Едукацијата, односно образованието, е патот до можноста за подобар живот. Во денешниот капиталистички систем, најголемиот дел од нас завршуваат или се трудат да завршат што е можно повисок степен на образование, со цел да се добие можност за подобра и поплатена работа за да на крај се обезбеди подобар живот. Но дали навистина образованието само по себе може да го обезбеди или трасира патот до ова?! Да видиме што велат бројките…
Македонија, како и останатите Балкански земји, е земја со висок степен на невработеност. Иако стапката на вкупната невработеност е намалена на ниво околу 28,2% (статистички гледано), загрижува стапката на невработеноста кај младата популација – ОКОЛУ 50%; за што мораме да признаеме дека е фрапантна бројка. Тоа значи дека во просек секое второ работоспособно дете во Македонија е невработено!
Иако во последно време сме смедоци на масовна посетеност и запишувања на лица во високото образование (за што беа отварани и дисперзирани студии низ цела држава), сепак стапките на невработеност на младите лица не бележат пад. Тоа значи A) Образовниот систем не ни е добар Б) Не постои инфраструктура која ќе го олесни процесот на транзиција од образование (квалификација) кон вработување В) Компаниите немаат потреба за високо-квалитетни работници?! Г) Немаме совпаѓање на понудата и побарувачката на пазарот на труд.
ШТО ПРАВИМЕ СЕГА?!
Очигледно ништо или многу малку… Но да видиме како во земја (или уште подобро кажано континент!) со слична или многу полоша целокупна состојба, еден стартап успеа да ја монетизира ваквата ситуација и да создаде одличен бизнис концепт.
Случајот со Нигерија
Во некои афрички држави, како што е Јужна Африка, невработеноста на младите е повисока од 55%. Според податоците од Институтот во Брукингс, невработеноста во Нигерија достигнува околу 11 МИЛИОНИ луѓе на возраст помеѓу 15 и 34 години. А во некои делови на Африка, оваа бројка достигнува дури и до 90%. WOW!
Факти за Нигерија
- Нигерија брои популација од 178 милиони луѓе, со средна возраст од 17 години и е земја која има една од највисоките стапки на интернет пенетрација и стапка на писменост во Африка.
- Едукацијата на овој контитент е предизвик но истовремено и нешто што не е достапно до сите односно скапо (наспроти состојбата во Македонија). Тоа значи дека и најбистрите и генијални млади умови едноставно немаат можност да запишат и завршат формална едукација.
Зарем навистина постои можност за бизнис овде?! И тоа каков!
Формирањето на Andela
Глобалниот IT сектор се соочува со огромен проблем – постои недостаток на квалитетен кадар. Значи, една држава како Нигерија, има огромен потенцијал имајќи ги во предвид претходно наведените факти, но од друга страна, проблем е недостатокот на доволен број на едуцирани кадри. Што правите тогаш? Ги едуцирате!
Andela ја изведе можеби најлудата идеја која можеше да се направи. Наместо да наплаќа школарина за едукација, компанијата реши да им плаќа на луѓето да учат. Чекајте?! Што?! Во Andela веруваат дека сите луѓе имаат неверојатен потенцијал но не и еднаква можност.
Но што всушност претставува Andela?
Andela е еден вид хибриден бизнис кој врши регрутирање на индивидуалци кои се обучуваат да станат софтверски програмери во период од 4 месеци! Тие што ќе станат дел од програмата, се обврзуваат на 4 годишен договор – дека ќе ги искористат своите знаења за да работат за технолошките компании кои се партнери на Andela – како Microsoft и сл, а паралелно во истиот период да добиваат континуирана обука и професионален развој.
Andela има добиено инвестиција од познати индивидуи како ко-основачот на Facebok Chris Hughes, ко-основачот на AOL Steve Case кои средства се трошат за плати и трошоци за обука (10.000$ по студент) за време на тренинг процесот пред истите да и бидат отстапени на некоја компанија.
Верувале или не, во период од 10 месеци се имаа пријавено 14.000 апликанти но од нив само 70 беа примени (стапка на прифаќање 0,5%). Со ваква стапка на прифаќање на апликации не можат да се “пофалат” ни најпрестижните факултети во Америка како Харвард, Стенфорд, Принстон итн. кои имаат стапка помеѓу 5% и 8%.
Она што е исто така интересно е дека во периодот од 4 години додека работат за некоја технолошка компанија од Америка со полно работно време, лицата се обврзани да имаат и од 15 до 20 часа професионална обука која вклучува технички и бизнис обуки.
Целта на оваа компанија е да обучи 100.000 лица од Африка во наредните 10 години.
Што можеме ние да научиме од ова?
Пред нешто повеќе од месец, Горјан Јовановски имаше интересна колумна која што беше објавена на Medium а воедно и споделена низ некои македонски интернет портали: Macedonia’s IT problem.
Она што најмногу ме заинтересира беше делот за Disposable Asset Problem. Факт е дека сите ние сме заменливи. Но тоа не ми е предмет на дискусија. Она што е многу интересно е како Andala го решава овој проблем преку примена на хибриден модел кој инкорпорира елементи од човечки ресурси, тренинг центри за обука (не само IT туку и бизнис) и на крај нудењето на готовиот производ на странски компании кои имаат потреба од обучен и спремен кадар кој ќе може веднаш да одговори на потребите на најсовремените и најдинамични технолошки компании од светот.
Факт е дека во Македонија имаме доста невработени млади лица. Факт е дека доста голем број од тие невработени и не сакаат да работат за плата под X износ затоа што им е “под честа”. Факт е дека образованието кај нас не не подготвува за реалниот свет. Но постојат решенија, а Andela е само еден од начините за да се постигне WIN-WIN-WIN ситуација за сите!
Набљудувајте наоколу. Препознајте проблем. Понудете солуција. Бидете Andela за вашата област!