Никола Кусибојоски е инструктор на нашата Академија за Full-Stack програмирање, а модулот што го предава е JavaScript. Тој е дипломиран софтверски инженер на факултетот ФИНКИ во Скопје. Дел од победничкиот тим на хакатонот Codefest во 2016. Ко-основач на македонскиот стартап Резервирај.мк. Веќе 5 години активно работи како софтверски инженер, развивајќи веб апликации. Моментално е вработен во фирма од Силициумската Долина – Лока. Ентузијаст кон програмирањето и спортот.
Прочитајте што Никола Кусибојоски има да каже за програмскиот јазик JavaScript
Зошто да започнеш со учење JavaScript?
Многу често добивам прашања од пријатели и познаници, доколку сакаат да започнат со програмирање, што прво треба да направат, кој програмски јазик да го изберат. Порано ова прашања ми создаваше потешкотии незнаејќи што точно да им одговорам, а да не погрешам. Денес, од оваа гледна точка, одговорот ми е секогаш ист, а тоа е JavaScript. Имам повеќе причини зошто велам дека JavaScript е програмскиот јазик со којшто секој почетник треба да започне, па ќе се обидам во детали да издвојам 5 главни причини за тоа.
- ОГРОМНИ шанси за вработување
Не, не го пишувам ова како прва точка за да ви го привлечам целосно вниманието. Не сакам да изгледа дека секој еден што ќе поднаучи JavaScript ќе добие загарантирано работно место. Но, едно е сигурно. Ќе бидете дел од многу мала група на програмери кои постојано се на мета на сите регрутери. Потребата на JavaScript програмери на денешницава е огромна. Сите нови, модерни веб сајтови и апликации побаруваат дел изработен во JavaScript. Процесот на изработка на софтвер на денешницата е незамислив без front-end делот т.е без JavaScript.
Заклучок: Совладувајќи го JavaScript значително си ги зголемувате шанси за нова работа во front-end светот.
- Лесен за учење
Според мене, JavaScript е еден од најлесните програмски јазици за изучување. Како дополнителен бенефит е тоа што можете да започнете со програмирање веднаш без да треба да инсталирате било што. Кај многу луѓе коишто се обиделе да учат сами некој друг програмски јазик им бил одбивен самиот факт што треба прво да инсталираат некој компајлер, веб сервер, некои екстензии и др. (процеси кои ни малку не се едноставни) пред да напишат само “Hello World”.
Кај JavaScript тоа е поинаку. JavaScript е дел од секој web browser, па сè што ви треба за да напишете “Hello World” е текстуален едитор во кој ќе пишувате код. Резултатoт е веднаш видлив во самиот browser.
На сето ова, би додал и дека самиот програмски јазик е доста интуитивен, има лесна синтакса која лесно се изучува.
Заклучок: JavaScript нуди можност да започнете со програмирање веднаш, без дополнително да инсталирате било што, има едноставна и интуитивна синтакса, што го прави еден од најлесните програмски јазици за почетници.
- Најпопуларен програмски јазик на денешницата
Според спроведените анкети на StackOverflow, JavaScript 8 години по ред е најпопуларен програмски јазик помеѓу програмерите низ светот. Ова не е случајно. JavaScript во последно време се користи за изработка на веб апликации, но и за мобилни апликации. Ова прави JavaScript околу себе да има огромна заедница на програмери, кои меѓусебно постојано си споделуваат иновативни замисли, нудат решенија за некои проблеми и постојано имаат интеракција на разни конференции или настани. Како дополнителен мотив на сето ова, JavaScript програмерите се едни од најплатените програмери во светот.
Заклучок: JavaScript има огромна заедница, што значи за секој проблем којшто евентуално би го имале при програмирање, можеме во 99% од случаите да најдеме решение/мислење на интернет.
- JavaScript ќе те направи разновиден програмер
Доколку научите да програмирате во JavaScript, тогаш немате ограничување што сѐ интересно можете да изработите. Кога зборуваме за JavaScript, најчесто се мисли на код којшто е напишан на клиентска страна (front-end), но од 2009 годинa, со помош на Node.JS можете да го изработите серверскиот дел или back-end делот на веб апликациите. Мој предлог и совет е да не се почнува со изучување на Node.Js доколку не се совладаат добро сите основни концепти на JavaScript. Но, не може да се игнорира фактот дека со изучување на една синтакса, еден програмски јазик, за front-end и back-end е идеално!
Плус, може да се впуштите во изучување и на React JS, React Native, Angular, Vue.JS, кои претставуваат front-end рамки за развој на веб и мобилни апликации кои се ултра популарни денес. Имате можност да направите и десктоп апликација со помош на Electron, па дури и да се впуштите во machine learning работејќи со TensorFlow.JS
Заклучок: Изучувајќи само еден програмски јазик, JavaScript, имаме можност да одлучиме дали ќе развиваме веб апликации (front-end или back-end), мобилни или десктоп апликации.
- Премногу можности да научите JavaScript
Веќе прочитавте дека JavaScript има голема заедница од програмери и експерти во дадени области. Но, мора да се напомене и дека постојат многу различни начини и ресурси за тоа како да започнете со учење, а потоа и како постојано да се надградувате во JavaScript. Доколку сте почетник, можете да пребарате некои книги во кои се опишани основните концепти на JavaScript, да најдете голем број бесплатни или платени курсеви на интернет, да следите одредени туторијали, да слушате подкасти итн.
Откако ќе одлучите дека ова е насоката во која сакате да се движите кариерно, покрај теорија ќе ви биде неопходно и утврдување на стекнатите знаења и практична работа. Академијата за Full Stack програмирање и Академијата за Front-end програмирање во Brainster го овозможуваат токму тоа на нашите студенти, стекнување на соодветните знаења и вештини, но и нивна примена преку работа на реални проекти. Доколку навлезете во светот на JavaScript и веб програмирање, ќе влезете во динамичен свет во којшто ќе имате можност да изучувате нешто ново и интересно – секојдневно.
Доколку сакаш да си дел од Coding заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни, дознај повеќе за Академијата за Full Stack програмирање и Академијата за Front-end програмирање.
На Академијата за Full Stack програмирање и Академијата за Front-end програмирање учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!