Четвртата епизода на BRAINCAST за нас беше посебна. Разговаравме со студентите од Brainster Next за нивните искуства, хобија и предизвици со кои се соочуваат за време на студирањето и во процесот на избор на нивната идна професија и вработување. Ова се советите и препораките на Ива, Драган, Сара, Давид и Александар кои веруваме ќе ти помогнат да го пронајдеш кариерниот пат кој го посакуваш.
Прашувај, прашувај, прашувај
Дали познаваш некој од твоето окружување чиј кариерен пат те инспирира?
Веднаш покани ја/го на разговор!
Разговарај со луѓе кои веќе ги стекнале искуствата кои ги посакуваш. Прашај ги сѐ што те интересира и пробиј ги сите „бариери“ околу кои се двоумиш!
Преку контактот со искусни професионалци од индустријата ќе дознаеш како индустријата функционира во реалноста, кои се моменталните предизвици, каде има простор да се најде некој како тебе. Можеби она за кое мислиш дека е „dream job” за тебе, во пракса нема да се покаже како такво или сосема обратно, она кое никогаш го немаш гледано како можност за кариерен развој, ќе стане одлична опција.
Големи можности можат да се отворат само ако го совладаш стравот од пристапување и прашување што те интересира.
Започни со работа пред да се вработиш
Искористи го своето слободно време за да започнеш да креираш во индустријата во која посакуваш да работиш во иднина. Направи блог, креирај проект и споделувај ги фаза по фаза неговите решенија, снимај кратки влогови со твои размислувања на теми од индустријата…Покажи и на целата заедница дека твоето мислење вреди. Направи се себеси посакуван вработен за повеќе компании.
На овој начин, дури и да немаш што да прикажеш во твоето CV како работно искуство, ќе имаш конкретен проект со кој ќе можеш да се пофалиш.
Откако ќе ја поставиш основата, испробај се со пракса. Практичното знаење, кое е основен дел од програмите на Brainster Next, е од неопислива вредност за понатамошно вработување. Студентите кои веќе го совладале практичниот сегмент имаат поголема предност и потенцијал за вработување.
Развиј ја својата пасија
„Единствена работа која ги дели луѓето е пасијата” вели Драган, студент на софтверско инженерство и иновации на Brainster Next. Пронајди ја својата пасија и развиј ја најмногу што можеш.
За да добиеш појасна слика за што е она што сакаш да го постигнеш во кариерата и како сакаш професионално да се развиваш, обиди се да одговориш на овие неколку прашања:
Кои меки вештини ги поседуваш?
Кои технички вештини се твојата јака страна?
Што те мотивира секојдневно?
Кои промени сакаш да ги видиш?
Што ти привлекува најмногу внимание?
Јасните цели ти даваат почиста насока за кариерниот пат и амбиции кои е потребно да ги следиш. Кога јасно ќе ги дефинираш своите професионални и лични вредности, многу полесно ќе ја најдеш професијата која ќе те исполнува, на долг рок.
Погледни кои совети и препораки ги дадоа и останатите студенти во поткастот тука.
Патот до успешна кариера е уникатен и индивидуален за секој. Без оглед на кариерата која ќе ја одбереш на почетокот, запомни дека таа одлука може да се промени во секој момент. Многу е поважно колку години во иднина работата ќе те мотивира, а воопшто не е важно колку години претходно си бил на погрешна патека.
Истражи ги сопствените идеи, унапреди ги твоите вештини и одбери ја рутата која ќе те однесе до целите кои ги посакуваш.
За повеќе совети, погледни ги сите епизоди на BRAINCAST тука.