Дали кога не би постоеле пари, би го работеле тоа што во моментов Ви го окупира најголемиот дел од Вашиот живот? Дали некогаш сте посакале да живеете и заработувате од она што навистина сакате да го правите?
Ако одговорот е да, тогаш овој текст може да Ви даде инспирација како да тргнете во правец кон остварување на Вашиот сон.
Доколку припаѓате на оние луѓе кои ја имаат таа среќа да работат и заработуваат од она што со задоволство би го правеле и во слободното време, тогаш можеби ќе се препознаете во текстот што следува.
Сигурно некогаш сте се запрашале дали ова е животот кој сакате да го живеете.. дали чувствувате дека сте создадени за да го правите тоа што ви одзема најголем дел од Вашето секојдневие?
Можеби размислувате да започнете свој бизнис. Во овој случај најдобар совет е да не започнувате нешто само колку да се рече дека имате своја компанија.. или единствена мотивација да Ви биде профитот.. или само затоа што ќе си бидете сам свој газда..
Најголема мотивација треба да Ви биде чувството што го имате кога го работите тоа што го сакате.
Процесот е едноставен, но не е лесен.
Како на пример, кога сакате да научите да свирите на гитара. На почетокот ќе Ве болат прстите, нема да ги слушате посакуваните звуци, можеби дури ќе помислите и да ја фрлите гитарата преку прозор..:)
НО, по одредено време посветено на константно вежбање, ќе се изненадите од Вашата способност да отсвирите нешто што на почетокот Ви било незамисливо да го направите. Ќе сфатите дека сепак можете да го постигнете тоа што вистински го посакувате.
Првиот чекор е да сфатите што е тоа што искрено сакате да го правите.
Постојат ефикасни техники кои може да ги пробате за да дојдете до вистинскиот одговор.
Една од нив е да започнете со запишување на сите работи за кои постојано се интересирате и Ви причинуваат задоволство. Сметајте го ова како еден вид на брејнсторминг.
Потоа започнете со елиминација, односно спротивставување на идеите сѐ додека не остане онаа пасија која најмногу ви значи.
Откако ќе останете со последната, најпосакувана опција, треба да размислите што понатаму со неа? Како можете Вашата страст да ја материјализирате со цел да имате подмирени сметки и достоен живот.
Почнете со одговор на прашањето – каков проблем ќе успеете да решите преку правење на тоа што го сакате?
Доколку не Ви паѓа на ум ниедна идеја, започнете со истражување. Пребарајте што е она што се нуди и бара на пазарот, а е поврзано со Вашата страст. Дали има луѓе на кои можете да им помогнете? Пронајдете ја Вашата целна група и размислете на кој начин и со каков пристап можете да им се доближите и да го претставите Вашето решение.
Кога веќе знаете што е тоа што го нудите, односно со што можете да и помогнете на Вашата целна група, ќе знаете и како да им прикажете дека токму Вие го имате тоа што им е потребно за да го решат својот проблем. Или пак можете да им понудите нешто што им причинува задоволство. Како и да е – треба да задоволите одредена нивна потреба.
Откако ќе имате јасна слика за Вашите потенцијални клиенти, односно која целна група би ја користела услугата или производот кој Ви причинува задоволство да го правите, ќе знаете и каде да ги најдете првите контакти. Ќе знаете како да ги заинтересирате и на кој начин да ги привлечете да стигнат до решението кое го нудите.
А кога имате одговор и на прашањето “Зошто го правите тоа што го правите?”, Вашата приказна добива смисла и Вие ќе имате цел кон која се стремите.
Звучи едноставно нели?
Еве пример. Креативни сте, секогаш сте имале идеи и инспирација за креирање на карактерчиња и илустрации, најдобро се изразувате преку цртање, .. Но никогаш не сте помислиле дека можете финансиски да се издржувате од оваа Ваша страст. Следното нешто што треба да направите е истражување, односно да откирете каде и како може да го понудите Вашиот талент како графичко решение. Можеби на некој веб сајт за freelance работа или пак ќе се промовирате на локалниот пазар, можеби за почеток ќе одлучите да соработувате со некој кој изработува накит, печати маици или пак изработува покани за одредени свечености.. Добро би било да се специјализирате во оваа област за да можете да понудите комплетно графичко решение кое ќе ги задоволи потребите на оние за кои е наменето. Пребарувајте на интернет, читнете форуми, зборувајте со блиските, најдете барем 5 лица кои би ја користеле Вашата услуга и под кој услов би ја одбрале во однос на конкуренцијата.
Потоа ќе знаете што е тоа што треба да понудите, односно дали постои реална потреба на пазарот и ќе го дознаете начинот на кој ќе го претставите производот или услугата пред Вашата целна група.
Откако полека добивме претстава за тоа што ќе правиме и кому ќе го понудиме, следниот чекор е да одлучиме како ќе дојдеме до потенцијалните клиенти. Односно, на кој начин ќе го привлечеме нивното внимание и ќе им прикажеме дека токму ние го имаме тоа што им треба.
Наједноставен начин да допрете до Вашата целна група е да креирате блог на кој ќе може да го претставите она што сакате да го понудите. Додека го изработувате блогот размислете и за стратегијата која ќе ја примените за да ги заинтересирате посетителите за она што го нудите.
За да бидете во постојан контакт со посетителите и клиентите, потребно е да креирате email листа преку која ќе ги известувате за секоја нова понуда што ќе ја креирате и истовремено ќе бидете во тек со нивните идеи, очекувања и критики.
А за да ја изградите оваа база со email контакти од Вашите потенцијални клиенти, потребно е одвреме навреме да им понудите бесплатно решение, односно совет кој е поврзан со нивниот проблем или потреба.
На овој начин, на Вашите потенцијални клиенти ќе им дадете до знаење дека го разбирате нивниот проблем, знаете како може да го решат истиот и дека имате желба да им помогнете. За возврат, тие ќе Ви ја достават нивната email адреса затоа што ќе знаат дека во иднина може да добиваат корисни информации и совети од Ваша страна.
Сега веќе имате простор каде ќе доаѓаат сите оние кои се заинтересирани за тоа што имате да го понудите и истовремено ќе изградите конекција која ќе Ви помогне да имате постојана комуникација со Вашите клиенти.
Сепак, сето ова не е доволно за да просперирате и да успеете да заработувате работејќи го тоа што го сакате. Живееме во ера на дигитални медиуми каде сѐ е достапно, минливо, а вниманието на потрошувачите брзо се пренасочува на следната новина на пазарот.
Токму затоа Ви треба стратегија како ќе го промовирате она што досега сте го креирале и како ефективно ќе се одржите на пазарот на трудот.
Најпрво што треба да направите е да креирате содржина која ќе Ве претстави пред целната публика, односно на јасен начин ќе го пренесе тоа што имате да го понудите.
Содржината е првото нешто со кое се среќаваат посетителите со Вас и Вашиот бизнис. Тоа е она што може да ги привлече или одбие. Потрудете се да им го дадете тоа што им треба на начин на кој сакаат да го слушнат.
Потоа размислете за начинот на кој ќе ја промовирате Вашата содржина, односно како ќе успеете да се издвоите од топлата и да допрете точно до оние лица за кои е наменет Вашиот прозивод или услуга. Бидете присутни на социјалните мрежи, пишувајте на форуми кои се посетувани од Вашата целна група, пробајте да се промовирате онаму каде што знаете дека ќе бидете видени и слушнати од Вашите потенцијални клиенти.
И секако не заборавајте дека во секое време треба да остварувате контакти, да се запознавате со луѓе и да ја ширите Вашата визија за тоа на кој начин ќе помогнете и ќе направите промена на подобро со Вашиот производ или услуга. Ова не значи дека треба да зборувате само за тоа или постојано да се фалите, меѓутоа треба да дадете до знаење дека навистина верувате во тоа што го правите и сигурни сте дека имате начин како да помогнете на одредена група на луѓе.
И откако успешно ќе ги поминете овие чекори, не значи дека треба да се опуштите затоа што веднаш ќе почнете да заработувате. Напротив, тука почнува вистинската работа.
Мора да останете во постојан контакт со Вашите клиенти и потенцијални корисници. Да ги знаете нивните желби, потреби, проблеми.. сѐ со цел да знаете како да се прилагодите за да можете да одговорите на нивните потреби и секогаш да останете во чекор со времето. За оваа цел користете ја email листата која ја поседувате, истражувајте преку социјалните медиуми, поставувајте прашања и чувајте ги одговорите.
Ова ќе Ви даде можност да имате претстава за проблемите на Вашата целна група и ќе знаете во кој временски период како да постапите. Потоа ќе можете да креирате и eBook, кратко видео или едноставна Q&A форма преку која бесплатно ќе им ги доставите овие информации на новите посетители и со тоа ќе ги заинтересирате за Вашата понуда.
Откако сфативте која е Вашата идеална замисла на животот, односно работа на која со задоволство би и го посветиле своето време и внимание, јасно прецизиравте кому можете да помогнете со она што ќе го правите и на кој начин ќе дојдете до тие луѓе, следува план за акција.
Продажба!
Секој од нас е секојдневно вклучен во процесот на продажба. Секој пат кога пријател/ка ќе убедите да одите на пиво во пабот кој вие го преферирате – сте направиле успешна продажба. Или кога партнерот ќе се согласи да излезете на прошетка наместо да останете дома за да гледате филм – повторно сте направиле успешна продажба.
Затоа немојте да мислите дека нема да успеете да го комплетирате и овој чекор.
Едноставно е – вие нудите решение за одреден проблем, а за возврат добивате финансиски средства со кои ќе бидете во состојба да продолжите да го произведувате тоа што ѝ причинува задоволство или ѝ го решава проблемот на Вашата целна група.
Сѐ што треба да направите е да креирате јасна слика за тоа што го правите во вашиот живот и на кој начин Вашиот производ или услуга може да им помогне на оние кои ќе го користат.
И секако – да не се откажувате!
Вашата професионална преокупација ќе Ви одземе најголем дел од секој ден, затоа потрудете се вистински да уживате во тоа што го правите.
Можеби сето ова звучи комплицирано, меѓутоа верувајте дека многу поголем е предизвикот да одлучите да работите нешто за кое ни самите не сте сигурни зошто сте го одбрале токму тоа да биде Ваша професија, отколку да дадете сѐ од себе и да го достигнете својот максимален потенцијал во реализирање на животот кој отсекогаш сте го посакувале!