Со задоволство ви го најавуваме нашиот најнов и ексклузивен партнер за вработување во областа на Full-Stack HR, a тоа е компанијата The Big Search. Welcome to our ecosystem!
The Big Search е компанија со канцеларии во Амстердам, Лондон, Берлин, Будимпешта и Скопје, која e специјализирана во доменот на регрутирање таленти од ИТ индустријата, а во наредниот период ќе соработува заедно со нашата Full-Stack HR Академија и во областа на едукација, но и во делот на успешно регрутирање и вработување на најдобрите таленти.
Во денешното интервју, нешто повеќе за компанијата, културата и професијата на HR, ќе ни објасни Лилјана Секуловска – Head of HR на The Big Search во Скопје
Здраво Лилјана, најпрво мило ни е што си дел од нашиот тим на инструктори на HR Full-Stack Академијата. Кажи ни нешто повеќе за себе, твојата позадина и моменталната позиција?
И на мене ми е многу драго што зедно со другите HR професионалци ќе бидеме дел од првата Академија на Brainster за човечки ресурси и што ќе можеме да пренесеме дел од нашето знаење и искуство на сите што сакаат да градат кариера во оваа област.
По професија сум магистер по правни науки со повеќе од 15 години работно искуство во приватниот сектор. Првично дипломирав на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што студирав странски јазици, бидејќи отсекогаш сакав да градам кариера во интернационална компанија и да соработувам со колеги од други земји. Таа желба ми се исполни пред 6 години кога се приклучив на The Big Search и своето долгогодишно искуство во организација и грижа за корисници и клиенти, го насочив во грижа за вработените.
Технички мојата позиција од самиот почеток се води како Head of Office, односно управител на нашата компанија во Скопје, но она што јас посветено го работам и усовршувам е всушност менаџмент на човечки ресурси на ниво на целата компанија.
Во моментов работиш како Head HR во компанијата The Big Search, со кои предизвици најчесто се соочуваш во текот на работниот ден? Кои одговорности со себе ги носи оваа позиција во компанија како The Big Search?
The Big Search е компанија која вo период од 5 години порасна од мал тим од 10-тина луѓе во компанија со 150 вработени, отвори канцеларии во 5 земји низ Европа и продолжува да расте и понатаму, што значи дека следењето на таков раст само по себе е огромен предизвик за нашиот оддел за човечки ресурси од повеќе аспекти. Почнувајќи од усогласување на HR администрацијата во сите земји согласно законите, преку вработување, раст и развој на таленти, до компензација, бенефиции и исполнување на критериумите за задоволството на вработените.
Една од причините зошто ја сакам својата професија е дека никогаш немам два исти денови и секој ден ми е новo искуство и ново школо. Најголем предизвик ми е да успеам да си ги завршам обврските до крајот на работното време, што ретко се случува бидејќи сум постојано достапна за сите наши вработени.
Како функционира процесот на регрутирање на нови кадри во компанија како The Big Search? Кои се одговорностите на HR секторот во овој процес?
HR секторот, кој ние во нашата компанија го викаме People team, е одговорен за регрутација на нови кадри и подготовка на долгорочен план за вработување. Во рамките на нашиот оддел имаме тим за интерни вработувања кој се состои од тројца регрутери, кои секојдневно се посветени на тој план. Регрутацискиот процес се состои од неколку чекори при што дел од позициите најчесто ги огласуваме преку LinkedIn, додека за сениорски позиции (како професионална компанија за регрутација) правиме sourcing. Интервју процесот се состои од неколку разговори и изработка на студија на случај. Во текот на регрутацијата, вработувањето и onboarding на новите вработени учествуваат и други оддели во зависност од позицијата, најчесто имаме група на ментори кои се активно вклучени во дел од интервјуата, обуките и тренинзите во првите 3 месеци.
Дали постои „перфектен” модел за менаџирање со човечки ресурси? Од моментот на регрутирање, развој, па сѐ до задржување на еден талент?
Мислам дека моделот за менаџирање многу зависи од индустријата, организациската структура и култура на една компанија и колкава поддршка добива одделот за човечки ресурси од страна на менаџментот. Ова не е професија за која важи one size fits all, но сѐ додека задоволството на вработените и нивните потреби за раст и развој се приоритет за организацијата, тоа значи дека одделот за човечки ресурси е на добар пат. Јас сама никогаш не би можeла да кажам дека сме го откриле перфектниот модел, бидејќи секогаш има простор за подобрување и усовршување. Најважно е какви ќе бидат резултатите, односно дали вработените се среќни, задоволни, успешни и ценети во компанијата. Тука HR позицијата може да направи голема разлика.
Со оглед на тоа како се движи во моментов индустријата, каков тип на кадри сметаш дека повеќе ќе бидат барани во иднина, а кои кадри ќе стануваат неконкурентни на tech пазарот?
Технологијата и развојот на софтвер се во неверојатен подем и голем фактор во светската економија, што според некои статистики вели дека секој ден во светот се отвараат преку 130.000 стартапи. Сите кадри кои учествуваат во развој на софтвер и автоматизација на услуги и процеси, вклучувајќи и позиции кои не можат да се заменат по пат на автоматизација, како што се менаџери за финансии, дигитален маркетинг, човечки ресурси… се барани и сега и ќе бидат барани во иднина. Додека сите други позиции и услуги кои може да бидат лесно заменети со некаква апликација, ќе станат редундантни.
Дали и зошто сметаш дека HR позицијата ќе биде сѐ побарувана во иднина? И зошто е истата важна за tech компаниите?
Не само во иднина, туку HR позицијата е веќе многу барана, особено во ИТ индустријата поради т.н борба за таленти. Побарувачката во овој сектор е многу поголема од понудата која ја има на пазарот, не само во Македонија туку секаде во светот. Затоа HR позицијата игра клучна улога како партнер на секој бизнис, бидејќи му помага, не само да ги привлечат, туку и да ги задржат своите таленти. Преку имплементација на долгорочна и people-centric стратегија, нивната улога е да го заштитат највредниот капитал на компанијата, а тоа се луѓето, кои во оваа индустрија имаат голем избор и постојано се барани и контактирани од страна на други компании.
Пред извесно време The Big Search стана официјален партнер за вработување на Brainster. Како и зошто се одлучивте за потпишување на ваков тип на партнерство?
Нашата компанија е постојано во потрага по нови вработени кои сакаат да се развиваат како идни професионалци за регрутација. Уште на самиот почеток кога ја отворивме нашата канцеларија во Скопје, склучивме неколку договори со факултети од УКИМ, од каде што ни беа препорачани одлични студенти, а кои ги изградивме во врвни консултанти. Имајќи го ова позитивно искуство зад нас, сметавме дека партнерството со Brainster би била одлична можност за соработка со студентите кои успешно ја завршиле Full-Stack HR Aкадемијата и кои веќе добиле солидни предзнаења од сите професионалци кои учествуваат во овој проект.
Ти си во исто време и инструктор на Full-stack HR Академијата на Brainster каде што заедно со твоја колешка го држите модулот „Регрутирање, селекција и oнбоардинг на вработени“. Каков бенефит ќе добијат студентите за време на овој модул и дали најдобрите ќе имаат можност преку твоја препорака да се вработат во The Big Search ако ги исполуваат вашите услови?
Модулот за регрутација, селекција и onboarding, ќе биде во траење од 3 недели, каде што заедно со Ема, ќе презентираме кои вештини, алатки и техники се потребни за водење на успешен регрутациски процес, со фокус на регрутација преку т.н sourcing (headhunting), односно про-активна потрага и пристапување до кандидати за одредени позиции.
Студентите во овој модул ќе имаат можност и бенефиција да се запознаат подетално со процесот на регрутација, како се поставува стратегија и како се прават истражувања на пазарот на таленти во светот. Во текот на часовите ќе имаме прилика во живо заедно да пребаруваме профили на зададени позиции со примена на регрутациски техники, како и да правиме интервју-а со некои од нашите консултанти кои со години работат за некои од најголемите tech компании во светот.
Во текот на модулот ќе бидат зададени домашни задачи и студии на случај врз основа на кои ќе направиме евалуација и ќе ги поканиме на разговор сите студенти кои квалитетно ќе ги завршат задачите на англиски јазик, и кои сакаат да го продолжаат својот кариерен развој во оваа насока.
За крај, ти благодариме за одговорите – што имаш да им препорачаш на сите студенти кои се заинтересирани за оваа професија, а и на сите компании кои сакаат поефективно да наоѓаат и задржуваат таленти?
На сите студенти на Академијата најнапред сакам да им честитам за направениот избор и инвестицијата во себе, бидејќи еден од предусловите за да се биде успешен во оваа професија е континуирано учење и надградба. Затоа да продолжат и понатаму да бидат љубопитни и секојдневно да читаат, истражуваат и учат од најдобрите практики кои ги применуваат светски познатите компании и нивните професионалци за човечки ресурси.
Во однос на привлекување и задржување на талентите, најважно е пред сѐ, компанијата да има изградено бренд на работодавач кој се грижи за своите вработени и нивното задоволство. Ние сме мал пазар и тука и добриот и лошиот глас многу брзо се шири. Вие може да вработите врвен регрутер кој ќе ги пронајде најдобрите таленти на пазарот, ама ако тие не сакаат да дојдат во вашата компанија поради лошиот рејтинг или неконкурентни услови, ќе биде залудно.
Времињата се сменети, особено после пандемијата и можностите за работа од дома, се поставуваат нови правила на игра, каде што младите таленти имаат поголем избор и за нив работата не е повеќе само извор на приход туку многу повеќе. Затоа секоја компанија која сака да ги привлече најдобрите, мора да се прилагоди на новите трендови, да ги стави вработените на прво место и да им пружи одлични услови, можности и бенефиции.
Уписите за следната група на Full-Stack HR Академија се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!
Ако сѐ уште се прашувате зошто да станете hiring партнер на Brainster, посетете ја co-innovation & hiring платформата и уверете се сами.
Биди дел од иднината и соработувај со Brainster преку платформата за иновација.
Имаш потреба од талентиран кадар за твојата компанија? Вработи студент преку нашата платформа