Секоја задача претставува предизвик, а од предизвиците најдобро се учи

Нина Балабан е алумни од Академијата за Software Testing, а воедно и Dream Team студент која покажа значителен успех, талент и знаење за време на предавањата. По нејзиното завршување на оваа Академија, си ја земавме во Brainster да биде дел од tech тимот и да му помага во областа на мануелното тестирање. Таа е упорна, борбена и правична личност, која најмногу е мотивирана кога нејзините активности се поклопуваат со нејзините желби и страсти.

 

Во продолжение си поразговаравме со Нина за нејзината работа и искуство

 

За почеток, неколку зборови за тебе – Која е Нина? 

Нина Балабан е дипломиран правник, моментално на мастер студии по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во душа спортист, докажан на повеќе полиња со посебна страст спрема стрелаштвото и олимписките вредности како животно мото кое го определува правецот на мојот живот. Бев учесник на Олимписките игри во Рио де Женеиро во 2016 год., Амбасадор на младинските олимписки игри во Кина во 2014, учесник на Медитеранските игри и првата Европска Олимпијада, претставник на Македонија на бројни европски и светски првенства итн. Сѐ што правам е со вложен максимум, па така и во мојата спортска кариера имам постигнато многу добри резултати и освоено многу трофеи. Моментално сум Претседател на Комисија на спортисти при Македонскиот олимписки комитет и член на Управен одбор на МОК. Во моето слободно време сакам да се дружам со пријателите и да патувам.

 

Зошто баш Software Testing? Што беше пресудно за твојата одлука да се запишеш на оваа Академија?

Со Software Testing морам да признам дека се запознав случајно, покрај многубројните пријатели – програмери каде главната улога ја имаше мојата другарка која ме замоли да тестирам мобилна апликација иако тогаш не знаев воопшто што значи тоа. Кога кажав „тестирање“ за тој период, мислев на коментирање на недостатоци. После моето прво тестирање, сфатив дека ја имам потребната логика, а многу набрзо се роди и заинтересираноста за истото, па решив да се посветам на Software Testing, односно да се надградам со повеќе знаење. Од причина што бев самоука во оваа област, после некое време решив и да се запишам на Академијата на Software Testing во Brainster како би можела професионално да го проширам своето знаење, водена од професионалци во улога на професори и асистенти.

 

Какво е чувството да бидеш дел од tech тимот на  Brainster и постојано да работиш на проекти кои имаат за цел да го подобрат искуството на студентите?

Морам да признам дека е доста динамично. Сите проекти ја имаат истата основа односно идеја – „подобрување на искуството на студентите“, но секој проект е различен и посебен сам по себе. Со оглед на фактот дека и јас бев студент на оваа Академија, сметам дека можам, што се вели, од прва рака да допринесам со идеи кои би можеле да го подобрат искуството на секој студент. Во нашата професија мора да има и малку динаминка на дневно ниво за да може да се напредува на личен и на професионален план, во што Brainster одлично се докажа.

 

Како изгледа еден твој работен ден во Brainster? Кои се твоите задачи и одговорности ?

Покрај редовните активности пред започнување на работниот ден, сакам да започнам со анализа на работните задачи кои ми се доставени од страна на тимот. Се случува и некоја задача да трае подолго време, па во тој случај сакам да прегледам до каде се стигнало претходниот ден и да испланирам што е она што треба да се заврши во тековниот ден, а што во наредниот. Од тимот сум навистина задоволна во смисла на атмосферата, организираноста, комуникацијата, помагањето и експедитивноста. Што се однесува до технологиите, типовите и методите на тестирање, моментално се служиме со мануелното тестирање (можам слободно да кажам –  сѐ она што го учевме и на Академијата), но доколку почнам да разговарам на оваа тема, ова интервју би немало крај. 🙂 

 

Опиши ни ја атмосферата во тимот. Во кои моменти најмногу уживаш, а како се справуваш со предизвиците кои произлегуваат од твојата работа?

Атмосферата во тимот, во целост, сѐ уште ја немам почуствувано, затоа што целосната комуникација се одвива онлајн поради конкретната состојба со пандемијата на светско ниво. Со досегашната ваква комуникација сум задоволна и сметам дека атмосферата е одлична, меѓусебно се надополнуваме, а тоа несомнено води кон успех. Сакам предизвици и сметам дека водат кон подобрување и новитети, па така секоја задача која ми е доставена претставува нов предизвик којшто се трудам да го решам најбрзо и најквалитетно што можам. Искрено, немам нешто што ми е најмалку омилено, но дефинитивно имам нешто што ми е најинтересно, а тоа е автоматското тестирање. Како и секој тестер, најмногу уживам кога ќе ја доставам својата задача којашто е изработена со максимално ниво на концентрација. Сепак, тајната на успехот би ја задржала за себе.

 

Најбитна лекција што ја научи на Академијата?

Како најбитна лекција би ја извоила таа дека IT светот секојдневно и брзо се менува, мора да го задржиме чекорот со сите иновации, што значи дека постојано мора да учиме и да ги надополнуваме своите вештини и знаења.

 

За крај – твој совет до сите оние кои размислуваат да направат кариерна промена и насочување во сферата на software testing?

Сметам дека луѓето треба да се испробаат во различни професионални области и да се посветат на она што најмногу ги интересира, онаму каде што ќе можат да ги покажат своите квалитети и интереси. Додека е човек жив тој учи, се развива и се усовршува, така што со кариерната промена на луѓето кои ќе се пронајдат во тестирањето на софтвер, можат само да помогнат во унапредувањето на развојот на дигиталната сфера, со тоа ќе помогнат и во развојот на техниката и условите за полесно справување со начините на комуникација, а исто така, и за олеснување на животот на човештвото.

 

Доколку сакаш да си дел од Software Testing заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.

На Академијата за Software Testing учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!

 



НОВО | Академија за DATA ANALYTICS и Академија за SALES 👉 👉