Сите ние си го поставуваме ова прашање, и да, ова е многу важно прашање. Сигурно ги знаеш основните работи во однос на тоа што е стартап, а што е работа во компанија. Знаеш и за тоа дека големите компании имаат точни работни часови, додека стартапите се флексибилни. Но, како да одговориш на прашањето што е подобро за твојата кариера? Одговорот е дека не можеш.
Тоа што е најдобро да го направиш е да ги разгледаш двете можности. Всушност, да дознаеш што повеќе личи на тебе и каде мислиш дека ќе се пронајдеш, бидејќи не секој може да работи во стартап и обратно. На крај, одлуката мораш сам да ја направиш. Ако воопшто размислуваш за тоа дали овие два концепти се различни, ќе те запрам уште на почеток, бидејќи тие не може да бидат поразлични од ова!
Индивидуална иницијатива или извршување на веќе зададени задачи?
Најпрво, активноста. Ако работиш во стартап, сè се сведува на индивидуална иницијатива и затоа работењето во стартап бара поголема вклученост и секако, повеќе работа. Оттука, ако не се сметаш за иницијатор, тогаш работа во компанија е дефинитивно за тебе и твојата кариера. Во компании го работиш она што ти е зададено од менаџери, директори или клиенти. Таа работа не бара вклучување со сопствени идеи, туку е најчесто само спроведување на веќе зададени задачи.
Колку ти е важно твоето влијание на работното место?
Стартапите се мали бизниси, за разлика од компаниите. Па можеби и затоа работата на еден вработен има големо влијание. Како што може еден вработен во стартап да ја подобри работата, исто така може и да го уништи бизнисот. Од друга страна, во компаниите се работи на поинаков начин. Грешките од твоите зададени задачи не мора да значат уништување на бизнисот, но може да значат уништување на твојата кариера.
Флексибилност
Она што сите нè привлекува кон стартапите е флексибилноста. За стартапите не важи вообичаеното работно време како кај компаниите. Со договор за време, слободни денови, работни часови, како и работа од дома, е она што стартапите најчесто го практикуваат. Флексибилноста во некои стартапи се користи и во однос на твојата работна позиција. Можеби си фул тајм програмер, но во стартапите има веројатност дека другиот ден ќе треба да бидеш и маркетер кој успешно го промовира својот производ. Па нели звучи интересно?
Од друга страна, во компаниите си ја знаеш позицијата, работното време и задачите. Некогаш ќе работиш во тим, а некогаш сам. Поентата е дека имаш рутинска работа која знае да биде монотона.
Учи по нешто ново секој ден или работи со она што е веќе познато?
Кога работиш за стартап, на крајот од денот сфаќаш колку нови работи си научил. И тоа сам. Работиш на повеќе задачи од најразлични бранши. Донесуваш одлуки, а на крај сето тоа резултира различно и неочекувано. Менторирањето во стартапи е многу ретко, па така најчесто оние кои работат во стартапи се надоградуваат сами, а потоа се усовршуваат.
Работењето во корпорација е сосема различно во однос на надоградувањето. Во корпорација имаш мал милион ментори кои на самиот почеток се тука за да те научат како да работиш. Тоа на некој начин е и предноста да работиш во една компанија. Зошто да потрошиш толку многу време во учење од твоите грешки, кога го имаш твојот ментор кој веќе има искуство во работата.
Тимска работа
Како што претходно споменав, твојата работа во стартап ќе има големо влијание. Ако не успееш во работата, нема да успее ни твојот тим. Но ако имаш голем успех, тогаш ќе успее и твојот тим.
За разлика од тоа, во корпорациите, ако не си ја завршиш работата како што треба, тоа вооопшто нема да влијае на твоите колеги. Постои дури и конкуренција помеѓу колегите, што значи дека некој може да се украси со твоите постигнувања. Звучи како корпоративна џунгла, нели?
Она што е најчесто одлучувачки момент за секоја кариера
Стартапите се мали бизниси и знаат да бидат ризични, најчесто во почетните фази. Имаш ограничени ресурси, па затоа и не можеш да очекуваш голема добивка, односно плата. Можеби ова звучи лошо, но размислувај малку позитивно и поинаку. Што доколку твојот стартап е успешен, добивките растат, а со нив расте и чувството на постигнување нешто важно во твојата кариера?
Работата во корпорациите си носи редовна и сигурна плата. Можеби тоа ти е доволно. Но, што е со чувството на постигнување сопствени цели? Во корпорациите постигнувањата им припаѓаат на менаџерите кои ви ја делегирале задачата, тие никогаш не се лични.
Откако ќе видиш каква личност си и кои се твоите способности, тогаш ќе можеш да ја донесеш вистинската одлука. Можеби ќе треба да пробаш и во стартап, и во компанија, пред да одлучиш што најмногу ти лежи. Исто така има веројатност дека веќе знаеш што точно сакаш да постигнеш во твојата кариера. На крајот од денот, ти си тој што го има последниот збор.
Без разлика дали сакаш да работиш во стартап или во компанија, дигиталните вештини се нешто што мора да го имаш. Погледни кои се следните курсеви во Brainster.
Овој текст е објавен во категоријата Кариера и ги содржи следните клучни зборови: флексибилност, работа, стартап, корпорација, плата, нова кариера, компанија, кариера, иницијатива, време, влијание, вработување