Mаркетингот е круцијална и уникатна функција во секој бизнис

Запознајте ја Елисавета Соколова – наш студент на Академијата за дигитален маркетинг, која само после неколку месеци од предавањата ја започна својата кариера во маркетинг светот како Marketing Communication Representative во компанијата DesignRush.
Си поразговаравме со Елисавета за нејзиното ново работно место
Здраво Елисавета, ние веќе те познаваме, но како би се претставила на останатите, која е Елисавета?
Амбициозна и креативна личност, дипломирана во областа на „Туризам и бизнис логистика“ којашто постојано истражува. Сакам уникатни работи коишто не се повторуваат и не привлекуваат сечие внимание. Храброста и чувството на независност ме мотивираат да бидам посветена на мојот професионален и личен развој, воедно ме издвојуваат секогаш да бидам онаа што сама се справува со ситуациите и не се откажува лесно. Моето слободно време го посветувам на книги, вежбање, авантури, рачни изработки и сѐ што ме поттикнува да бидам продуктивна и ми создава предизвик.
Три работи кои те опишуваат?
- Снаодлива личност со добра интуиција;
- Упорна кон зацртаните цели;
- Борбена со предизвиците.
Ти си наш студент од Академијата за дигитален маркетинг. Неколку кратки прашања на оваа тема. Најпрво: Како ни дојде во Brainster?
Како личност што сака постојано да се унапредува и не сака да стои во место, настанатата промена со пандемијата на секое поле, ме „потсети“ дека сакам денот да ми поминува поразлично од вообичаеното и се стремев кон тоа да научам нешто ново за мојата кариера како и за мојот мал бизнис. Работев во областа на маркетингот, при што се одлучив да се запишам на Академијата за дигитален маркетинг токму во Brainster по препорака на блиска личност којашто е успешна во ИТ индустријата.
Зошто баш дигитален маркетинг? Што те натера да ја избереш оваа професија?
Желбата за независност постојано ме потсетуваше дека мојата работа ме „притиска“ и врзува да бидам во едно место. Како авантурист, се одлучив за областа на дигиталниот маркетинг, гледајќи ја можноста дека можам да работам со континуирана промена на моето постојано место, односно да патувам и работам истовремено.
Маркетингот е опширен и има широк третман во економската литература, преку него имаме допирна точка до сите стопански области и бизниси. Ова е област каде што има простор за развивање и надградување воедно, положбата на еден бизнис на пазарот и тоа колку успешно тој ќе се пробие е во голема зависност од добро поставениот маркетинг.
Својата кариера како дигитален маркетер ја започна токму во DesignRush на позиција Marketing Communication Representative, како се одлучи за промена на работното место, воедно сѐ уште посетувајќи ја Академијата за дигитален маркетинг?
Се решив да почнам со аплицирање за работа по третиот месец запишан на Академијата, не сакав да го „трошам“ времето и да чекам да заврши Академијата. Според мене, чекањето до последниот ден и земањето на дипломата во рака, не би го променил фактот за тоа каква веќе изградена личност сме ние и дали сме подготвени за предизвици и нови надградувања во нашата кариера, бидејќи ова е област којашто континуирано се менува и дополнува.
Раскажи ни го накратко твоето кариерно патување, дали имаше предизвици?
Предизвик при аплицирањето ми беше тоа што бараа 1-3 годишно искуство во областа на link-building или SEO коешто јас го немав, но сепак се одлучив да аплицирам бидејќи себеси се сметам за агилна личност со желба за напредок што може брзо да се адаптира и приспособи кон новите промени.
Самиот процес се одвиваше со 3 состаноци. Првиот состанок беше за запознавање, при што на вториот состанок ми дадоа шанса за решавање на одредена задача за одредено време, додека на третиот состанок ме информираа дека сум оставила најпозитивен и професионален впечаток од сите кандидати и дека сум примена на работа.
Би сакала себеси да се земам за пример дека доколку се посветиш, ништо не е невозможно, воедно и да ги мотивирам другите студенти да не се двоумат кога ќе ги видат бараните квалификации и години на работно искуство при самото аплицирање. Доколку се чувствувате спремни и сте сигурни во себе, аплицирајте и покрај тоа што не ги исполнувате сите барања, бидејќи можноста да се покажете себеси на интервју е голема, а таму лежи клучниот момент кога самиот работодавач има можност да ве запознае, процени и да ви даде можност подоцна.
Како изгледа еден твој работен ден? Кои се моментите во кои најмногу уживаш?
Со оглед на тоа дека работиме генерално за Американски пазар, работните часа ги прилагодуваме според нивните потреби, но сепак постои можност за флексибилност. Дел од алатките коишто се користат се Ahrefs, SEMRush, Hubspot, Hotjar, SalesHandy, SEO Minion, Base.me, Klaviyo, Mailchimp како и Google search operators. Имам формирано своја домашна канцеларија и моментално работам од дома додека да се усовршам, подоцна мислам дека ќе преминам на тоа да патувам и работам истовремено.
Што можеш да ни кажеш за компанијата во која работиш?
DesignRush е компанија каде што колегијалноста и професионалноста е на високо ниво, секој е обучен и спремен да помогне секому, така да уживам во секој можен момент додека работам, воедно би сакала да додадам дека веќе имаат закажан team building којшто треба да се одржи во Португалија оваа пролет.
За крај – твоја препорака до сите оние коишто размислуваат за кариерна промена и насочување во сферата на дигитален маркетинг?
Моја препорака до оние што се двоумат за кариерна промена е да ја прочитаат книгата „Јас сум ѕвер“ од Џен Синсеро и да се мотивираат и пронајдат себеси, да се дружат со личности што ги поддржуваат и да инвестираат во себе. Инвестицијата во себе, проследена со посветеност, амбициозност и упорност – секогаш е исплатлива! Важно е да бидете одлучни, борбени и истрајни. Извесен период „откажување“ од слободното време нема големо значење во споредба со тоа колку многу може да се добие и да ни се промени иднината.
Brainster нуди можност за посета на часовите online, што значи можете да учите од каде сакате и да го прегледате предавањето повторно кога сакате, тоа беше клучниот момент зошто избрав да ја посетувам Академијата за дигитален маркетинг во Brainster.
„If you’re serious about changing your life, you’ll find a way. If you’re not, you’ll find an excuse“ – извадок од „Јас сум ѕвер“
Уписите за следната група на Академијата за дигитален маркетинг се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
На оваа Академија учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!