Овој текст е дел од серијата лекции „Како до успешна кариера 101“.
Да се живее во дигиталната ера значи дека вештините за пишување на e-mails се подеднакво основни и важни како оние за културно однесување на маса за време на ручек.
Да, иако се чини како целата интернет комуникација денес да се состои од испраќање инстант пораки, сè уште мејлот важи за единствениот прифатлив и најпрофесионален начин на бизнис комуникација.
Но комуницирањето преку имејл е многу посложено од што изгледа, а би иделе до таму што би изјавиле дека начинот на кој пишуваш мејлови е одраз на твојата професионалност. Верувај, знаеме за случаи во кои апликанти биле одбиени при одговарање на конкурс за вработување, само затоа што имејлот кој го испратиле немал наслов или соодветно составена содржина.
Од тие причини време е да ги провериш и усовршиш твоите вештини за пишување на службени имејл пораки, затоа што твојата кариера и репутација може да зависат од нив. Следниот пат, пред да стиснеш Send, провери дали имејлот кој штотуку го напиша ги задоволува следните критериуми.
Препрочитај ја неколку пати пораката пред да кликнеш „Reply all”
Најдобриот совет кој може да ти го дадеме во врска со пишувањето на имејлови е секогаш убаво да провериш што напиша, а некогаш дури и да ја препрочиташ неколку пати целата порака пред да ја испратиш. Имејл полн со граматички грешки може да влијае на твојот кредибилитет и интересот на оној кон кого е упатена пораката.
Идејата на имејл комуникацијата е да се содржи од пораки кои се кратки, јасни и концизни, затоа проверката нема да ти одземе многу време, а скоро секогаш ќе забележиш дека си пропуштил некој збор, буква или најлошо – документот кој најавуваш дека го испраќаш во прилог.
Одговарај навремено
Бизнис светот се движи брзо, а така треба да се движат и твоите имејлови. Сигурно го проверуваш твоето имејл сандаче повеќе пати во денот, што значи истиот ден дознаваш за пораката која ја доби и истиот ден треба да одговориш на пораката. Се разбира, некогаш ќе ти бидат потребни неколку дена бидејќи конкретната порака налага собирање на информации пред да можеш да одговориш.
Во тој случај, кога знаеш дека ќе ти биде потребно повеќе време за да одговориш на имејлот, извести го испраќачот дека си ја добил пораката и дека наскоро ќе му одговориш.
Внимателно избери го насловот на пораката
Да тргнеме од претпоставката дека оној со кој комуницираш е подеднакво зафатен како што си ти и дека секојдневно се справува со безброј имејлови. Затоа, внимавај на насловот на твојата порака и дали делува „spammy“, со тоа што ќе се потрудиш да биде колку е возможно пократок и поконцизен.
Внимавај на интерпункциските знаци
Никогаш не користи извичници! Во ред, можеби еднаш или два пати во имејлот до колега или до некој кој ти е многу близок. Но само во тој случај, затоа што употребата на извичници, а особено на неколку одеднаш важи за неверојатно некултурно. Употребата на два или три интерпункциски знаци еден додруг е општо, не само во имејл комуникцијта, неприфатливо и се доживува несериозно.
Подеднакво лошо со преголемата употреба на интерпункциските знаци е нивното отсуство. Никогаш не испраќај пораки во кои не е јасен почетокот и крајот на секоја реченица.
Начинот на кој ја завршуваш и потпишуваш пораката е многу важен
Поздравот кој го користиш за да ја завршиш пораката е многу важен кога станува збор за бизнис имејл кореспонденција, затоа што според поздравот можеш да го процениш нивото на формалност и почит. Внимателно избери го соодветниот поздрав и имај на ум дека секогаш е подобро пораката да делува поформално од што треба, отколку спротивното. Добар избор за завршување на формален имејл е „Со почит”.
Друго важно за крајот на пораката е твојот потпис, затоа што тој треба да ги содржи сите основни потребни информации за тебе како твоето име и презиме, компанијата во која работиш, твојата позиција во компанијата и во одредени случаи и телефонски број на кој може да те контактираат.
Изгради успешна кариера, регистрирај се овде и добивај ги најдобрите огласи за работа, во твоето email сандаче!
Brainster Кариера и Вработување на Linkedin
Овој текст е објавен во категоријата Кариера и ги содржи следните клучни зборови: кариера, вработување, најди работа, kariera, vrabotuvanje, najdi rabota, работа, е-маил, порака.