Четири години од почетокот на првата група на Академијата за дигитален маркетинг – Сара

Со цел да дознаеме каде се наоѓаат нашите студенти денес и како Академијата за дигитален маркетинг им помогнала да ја најдат работата од соништата, решивме да се навратиме назад и да ги прашаме нашите први студенти, за нивните студентски денови, за искуството и своето кариерно патување. 

Заедно со Јана, дел од првата група на Академијата за дигитален маркетинг беше и Сара Митева, еден од студентите кои покажа најголема заинтересираност и желба за учење. 

Сара е голем креативец со најголема пасија за креирање tech содржини. Нејзиното кариерно патување започна токму во Brainster, со голема желба за промена на кариера, па сѐ до нејзината нова позиција денес, како Head of Marketing во германски стартап.

 

Си поразговаравме со Сара за тоа каде се наоѓа денес – четири години по завршувањето на Академијата за дигитален маркетинг:

 

Здраво Сара 🙂 Претстави се на идните студенти и раскажи ни нешто повеќе за себе.

Здраво 🙂 Јас сум Сара, веќе сум 7 години во маркетинг светот од кои 4 активно работам. Многу си ја сакам професијата и навистина сум среќна што го избрав овој пат. Кога не работам сакам да трчам, ме интересираат психологија и историја, и нормално бинџање серии 🙂 

 

Беше дел од првата група на Академијата за дигитален маркетинг пред 4 години. Се сеќаваш ли какви беа твоите студентски денови? Што ти остана како најголема меморија?

Да, се сеќавам дека бев многу возбудена бидејќи беше тотално различно од факултет, кај што исто учев маркетинг. Беше како да учам сосема нова дисциплина бидејќи концептот беше различен. Имаше интересни предавачи и многу проекти каде што научив многу трикови што после ги користев во работата. Нешто што највеќе ми остана во меморија беа дружењата после часови и сите пријатели и контакти што траат и ден-денес. Бевме добра група и често имаше размена на мислења и инспиративни решенија.

 

Поминаа 4 години, што работи сега Сара? Дали успеа да ја пронајде работата од соништата? Што се беше потребно за да стигне до овде?

Од пред неколку дена сум Head of Marketing во германски стартап кој работи во FinTech индустријата, а исто така работам и како innovation researcher за Valuer.ai и content writer за неколку други компании. Мислам дека работата од соништата никогаш нема да ја пронајдам бидејќи кога ќе постигнам одредена цел, апетите почнуваат да растат и се појавува друга цел. Не ми се допаѓа кога многу долг период останувам во комфор зона.

За да стигнеш до некој успех треба многу лутање и испробување различни работи. Линијата не е права и всушност е многу тешко. Постојано се преиспитуваш самиот себе и пробуваш да се пронајдеш. Постојано се двоумиш и се прашуваш дали постоел некој друг, подобар пат. Мислам дека тоа е клучно, да се предизвикуваш и да не дозволуваш да стагнираш. Секогаш има нешто ново да се научи, секогаш има нови врвови за освојување. 

 

Како изгледа еден работен ден на Head of Marketing? Кои се твои одговорности?

Мислам дека не постојат два исти дена во животот на еден head of marketing. Постојано има нови работи што се случуваат и индустријата е доста динамична. Постојат многу задачи и одговорности што ги вклучува позицијата, а моментално работам пред сѐ на целосната продукт маркетинг стратегија за продуктот кој е во својата фаза на зачеток. Другите активности вклучуваат content стратегија, пишување содржини, водење на социјални медиуми, креирање на рекламни кампањи за различни платформи, следење аналитики, креирање на newsletter, и друго. 

 

Имаш богато искуство како content writer и имаш пишувано за повеќе од 10 high tech клиенти на различни јазици. Исто така, имаш и наградувани статии. Можеш ли да ни споделиш повеќе информации за твојата работа? Со кои клиенти до сега имаш соработувано?

Како content writer имам соработувано со многу компании од Македонија и од странство, вклучувајќи ги Brainster, Laika, Colony, Valuer, Pixyle, и други. Овој дел од работата ми дозволи да ја негувам љубовта што ја имав уште од основно и средно училиште: пишувањето. Ова ми претставува еден начин на кој ја канализирам мојата креативност бидејќи секој текст треба да биде оригинален. Мислам дека секогаш би сакала да се бавам со ова бидејќи е многу интересен начин да научиш нови работи. Пишувајќи за многу различни индустрии, се запознаваш со многу технологии, производи и информации кои веројатно во секојдневниот живот не би ги дознал, и тоа е многу возбудливо. 

 

Кои вештини се потребни да ги поседува еден маркетер за да биде успешен во својата професија?

Па мислам дека сите вештини можат да се научат, но желбата постојано да се надоградуваш е клучна. Индустријата е многу динамична и доколку не ги следиш трендовите и промените што ги прават големите играчи нема да можеш да опстанеш. Исто така корисно е да си креативен, да сакаш технологија, и да те интересира психологија. 

 

Тајната на успешниот контент е?

Добро истражување. Понекогаш истражувањето трае подолго од самото пишување, и тоа најчесто резултира со добар контент бидејќи сте дознале што другите пишуваат, што ја интересира вашата таргет публика и како да понудите решенија за нивните проблеми. 

 

Како Академијата за дигитален маркетинг ти помогна да стигнеш до тука и да успееш во она што го работиш?

На Академијата научив како да размислувам како маркетер. Научив каде да барам решенија кога ми требаат и како да ја гледам големата слика. Работите во маркетингот од тогаш до сега се многу променети и сигурна сум и дека програмата е различна, ама целата енергија што ја имаше и тоа што си опкружен со луѓе кои сакаат да успеат останува да те инспирира и мотивира.

 

Кој е твојот совет за сите оние кои што сакаат да ја направат својата кариерна трансформација во оваа професија?

Најважно е да го победиш стравот и да го направиш првиот чекор. Постојано предизвикувај се себеси и никогаш не престанувајте да учиш, бидејќи работите во маркетингот се менуваат додека да трепнеш. Ако чувствуваш дека долго време си во комфор зона, време е да смениш нешто. 

 

 

Доколку сакаш да си дел од Digital Marketing заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!