“Ask Why” со Александар Чамински CEO на COLONY

Роденденски овој месец решивме дека Brainster ќе ги сподели своите вредности со заедницата. Заедница составена од сите наши студенти, инструктори и компании со кои соработуваме исто така и компании, стартапи, колеги и пријатели на кои им се восхитуваме.

Следна вредност која сакаме да ја споделиме со вас е Ask Why.

Еве како нашиот тим во Brainster ја дефинираше:

A promise to always ask why and why not.

A promise to approach the world and work in an interrogative way.

A promise to find the question that will solve the problem.

Секогаш кога создаваме нешто е потребно да се прашаме зошто го правиме тоа? Која е смислата позади креацијата. Само преку константно прашување можеме да го запознаеме вистински светот, себеси и нашите цели.

Па, затоа го прашавме Александар Чамински CEO и Co- founder на Colony зошто создава и зошто треба да го разбираме светот преку постојано прашување и испитување.

Треба да внимаваме секогаш кога некој ветува едноставен одговор на комплексно прашање. Дали се согласуваш?

Не се согласувам.
Живееме во динамично време во кое сме изложени на ветувања што многу често и не се остваруваат. Сеуште имам верба во луѓето и во нивните намери. Се давам 100% во она што верувам дека ќе го направи општеството едно подобро место за живеење. 

Комплексноста на одговорот според мене и нема некоја тежина при носење на одлука. Многу повеќе ја вреднувам логиката на одговорот. Некогаш и најкомплексните прашања имаат многу едноставен одговор. 

Зошто создавате подобри “remote” тимови за компаниите? Дали Colony е еден вид на предвидување на идниот начин на работа?

Од година во година, дигиталните технологии се подлабоко навлегуваат во нашето секојдневие. Околу 40% од работни задачи се автоматизираат. Се менува природата на работните позиции.
Colony е компанија со отворена работна култура, која гради и развива “tech” тимови. Во фокусот на нашето работење е човечкиот капитал и можностите за раст и развој. Имаме мисија да го извадиме најдоброто од луѓето, да ги прифатиме разликите и да учиме од нив. 

Инвестираме во економијата на таленти со цел да ја зголемиме продуктивноста не само на нас како единки туку на целото општество. Само така ќе одиме напред како заедница. 

Зошто реши да се вратиш од Лондон во Скопје? Очигледно никогаш не го одбираш полесниот пат. Дали има некоја конекција и влијание начинот на кој размислуваш и работиш од твоето претходно искуство?

Што значи „потежок”, а што „полесен” пат и зошто некој би го одбрал потешкиот пат?
Работам нешто што ме исполнува и ми дава слобода во размислувањето. Секој ден учам нешто ново од луѓето со кои сум опкружен и давам се од себе да пренесам нешто корисно. Запознавам нови луѓе со кои разменувам мислења и идеи како би биле понапредни како заедница. 

Јас мислам дека го одбрав „поинтересниот” пат. Кој го одбра ти? 

Од Лондон се вратив од многу едноставни причини. Немав виза… а некако ни желба да останам. Дефинитивно, Лондон го промени начинот на кој гледам на работите. Но, верувам дека доколку луѓето доволно се посветат да го искористат нивниот потенцијал, тоа можат да го направат од било кое место на планетата. 

Зошто “Colony”? Раскажи ни ја идејата позади името, дали името ја раскажува приказната за брендот?

Веруваме во интеракција и соработка со заедницата. Поставивме прашање кое дава насока на размислување кон еден нов почеток.  – „Кога би се населиле на Марс, како би се викал првиот град”? 

Разгледувавме преку 100 идеи за имиња. Пред да го избереме името ги поставивме вредностите и она што би било наша мисија. Човекот кој ја препозна нашата визија беше Небојша Гелевски – Бане. Исклучително квалитетен професионалец кој и самиот придонесува кон подобрување на квалитетот во заедницата.

Продолжуваме да инвестираме во економијата на таленти. Работиме интензивно со цел да овозможиме работни позиции кои можеби ќе бидат една причина плус за професионалците да останат во Македонија. Да изградиме здрава професионална средина за раст и развој.

Зошто овој брендинг и ова лого? Дали мислиш дека голем број од следбениците и талентите кои ќе ги привлечете ќе дојдат од креативната заедница?

Не сакам да гледам така на работите. Мислам дека луѓето треба да ги привлекува квалитетот на работата, можноста за раст и развој како и слободата. Брендингот го гледам како еден вид интерпретација на вредностите и заложбите. Механизам преку кој се доближуваме до оние кои се храбри да ги дадат нивните 50 центи за заедницата. 

Зошто “ask why” е толку важен дел од создавањето и креирањето на процеси? Колку пати се преиспита себе си и своите одлуки во процесот на креирање на Colony?

А зошто прашуваш? 

Никогаш не престанав да се прашувам зошто. Се уште се прашувам. Секој ден. Прашањата се најважната алатка која ја користиме да создадеме подобар продукт. Ако не поставуваме прашања никогаш нема да можеме да одговориме на предизвиците. 

Прашањата се ѕвездената прашина од која е создадена Colony. 

Не се плашам да донесам лоша одлука. Мислам дека тоа е најефективниот начин да научиш лекција плус во животот. Не ти требаат повеќе од 10 минути во денот да направиш ретроспектива на се што си направил во изминатите 24 часа. Практикувам да се самоевалуирам, каде со ладна глава размислувам дали сум можел да донесам подобри одлуки. 

Зошто сметаш дека е важно да се прашуваме за се во животот? Дали се сложуваш дека се во животот е предвидено, но нам ни е дадена дозвола и можност да менуваме се што ни се случува постојано?

Верувам во карма. Идинината ја дефинираме самите ние преку активностите што ги превземаме денес. Човечкиот потенцијал нема граници. Во оној момент кога ќе се посветите на нешто, носите одлука да ги поместите границите на она што е нормално.

Прашањата ги поставуваме со цел да еволуираме во нешто подобро. Кон тоа се стреми секој организам на планетава. Секоја клетка се обидува да биде подобра верзија од себе при нејзиното обновување. 

Не е поразлично и со Colony. Секоја промена е со цел да бидеме подобра верзија на тоа што сме биле вчера. Разговараме со заедницата. Заедно се соочуваме со предизвиците и максимално сме вложени да понудиме нешто подобро на пазарот. Како за компаниите така и за професионалците. 

Дали му дозволуваш на твојот тим да ти го промени мислењето и да влијае на одлуките?

Апсолутно да. Ги охрабрувам да превземат “ownership” во она што го работат. Верувам во нивните квалитети. Затоа и соработуваме. 

Во ниеден случај неможам да бидам подобар дизајнер од Диди и Ангел. Не гледам причина зошто не би им ја доверил нив таа одлука. Потребно е секој од нас да ги негува своите јаки страни и да ги примени во опкружувањето во кое се наоѓа.

Микро Менаџментот ја загадува работната атмосфера. Ја нарушува креативноста на сите оние кои донеле одлука и посветиле време да работат со тебе. 

Кон која „работа” секогаш гледаш со нетрпение во животот? Што е твојата цел во личната потрага?

Да одам на скијање. 

Можеби звучи смешно, меѓутоа на крајот од денот кога ќе ги завршиме сите обврски сакаме да бидеме слободни. Да го правиме она што ни ги полни батериите. Да го посветиме времето на луѓето кои не сакаат. Само така ќе размислуваме подобро.
За да можеш да ја истуриш чашата со вода, мораш прво да ја наполниш. 

Зошто го одбра Brainster? Објасни ја синергијата помеѓу Brainster и Colony?

Веќе стануваме интимни 😀

Мислам дека за многу размислувања и вредности едноставно кликнавме. Имам поголема историја со Brainster. Запознаен бев со начинот на размислување на сите кои се дел од Brainster. Знам колку работеа да дојдат до ова што се денес. Ја делиме истата визија.
Бев во ситуација каде што можев да бирам на што и со кого да соработувам. Како и секогаш, бев отворен да ги разговарам моите идеи и да го споделам начинот на кој размислувам. Brainster од друга страна има платформа за едукација и развој на сегашните и идните генерации. Да им овозможи да ги унапредат своите вештини со цел да одговорат на предизвиците на дигитализацијата. 

Colony доаѓа како одговор на инвестирање во економијата на таленти. Приоритетот на Colony е да ги создаде сите услови за професионалците да бидат мотивирани, продуктивни и исполнети во она што го работат. Да им овозможи квалитетен раст и развој. Како професионален така и личен. 

Ги повикувам сите внимателно да го пратат целиот екосистем кој се гради околу Brainster и Colony. 

 

There is more to come.

Related Stories For You