Некогаш може да делува застрашувачки напуштање на една кариера и целосно пренасочување кон друга. Напуштање на навидум удобна позиција на релативно фино работно место и тргање во нешто сосема непознато. Благица е доказ дека ако имате јасна визија каде сакате да одите и ако ја имате вистинската мотивација тогаш сѐ што треба е да го направите првиот чекор. Една од работите кои најмногу и се допаѓаат кај новата професија е слободата на избор, односно што можеш да бираш дали ќе работиш во компанија, фриленс или на конкретен проект, а исто така и фактот дека можеш да работиш каде ќе посакаш, дали во канцеларија или на плажа…

За почеток едно стандардно досадно прашање, дали можеш да ни кажеш нешто повеќе за тебе?

Здраво, јас сум Благица, живеам во Скопје… и не сакам да досаѓам со клише интроа. 🙂 Она што е најбитно е што како секој нормален човек откако завршив факултет (Економски) и работев по струка, решив на 28 години да сменам кариера и да се впуштам во програмирање. Моментално работам во софтверска фирма – Steets, со седиште во Холандија, и слободно можам да кажам оваа промена е најдоброто нешто што сум го направила во животов!

Од каде желба за програмирање? Што стои зад одлуката да направиш ваков крупен чекор кога се работи за твојата кариера?

Уште од мала ме привлекувала технологија, компјутери, игри (hur hur, them pirates…), и за некое чудо Електро факултет не ми беше the obvious choice… Понатаму појасно ми стануваше дека ќе си го мразам животот со кариерните можности што ми ги нудеше факултетот, и со поддршка од најблиските се решив да сменам. Навистина е застрашувачки што на таа возраст се соочуваш со непознатото, но на крајот мило ми е што ја направив промената.

Кои се причините поради кои се реши да ја напуштиш претходната работа и да направиш целосна преквалификација?

Претходно работев во една од подобрите банки, во back office, првенствено во одделот на спорни трансакции со платежни картички, а потоа во одделот за електронско банкарство. За околу 3 години работа таму, научив многу работи и се соочив со интересни проблеми, но тоа како да не ми беше доволно. Едноставно не се осеќав исполнето од работата и не чувствував дека тоа може до крајот на животот да ми го држи вниманието. Поради тоа се одлучив на таква кариерна промена.

Но, ако ме прашате дали кога би можела да бирам би го направила истото, би го поминала истиот пат 🙂

Дали имаше некакво претходно предзнаење или искуство кога е програмирањето во прашање?

Пред да се запишам на Академијата за програмирање во Brainster имав поминато некои онлајн курсеви за Javascript во своја режија, и поради тоа се решив на посериозен чекор – да ја напуштам работата и целосно да се посветам на доедукација. Топло препорачувам на сите што размислуваат за ваков чекор, да пробаат првенствено сами воведни курсеви на интернет, со цел да видат дали ќе се „закачат“ на мамката 🙂

Многу луѓе се наоѓаат во недоумица дали програмирањето е професија за нив или не. Сметаат дека за програмирањето треба да се има „математичко/аналитички ум“ и дека не е професија за секого. Што мислиш за ова? Дали и ти имаше страв од програмирањето претходно?

Делумно одговорив на ова во претходното прашање. Секој ум е различен и различно размислува, и ќе има различен пристап на проблемот. Програмирањето знае да изгледа застрашувачки, затоа што со многу работи ќе се соочувате за прв пат, и ќе треба да пронајдете начин за да се справите со нив, ама тука е и најинтересниот дел 🙂 Што ме доведува до заклучокот дека не зависи каков ум имаш, туку што те влече во животот.

Кои митови, за кои си слушнала претходно, ги имаш скршено откако стана програмерка?

Сметав дека тешко или скоро невозможно е професионално да се занимаваш со програмирање толку доцна во животот, но и тој мит падна во вода очигледно 🙂

Колку време ти требаше да стигнеш од апсолутен почетник (без никакво предзнаење) до програмерка која знае да се снајде сама или барем знае како точно да побара помош од поискусните колешки и колеги?

Ова прашање ќе ми биде невозможно да го одговорам, затоа што се уште се осеќам како апсолутен почетник. Најверојатно ќе се осеќам и како почетник и после година дена кодирање. Супер би било да се осеќам така и понатаму, затоа што во таков state најмногу се учи. Егото на тивко треба да си го крчкаш за вкусно јадење да излезе 🙂

Кои се работите кои најмногу те мотивираа за да истраеш во целиот процес на започнување на новата кариера? Кои се твоите навики за кои мислиш дека најмногу ти помогнале да успееш да ја направиш оваа трансформација во кариерата?

Проблемите. Нема ништо послатко од тоа да решиш некаков проблем! Не е инстант гратификација, зашто може да потрае со денови, но е the next best thing. Кога кодот ќе ти работи, иако си го пишувал и знаеш што прави (бар поголемиот дел хаха), пак го имаш она чуство на магија што се случува пред тебе. Можам слободно да кажам дека чувствувам детска радост во процесот, и тоа најмногу ме држи да истраам во останатите моменти кога едноставно не ти е денот 🙂

Што најмногу ти се допаѓа во новата професија? За какви проекти сонуваш во иднината?

Сѐ! Не е шега, ми се допаѓа се`. Конкретно на моето работно место, колегите, атмосферата, можноста да учам и да се надоградувам, можноста да работам во тим и да видам како се „склопува“ нешто што има реална употреба во светот. Убавината е што постојано има што да се учи, и спротивно на јавното мислење, кодирањето знае да биде многу креативна професија. Понатаму би сакала да работам на попредизвикувачки делови од проектите, but all in due time 🙂

Како ти се чини твојот почеток од сегашна перспектива? Дали се исплати сиот труд кој го вложи за да станеш програмерка?

Дефинитивно да! Презадоволна сум од можностите кои ги добив како за тотален почетник, и за толку краток период што успеав комплетно да сменам кариера. Најмногу ми се допаѓа што оваа професија на ниеден начин не може да те ограничи, туку имаш можност да бираш дали сакаш вработување во компанија, фриленс, работа на проекти… можеш да работиш каде и да посакаш, дали би било во канцеларија, на плажа, на некоја планина, да работиш на каква технологија и проекти и да посакаш, и најзастрашувачката работа (за многу луѓе) е што сам си одговорен за сѐ, колку ќе се вложиш, толку ќе добиеш назад 🙂

Доколку имаш да порачаш нешто на други жени кои се размислуваат дали да направат сличен чекор како тебе што би било тоа?

Women, unite! Хаха, мала шала. Сакате да смените нешто? Зошто бар да не пробате? Направете чекор, било колку мал, пробајте сами доколку не сте сигурни што сакате. Во ова време со сите информации достапни вреди да се обидеш. Во последно време ми се врти една мисла која ме мотивира: Ако е еден животот, што имаш да изгубиш ако пробаш…

Уписите за наредната Aкадемија се во тек. Погледни ја програмата овде.