Главната мисија на Brainster е да ги подготви индивидуалците за кариера од 21 век преку совладување на дигитални и други вештини на иднината, со цел тие да останат релевантни во новиот технолошки свет.
Секој вработен во Brainster e целосно посветен на оваа мисија и прави сѐ за на студентите да им помогне да дојдат до просперитетна кариера преку едукација.
Во оваа блог објава од серијалот We are Brainster, ќе се запознаете со Даниела Василеска – дел од тимот Финансии и администрација на Brainster.
Таа вели дека секогаш има поддршка и разбирање од сите членови на тимот, без разлика дали се работи за професионално или приватно поле. А исто така, дека работи во компанија која постојано вложува во едукацијата на своите вработени и се грижи секој да е исполнет на работното место.
Дознајте што таа имаше да ни сподели околу тоа како ѝ поминува работниот ден, што ја прави исполнета и што ја мотивира, но и како Brainster ѝ помага да се оствари на сите полиња.
Здраво Даниела, можеш ли да ни споделиш повеќе детали за твојата работна позиција, по што е истата специфична?
Јас сум дел од тимот „финансии & администрација” во Brainster. Моите обврски се комбинација од финансискиот и административниот дел, односно водење и ажурирање досиеја на вработени и надворешни соработници, подготовка на исплати, тековно водење на фактури и изработка на извештаи. Специфично е тоа што дел од работните задачи ни се врзани со рокови кои мора да ги испочитуваме. Мора да сме навремени и точни, а благодарение на тимската работа и нашата добра организираност, секогаш успеваме да завршиме сѐ навреме и да не задоцниме.
Како изгледа еден твој работен ден?
Работниот ден ми започнува со кафе, разгледување на email-от, приоритизација и распределба на обврските што ги имам. Потоа следи синхронизација со тимот, често дискутираме и наоѓаме решение доколку се појавила некоја специфична ситуација. Голем дел од денот ми поминува пред компјутер, финансиите и администрацијата бараат голема концентрација, па во периоди кога работам со бројки се трудам да се изолирам за да можам полесно да се фокусирам.
Исто така, се трудам да направам и кратки паузи. Тие ми се шанса да се видам со колегите од другите тимови за да може да се информирам и за нивните работни задачи. Ние како финансии и администрација, буквално сме поврзани со сите тимови и често работните задачи ни се испреплетуваат. Затоа, се трудам да сум во комуникација со сите. Интересно ми е кога ќе дознаам како функционираат и другите тимови, и на тој начин учам по нешто од другите области, како на пример дизајн, маркетинг, па затоа ги сакам овие разговори со моите колеги.
Што правиш во слободно време, дали имаш некое хоби и кои се твоите интереси?
Бидејќи доста време поминувам пред компјутер, се трудам секогаш кога сум слободна да сум физички активна. Често поминувам време во природа, на пешачење или вежбање. Исто така, поминувам време со пријателите и сакам да се дружам со моите најблиски, а уживам и во добра книга со кафе или чај. Сакам да шетам на нови места, да истражувам и да правам убави фотографии. Патувањата ме исполнуваат и секогаш се враќам побогата со нови искуства.
Од твоја перспектива, колку придобивките кои ги нуди Brainster ти помагаат во балансирање на приватниот и професионалниот живот?
Во оваа компанија навистина има многу придобивки кои овозможуваат да имаме баланс помеѓу приватниот и професиналниот живот. Доколку имаме потреба за работа од друго место или ни е потребно време да се исполни приватна обврска, слободно можеме да го направиме тоа. Тука не е важно каде си, туку со своја организација и со тимот, обврските да се исполнат навреме. Ова ни дава можност добро да ги балансираме работните и приватните обврски. Исто така, имаме неограничени денови за одмор, што за личност како мене која сака да патува е супер можност.
За крај, што би ни кажала за Brainster како компанија и начинот на кој ти дава поддршка?
Во Brainster секогаш ќе наидете на поддршка и разбирање, без разлика дали се работи за професионално или приватно поле. Ова е компанија која постојано вложува во едукацијата на своите вработени и се грижи секој да е исполнет на работното место.
Опсесивната грижа која им ја укажуваме на студентите, секако важи и за нас вработените. Brainster е место во кое сум среќна затоа што секојдневно учам нови работи и стекнувам нови вештини кои несебично се споделуваат од целиот тим.
Brainster е во постојана потрага по нови колеги кои ќе ни се придружат во нашето never-ending journey, за да продолжиме да градиме заедница посветена на најдобрите производи, услуги и искуства на нашите студенти.
Ако сметаш дека ова е вистинското место за тебе, провери ги отворените позиции во нашата организација ТУКА.