До сега, од 5 членови на тимот на Vrootok, 3ца се дипломирани студенти од Brainster.
Христина, Марија и Маја, по завршувањето на Академијата за дигитален маркетинг станаа дел од маркетинг тимот на Теодора! Не може да ни биде помило! Прекрасна екипа млади креативци, кои допрва ќе се докажуваат, а веќе се пласираат на глобалниот пазар.
Vrootok е релативно млада компанија, а веќе одлично ви оди! Колку време постои Vrootok? Кажете ни нешто за вашите почетоци – како дојдовте до идејата за стартување на ваква компанија?
Vrootok постои малку повеќе од една година, а со моменталниот бизнис модел функционираме веќе 8 месеци. Идејата се роди спонтано. Маркетинг како област ми е пасија повеќе од 10 години, а желбата за сопствен бизнис тлееше уште од средношколските денови, кога сонував да создадам сопствен бизнис преку кој ќе им помагам на луѓето да развиваат креативни идеи.
Соработката со клиенти од странство беше инспирирана од желбата да бидеме во тек со најновите трендови во областа на дигиталниот маркетинг. Работиме и со клиенти од Македонија, најчесто со компании кои ги следат светските трендови и сакаат да користат модерни техники за промоција.
Каква е бизнис климата за започнување на свој бизнис во Македонија? Тешко ли е да се оформи сопствена компанија тука? Како Вам ви успеа?
Климата за оформување бизнис кај нас е значително поповолна од изминатите години. Со зголемување на свеста за вредноста на старт-ап компаниите во Македонија, верувам дека можностите за започнување на свој бизнис се одлични. Формалното оформување на компанија е лесно, тешкиот дел доаѓа кога треба да се постават темелите на бизнис моделот, структурата на тимот и да се задоволат потребите на клиентите кои ни се таргет. ?
Тимот на Vrootok работи по премисата дека ништо не е тешко доколку сме доволно упорни, фокусирани и имаме јасна цел. Нормално е да има подеми и падови, но она што е најважно е тимски дух, трпение и правилно организирање и оптимизирање на секојдневните обврски.
Постоите релативно кратко време, а веќе го освојувате светот. Имате соработка со компании од САД, Канада и Австралија. Како успеавте за толку кратко време да се пробиете на меѓународниот пазар?
Како компанија обезбедуваме он-лајн маркетинг и консалтинг услуги чија побарувачка е висока во светски рамки. Старт-ап компаниите во земјите кои ги таргетираме имаат голема потреба од маркетинг услуги, бидејќи најчесто нивните in-house тимови се фокусирани на развој на софтверското решение и немаат доволно човечки ресурси за развој и реализација на маркетинг стратегии.
На какви проекти работите? Кој ви е омилениот проект на кој имате работено досега?
Најчесто работиме со стартапи кои произведуваат софтверски решенија и со компании од Blockchain индустријата. Секој од членовите на тимот има свои проекти, така што на секој од нас ни се омилени клиентите за кои лично се грижиме.
Работите со дигитален маркетинг, па кое е вашето мислење на темата – Дигитален маркетинг во Македонија? Колку е навлезена дигитализацијата на нашиот пазар? Колкава е потребата од дигитални маркетери кај нас?
Потребата од дигитални маркетери во Македонија е висока исто како и потребата за дигитализација. Драго ми е што се повеќе компании кај нас ја разбираат вредноста на дигиталниот маркетинг, но сметам дека сеуште сме на почетоците на дигитализација на широкиот пазар. Најголемата вредност која ја нуди дигиталниот маркетинг е овозможување на реални и мерливи метрики, според кои може да се следат однесувањето на потрошувачите и потребата на купувачите кои сакаме да ги привлечеме. Од друга страна, користењето на социјални медиуми и Google алатки е многу повеќе од обично спонзорирање на објави и таргетирање на публика. Сепак, верувам дека компаниите кај нас се на добар пат кон остварување на придобивки од користењето на дигитални маркетинг техники.
Од 5 членови на тимот на Vrootok, 3ца се дипломирани студенти на Академијата за дигитален маркетинг на Brainster! Зошто одлучивте да вработите луѓе токму од Brainster?
Brainster значително го подобри неформалното образование во Македонија, овозможувајќи им на студентите да се стекнат со вештини кои се потребни за наоѓање на работни места во високо-растечките сектори на модерното општество. Со оглед на тоа што Vrootok е компанија која работи со клиенти од високо-растечки сектори, воопшто не се двоумев за изборот кога почнав да го градам тимот.
Квалитетот на академиите се забележува уште на првото интервју со кандидатите, а подготвеноста на практикантите и вработените е видлива уште по првата недела од нашата соработка.
Според Вас, кои се главните предизвици со кои се соочуваат новите компании денес? Како се справувате вие со овие предизвици?
Еден од главните предизвици е обезбедување на тим кој ќе ги разбере целите и вредностите на компанијата. Особено на нашиве простори, основачите на стартап компании често пати се соочуваат со проблемот на наоѓање солидни кандидати за вработување. Овој предизвик е најголем за претприемачите кои сакаат да започнат бизнис кој се основа на модерна технологија и не може да најде квалификуван кадар кој ќе му помогне во развојот на бизнисот. Затоа е одлично што Brainster како компанија се труди да го намали образовниот gap за модерните работни позиции. Дополнително, голема улога игра и буџетот, бидејќи без доволно голем буџет дел од важните активности за развој на бизнисот можат да бидат попречени.
За крај – што имате да порачате на оние кои сакаат да започнат свој бизнис?
Доколку чувствувате возбуда секогаш кога ќе помислите на својата бизнис идеја, не се плашете да ризикувате. Првиот чекор секогаш е најтежок, но тој го отвара патот кон нови авантури и успеси. Не заборавајте да верувате во себе и да имате трпение, бидејќи за успехот да се случи преку ноќ, потребна е напорна работа и истрајност.
Уписите за Академијата за дигитален маркетинг се во тек. Види ја програмата тука.