Страстен дигитален иноватор и светски патник, со мисија да им помага на компаниите да растат и да го достигнат својот најголем потенцијал.

Со огромно задоволство ја најавуваме Сандра Бенбоу, како зајакнување на нашиот тим од инструктори на новата Академијата за лидерство и менаџмент, во чиишто рамки таа ќе го предава модулот за дигитална и организациска трансформација.

Сандра е долгогодишен компаниски едукатор, консултант за високо образование и експерт пo дигитални иновации. Таа поседува MBA (МБА) диплома од Универзитетот Астон (Велика Британија) и во рамки на нејзиното 15 годишно консултантско искуство била ментор на повеќе од 400 стартапи и бизнис лидери, постигнувајќи компаниски трансформации преку иновациски бизнис модели, стратегии за раст и нови дигитални технологии.

Во моментов таа е ангажирана како дигитален иновациски експерт за Обединетите Нации, работејќи како консултант на владини институции во полето на зајакнување на државните информациски и комуникациски технологии за развој на еко-системи.

Преку нејзиното долгогодишно консултантско искуство, има пропатувано низ целиот свет и во моментов е стационирана во Хамбург, со иста посветеност кон својата работа, како главна животна пасија. 

Изминативе недели, го имавме задоволството да поразговараме со неа за време на нејзиниот престој во Скопје, како и да продискутираме околу нејзиниот инструкторски ангажман на нашата Академија. 

 

 

Добредојде Сандра, горди сме што те имаме во тимот. Раскажи ни ја приказната позади оваа соработка со Brainster и Академијата за лидерство и менаџмент?

Приказната започна минатото лето, кога во рамки на проектот од Обединетите Нации го интервјуирав Петар Ниновски, како дел од скенирањето на македонскиот дигитално-иновациски еко-систем. Во тоа време правев интервјуа со клучните стејкхолдери во проектот, каде што Brainster фигурираше како еден од клучните играчи и компоненти. Петар беше многу љубезен да се вклучи во проектот и ме запозна со одговорните од Швајцарската програма за претприемништво. Набрзо потоа, аплицирав на нивната резиденцијалната и претприемничка програма и дојдов во посета на Македонија во април. Како дел од мојата мисија, повторно се споивме со Петар и Brainster и тоа беше совршен тајминг, со оглед на фактот дека Brainster веќе беше во фаза на создавање на овој продукт, односно Академијата за лидерство и менаџмент и излеговме како одличен погодок еден за друг. 

 

Дали си за првпат во Скопје и кои се твоите првични впечатоци?

Да, ова е моето прво доаѓање во Македонија, три прекрасни поминати недели. Ги посетив Охрид, Битола, Виница… посетив многу места и запознав навистина прекрасни луѓе. Посебен впечаток ми остави храната, посебно сирењето и домашното вино.  Немам зборови за да ја опишам љубезноста и гостопримството со кое бев дочекана.

 

 

Раскажи ни нешто повеќе за модулот што ќе го предаваш?

Модулот кој ќе го предавам е „дигитална и организациска трансформација“, структурирана во 9 различни работилници во период од 3 недели. Станува збор за дигитална дисеминација и процес на размислување како да се развие и користи технологијата како начин за бизнис трансформација. 

Ќе навлеземе подлабоко во разбирањето на макро-околината од аспект на дигитални технологии и како да се искористат можностите за дополнителен раст и развој на бизнисот, и тоа преку развој на бизнис модел, идеи и бизнис стратегии. Ќе имаме можност да работиме на практични активности и реални бизнис пракси кои поттикнуваат иновации и дополнителен раст за компаниите.

Оваа Академија е идеална за оние кои се во потрага по алатки за раст на сопствениот бизнис или компанијата во којашто работат, преку дигитални иновации.

 

 

Живееме во време кога вештачката интелигенција (AI) како алатка е неизбежен дел од бизнис секојдневието. Кое е твоето размислување на темава и во која насока сметаш дека треба да се движат компаниите?

Вештачката интелигенција веќе има значително влијание врз сите бизнис сегменти, пред сѐ, во полиња поврзани со машинско работење, сајбер безбедност, менаџирање на релациите со клиенти, интернет пребарување и како личен асистент.

Минатата година, за време на мојот експертски ангажман како дигитален експерт за иновации во ITU, работев со UNESCO институтот за вештачка интелигенција на проценката како вештачката интелигенција може да го забрза процесот на дигитални иновации. Она што произлегува од проектите и истражувањата во коишто бев вклучена е дека AI може да им помогне на државите да постигнат значителен одржлив економски раст, во линија со агендата и SDCG 2030 целите за одржлив раст, сѐ додека сме подготвени да го негуваме претприемничкиот дух и знаење што е потребно, во контекст на одржување на технологиите за вештачка интелигенција, иновациите и растот, на тој начин растејќи и развивајќи се во иста линија.   

Компаниите треба да ги користат алатките што се на располагање за адресирање и на локални и на глобални проблеми, затоа што вештачката интелигенција има потенцијал да допринесе кон решавање на суштински економски проблеми, да го поттикне нивото на претприемништво и да развие здраво дигитално трансформирано и едуцирано општество кое е во интерес на сите негови индивидуи.

Во мојот модул на студентите ќе им презентирам иновативни начини како да создадат успешна компаниска стратегија за дигитална трансформација, преку користење на актуелните технологии за вештачка интелигенција, различни бизнис модели и продуктни и услужни иновации. 

Вештачката интелигенција е тука да им овозможи на компаниите да ги постигнат своите цели, но секако мора да се има во предвид дека тоа не е крајната цел сама по себе. За да се користат умешно придобивките на вештачката интелигенција мора да се познава контектстот, само така ќе можат да се почувствуваат придобивките кои се многубројни, од поедноставно автоматизирано складирање и обработување на податоци, до скенирање на пазарот, развој на стратегии, мапирање на конкуренцијата, анализа на макро-околината, профилот на потенцијалните корисници на услуги и многу друго. 

 

 

За време на твоето долгогодишно професионално искуство, беше ангажирана како консултант кој го поддржа Petalite тимот во освојување на  Future Flight Challenge project FFLIP проектот, кој ќе испорача целосно оптимизирана и мулти-модална станица за електрично напојување во Оксфордшир. Petalite имаше мошне успешна година и обезбеди милионска стратешка инвестиција. Раскажи ни нешто повеќе околу ова?

Петалајт е основан во 2014, а јас бев инволвирана од самиот почеток во водење на студентската и пост-дипломската програма, соработката на овој проект дојде брзо потоа. Нашата улога беше да дадеме поддршка на стартап компанија, која беше фокусирана на проект за изградба на станица за електрично напојување. Тимот работеше на патентирана технологија која прави премин од AC кон DC напојување за електрични возила, како поефикасен и оптимален начин на полнење. Станува збор за проект кој беше поддржан од Владата на Обединетото Кралство, обезбедувајќи им грант за развој на таа патентирана технологија и алатки за обезбедување на комерцијализација на истата. Мојата улога беше токму таа, да се овозможи go-to market стратегија, преку презентирање на бизнис случајот пред инвеститорите, градење на мрежа од партнерства и повраток на инвестицијата. 

 

 

Кои се твоите очекувања од Академијата за лидерство и менаџмент и приклучување кон тимот?

Навистина сум возбудена и имам големи очекувања. Ќе предавам на група од 25 професионалци, секој од различна сфера, но со иста желба и детерминираност да основаат своја компанија или пак да направат суштински дигитални и структурни промени во компанијата каде што работат. Очекувам и добра проактивност и инволвираност од страна на студентите. Веќе имам информација дека студентите на Brainster Академиите се генерално многу проактивни и вклучени, жедни за знаење и предизвици, тоа ми влева уште поголема возбуда, одговорност и желба да ги поддржам на сите можни начини во нивната професионална и кариерна определба и патување. 

Она што е мошне битно е дека сите студенти се од различни сфери и индустрии и освен што ќе имаат одлични инструктори и ментори, ќе имаат можност и да учат едни од други, впрочем истово максимално ќе го охрабруваме и потенцираме, како многу битна алка за нивното искуство и креирање на база на знаење.

 

Што претставуваше твојот најголем предизвик за време на твоето долгогодишно искуство како предавач и што сметаш дека се променило од пред една декада досега?

Најголемиот предизвик за сите нас беше секако пандемијата. Изминативе 3 години предавањата претежно се одвиваа онлајн и колку навидум и да изгледаше лесно, не беше, тоа е сосема нов сет на вештини кои треба да ги познавате и интегрирате. На почетокот секако студентите имаа потешкотии, нивото на ангажман и проактивност беше различно, но со тек на време, тие потешкотии се надминаа и веќе можеме слободно да кажеме дека онлајн учењето стана не само пракса и стандард, туку и добра пракса, посебно кога се комбинира со работа на реални проекти и предизвици. 

 

 

Кој би бил твојот совет за идните студенти на Академијата за лидерство и менаџмент и оние коишто можеби сѐ уште размислуваат?

Она што би сакала посебно да напоменам е тие да бидат свесни за нивото на ангажман, проактивност и време што се подготвени да го вложат, затоа што овие академии се двонасочни и интерактивни, бараат максимална посветеност, менторски сесии, работа на проекти… меѓутоа влогот во знаењето што ќе произлезе подоцна е вредно за секоја капка пот и вложен труд. Ова е одлична инвестиција во нивниот личен и професионален развој. 

 

Што за тебе претставува успех и кои се работите кои ги сметаш за твое најголемо достигнување?

Уживам во читањето и учењето, впрочем тоа го правам во контунуитет, секој ден сакам да учам и осознавам нови работи и да го подобрам мојот сет на познавања и вештини. Но, исто така уживам моето знаење и искуство да го пренесувам на други. Резултатите кои ги гледам кај индивидуалци и компании со кои сум работела, од идеја до реализација, на начини кои поинаку не би ги постигнале, за мене претставува најголема награда. 

 

Што сакаш да правиш кога не работиш?

Јас сум типичен светски патник и вљубеник во природата. Обожувам да посетувам нови места, култури, да откривам скриени природни богатства… Може да се каже дека сум навистина благословена што работејќи за Универзитетот, имаме партнери низ цела Европа и на тој начин ги спојувам моите две најголеми пасии во едно, работата и патувањето.

 

 

Новата Академија за лидерство и менаџмент (Executive Academy for Leadership & Management) на Brainster, која ќе обезбеди можност за практично усовршување и доквалификација на учесниците преку стекнување на најважни вештини во областа на лидерство и менаџмент во ИТ и бизнис-секторите, се развива во соработка со  Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ.

За упис на оваа Академија, достапни се стипендии за млади лица и жени претприемачи кои сакаат да се усовршуваат во оваа насока. Целта на овие стипендии е да се даде придонес кон зголемување на разноликоста и еднаквите можности во корпоративниот свет. 

Закажи информативен разговор со нашиот Student Admission Team за повеќе детали за Академијата.

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.