Студентите на Академијата за UX/UI дизајн постојано работат на реални проекти за реални клиенти, каде што ги користат сите новостекнати знаења и вештини од областа на UX/UI дизајн.
Последниот предизвик беше 48-часовен хакатон каде што имаа задача да работат за клиентот Center for Knowledge Management, односно да направат редизајн на веќе постоечката веб-страница на New Ways of Working for Net Zero Emission.
Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на: Мила Павловска, Борјан Стојановски, Јана Јовановска, Елена Цветковска и Ангела Ѓорѓиевска.
Во продолжение си поразговаравме со студентите од Академијата за UX/UI дизајн за искуството на овој реален проект
Здраво тим! Споделете ни нешто за себе!
Мила: Здраво, здраво! Јас сум Мила, алумни студент на Академијата за дигитален маркетинг која ми помогна да станам дел од Brainster тимот. Како личност што постојано сака да се надградува и да учи нешто ново, Академијата за UX/UI дизајн беше следниот предизвик за мене. Среќна сум што покрај маркетингот, најдов и друга професија во која можам да ги покажам моите силни страни, креативноста и окото за детали, а оваа победа e само потврда на добрата одлука и вложениот труд.
Борјан: Здраво од мене! Јас сум Борјан Стојановски, 32 години млад од Скопје. Дипломиран инженер по заварување и дизајн на метални конструкции, вработен како наставник во средно училиште за деца со посебни потреби во Скопје. За првпат се имам запознаено со графичкиот дизајн уште во средното образование, но интересот за дизајнот не застана никогаш (си црткав по нешто). Сакав да си го надополнам слободното време напредувајќи на кариерно ниво, па така се одлучив за Академијата за UX&UI дизајн на Бреинстер.
Јана: Здраво и од мене! Јас сум Јана Јовановска, студент на Академијата за UX/UI дизајн и на мое големо задоволство по втор пат сум дел од победнички тим на еден хакатон. Доаѓам од многу поразлична професионална позадина, но не се плашам од предизвици бидејќи целиот процес е многу поубав кога предизвикот ќе стане пасија. Особено сум среќна што врз мојата креативност и емпатија можам да ја градам својата кариера.
Елена: Здраво! Јас сум Елена, студент по UX/UI дизајн со страст за справување со сложени дизајнерски предизвици и пронаоѓање иновативни решенија. Како дизајнер опседнат со детали, верувам дека најмалите детали можат да ја направат најголемата разлика во дизајнот и да обезбедат исклучителни кориснички искуства.
Ангела: Здраво здраво, моето име е Ангела и сум студент на Академијата за UX/UI дизајн. Неодамна се одлучив за кариерна промена и не можам да сум посреќна за оваа победа затоа што ми прави да се чувствувам како да направив добра одлука и конечно си го најдов местото.
Раскажете ни нешто повеќе за вашето финално решение. Кој беше процесот за да се стигне до крајниот резултат?
Мила: Самиот проект беше многу интересен, имавме одлична комуникација со клиентот и тимот ни беше dream team во вистинска смисла на зборот. Иако ова беше онлајн хакатон, ние го направивме како да ни е во живо. Двата дена се собравме и заеднички работевме на секое барање на клиентот, а потоа продолживме и кон реализирање на дополнителни подобрувања. Работевме како тим и постојано си помагавме, а покрај споделувањето на техничкото знаење што секој од нас го има, како клучен би го издвоила brainstorming-от. Токму така ни дојдоа најдобрите идеи за подобрување на веб-страницата на nwow4net-zero со кои ја заслуживме победничката титула. Процесот не идеше секогаш идеално, но не се откажувавме и пробувавме да ги надминеме предизвиците за чие решавање добивавме и голема помош од менторот Александар Нофитоски.
И, можеби ќе звучам клише, ама морам да го споделам ова и се надевам дека ќе му помогне на секој што ќе го прочита. При учество во предизвици од ваков тип, особено на хакатони каде што притисокот од само 48 часа за реализирање на комплетни решенија го чувствува секој, многу е важен мајндсетот и довербата во себе и тимот. Од самиот почеток на хакатонот „знаевме“ дека ќе победиме. Додека работевме со тимот постојано се слушаа реченици како „Aјде да се сликнеме како победнички тим“, „Кога ќе победиме…“, „Ова е подобрувањето што ни ја гарантира победата“ и слично. Самата таа атмосфера на сите ни даде поттик да го вложиме нашиот цел потенцијал кој на крајот нè доведе до победа.
Како се одвиваше целата соработка и кои беа барањата од страна на клиентот?
Борјан: Соработката со клиентот беше доста професионална. На почеток добивме бриф со барања од страна на клиентот за тоа што сакаат да променат на веќе постоечки website. Барањата на клиентот беа да се даде фокус на дизајнирање на визуелните и интерактивните елементи на интерфејсот на Result 2 и Result 4 од website-от https://www.nwow4net-zero.eu , требаше редизајн во согласност со останатиот дел од website-от, како и интерактивноста да биде повизуелна. Клиентот сакаше website-от да биде попријатен за корисниците, поатрактивен за целните групи за користење или консултирање во секојдневната работа. Бараа исто така и минимализам (минималистичкиот UI дизајн ја нагласува едноставноста и јасноста. Користи доволно бел простор, чиста типографија и ограничена палета на бои за да се фокусира на суштинската содржина и функционалност).
Потоа, со мојот прекрасен тим се состанавме, го разгледавме брифот и од направениот research, составивме прашања за интервјуто со клиентот кои нас ни беа од голема важност за да можеме да изработиме решение кое ќе го задоволи клиентот и неговите барања. Од добиените одговори имавме веќе некоја слика за тоа кон што цели клиентот, но и покрај барањата на клиентот, ние како тим му укажавме на клиентот на интервјуто дека би било убаво да се разработи цел website доколку имаме време за што клиентот прифати и ни даде целосна слобода. Се одлучивме да го направиме тој чекор и да го редизајнираме website-от целосно и започнавме со работа на проектот се до неговата завршница. Во меѓувреме морам да се заблагодарам и на нашиот ментор кој беше достапен за што и да треба во текот на целиот процес. А соработката со тимот, можам да кажам дека беше навистина прекрасна тимска работна атмосфера, имавме ист рок како и другите тимови за да го завршиме решението, но некако не се почувствува притисок за тајмингот.
Што поточно беше вашата задача? Од каде ја црпевте инспирацијата?
Јана: Целта на клиентот беше да добијат подобрен дизајн на вебсајт којшто ќе биде многу интуитивен, интерактивен и во согласност со барањата на корисниците и нивните потреби. Имајќи ја предвид целната група за која го работиме проектов, го истржувавме нивниот начин на размислување, работа и што сѐ нив им е потребно за максимална оптимизација и функционалност при една ваква платформа.
Инспирација црпевме од најразлични места, навистина. Мисијата беше на крај да се добие еден професионален и минималистички изглед на сајтот, а во меѓувреме да се подобри интеракцијата со корисниците на пософистициран начин. И многу се радувам што успеавме во тоа!
Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од рокови, а притоа да креирате едно функционално решение?
Елена: Во виорот на 48-часовниот хакатон, нашиот тим се соочи со возбудлива мешавина од предизвици, тесни рокови и непобитен притисок да се испорача победничкото решение. Сепак, знаевме дека овие предизвици не се пречки, туку можности да ги покажеме нашите вештини и креативност.
Со прифаќање на предизвиците, ефикаснa тимска соработка, мудро управување со времето и задржување на дизајн фокусиран на корисникот, како и целосната поддршка и насоките од нашиот ментор, не само што се справивме со притисокот на роковите, туку и напредувавме под такви околности. Нашето практично решение, родено од посветеност и креативно решавање проблеми, на крајот нѐ доведе до победа на хакатонот.
Какво беше чувството да се работи на еден ваков забавен и интересен проект?
Ангела: Дефинитивно адреналинско и предизвикувачко, но нашиот тим имаше толку добра организација и комуникација што воопшто не го ни почувствуваме притисокот на самиот рок од 48 часа. Работата на ваков забавен проект беше одлично искуство за да стекнеме професионални вештини, научиме координација за работа во тим, како и да видиме од прва рака што точно бара оваа професија.
И за крај, што би ни кажале за работата на реални проекти со реални клиенти и можноста за искористување на теоријата во пракса?
Мила: Колку и да учиш не си свесен колку навистина знаеш сè, додека не добиеш можност да го примениш знаењето во пракса. Покрај потврдување на научената теорија и стекнувањето на нови вештини за време на реалните проекти и хакатони, се збогатуваме со уште нешто многу вредно што можеби не го земаме предвид на самиот почеток. Тоа се клучните меки вештини како работа во тим, справување со предизвици, комуникација со стејкхолдери, а можеби и најважно од сè, стекнуваме поголема самодоверба во самите себе.
Борјан: Мојот прв Online Hackathon, прво прекрасно искуство, но би кажал дека ова е одлична можност која ни ја овозможува Бреинстер за да ја согледаме реалната слика и одлично искуство за тоа како се одвива еден проект и изработката на едно решение за реален клиент. Благодарам за можноста и искуството.
Јана: Самиот процес на работа на хакатоните е многу интересен и возбудувачки! Се сеќавам дека на првиот хакатон на кој учестував, не можев да замислам како е можно да се изработи едно цело решение за само 48 часа и притоа тоа решение да ги задоволи потребите на клиентот и корисниците. А сега, еве повторно дизајниравме победничко решение!
Во врска со работата, би издвоила дека комуникацијата е клучна. Разбирање на потребите на клиентот, нивните барања, како и деталното и темелното истражување како целната публика размислува, кои функционалности најмногу можат да ја олеснат навигацијата на корисникот низ апликацијата, се основите врз кои започнува да се гради добриот дизајн. Целиот успех на ваков проект се темели и мери преку искуството и интеракцијата на корисниците со самиот вебсајт.
Елена: Теоријата ни обезбедува основа, но сценаријата од реалниот свет често бараат адаптација и флексибилност. Реалните проекти се уникатни предизвици кои бараат креативни и практични решенија. Тие се најдобрата пракса за да развиеме вештини за решавање на проблеми, управување со времето и сл.
Накратко, работата на реални проекти е непроценливо искуство, кое не само што го тестира теоретското знаење, туку е и одлична можност за подобрување на професионалните вештини и личен раст.
Ангела: Сметам дека е добра идеја, земајќи предвид дека целата поента на хакатонот е да нѐ припреми за реални проекти во реални ситуации и работа со луѓе од секаков карактер.
Со новата Brainster + Академија за UX/UI дизајн за 0 денари ти обезбедуваме дополнителни 20 курса кои ќе те издвојат од конкуренцијата во UX/UI дизајнот.
Аплицирај на Академијата за UX/UI дизајн и добиј го супериорниот едукативен пакет Brainster+