туку реална и најважна. Знам дека ќе звучи можеби драматично, но мене ми се промени од корен животот со промената од конзервативен корпоративен свет со работа од 9 до 18 часот и начинот на кој Бреинстер го организира работниот процес.
Мојот најчест одговор на ова прашање кога го добивам од познаници е чувството ми е дека цел ден работам, но и цел ден сум слободна. Да дообјаснам, ниту работам цел ден, ниту цел ден сум слободна, но немам ниту притисок работата да ме спречи во некоја приватна потреба и обратно, балансот си го правиме сами, и тоа мислам дека е многу значајно за продуктивноста, менталното здравје и општото задоволство. За мене е несфатливо ако имам нешто што мора да се заврши и се очекува од мене, да не излезам и да не правам ништо.
Секако за сето ова да функционира мора да се има и лична одговорност, но она што го прави овој холистички пристап функционален е што нашата ефикасност не се мери во минути поминати на работа, туку во резултати, постојано имаш поддршка наместо контрола, па така мислам дека за првпат од мојата професионална кариера сум на правото место каде покрај тоа што имам можност да го работам тоа што го сакам, имам бескрајни можности да се надградувам, постојано да учам и напредувам и постојано да имам чувство дека некој се грижи за мене додека заедно растеме.
За крај, што би ни кажала за Brainster како компанија и начинот на кој ти дава поддршка?
Бреинстер е едно многу уникатно место за работа кое искрено се надевам дека ќе послужи како пример за трансформација и ќе се земе како позитивен пример за работна организација која носи резултати, раст и општо задоволство. Во Бреинстер со сигурност можеш да очекуваш дека сѐ што ќе вложиш ќе биде забележано, признаено, наградено и додека придонесуваш и се развиваш ќе имаш континуирана поддршка од сите.
Другата работа која јас лично јас доживувам како огромна предност е менторскиот начин на менаџирање на компанијата и тоа што секогаш имаш можност професионално да се унапредиш, да пораснеш и да ја добиеш потребната поддршка по пат. Во Бреинстер имаме менаџерски тим кој индивидуално ги менторира идните лидери и одвојува време во својот презафатен календар за лично и квалитетно индивидуално да ни се посвети, и тоа е бесценето. Бреинстер е можеби една од ретките компании која нуди еднакви можности за напредок, и можеме гордо да кажеме дека 60% од лидерските позиции се жени!
Има нула толеранција на булинг и дискриминација, не постои микроменаџирање, се негуваат вистински вредности кои не ги пишуваме декларативно, туку навистина се вткаени во работниот однос. Навистина е чест да се биде дел од тимот!
Brainster е во постојана потрага по нови колеги кои ќе ни се придружат во нашето never-ending journey, за да продолжиме да градиме заедница посветена на најдобрите производи, услуги и искуства на нашите студенти.
Ако сметаш дека ова е вистинското место за тебе, провери ги отворените позиции во нашата организација ТУКА.