Успешна приказна: Антонио ја изгради неговата кариера како web developer

Програмирање не е само пишување код, повеќе е способност за создавање проекти кои ќе бидат од значење за општеството.

На тој пат го запознавме Антонио Стоименов кој беше еден од најактивните студенти од изминатата Академија за програмирање. Денес ја пишуваме неговата успешна приказна.

Пред да започнеш со програмирање, беше дел од невладиниот сектор. Каде се случи промената?

Промената се случи во моментот кога сфатив дека веќе не се пронаоѓам во моите секојдневни активности и ми фали нов предизвик со кој што ќе се движам понатаму во некоја друга сфера. Се наоѓав во период кога и на приватен и на професионален план бев спремен да донесам одлуки што носат поголеми промени. Изборот на професија, секако беше комплициран во однос на моите желби и потреби, а истовремено се трудев да изберам професија што ќе ме осигура финансиски во поскоро време.
Со програмирањето се имав сретнато уште на факултет, каде што и не ми беше дел од омилените предмети, но, промените доаѓаа сами по себе. Кога почнав да ја истражувам оваа област и да навлегувам подлабоко во неа, сфатив дека дефинитивно тука се пронаоѓам себеси.

Моментално си вработен како full stack web developer. Како изгледа еден работен ден на програмер?

Да, моменталната моја позиција е full stack web developer, иако од наредниот месец ќе се насочам интензивно кон back-end web development затоа што сакам да се посветам повеќе на тој дел од оваа професија и да научам нова технологија која, полека но сигурно, го зазема местото на постоечките. Ќе работам на доста голем проект кој ќе има голем импакт на дигиталното општество тука и воопшто на Балканот.
Работниот ден на програмерот зависи од неговите активности. Обично почнувам со дупло кафе, овошје и спремање за тековните таскови. Секогаш почнувам со посложените таскови, заради моментот што од сабајле имам подобра концентрација и немам толку дистракции. После завршување на обврските во канцеларија, продолжувам со активности во Brainster, каде што сум инструктор на Академијата за програмирање и воедно го организирам целиот нејзин тек и програма за часовите. Истовремено им помагам на идните програмери со проблемите со кои се соочуваат додека навлегуваат во светот на програмирањето.

Кој дел од работата ти е омилен? На какви проекти работиш?

Дефинитивно кога кодот што го куцаш три дена работи без грешка. Што нели, поретко се случува. 🙂 Се шалам, не можам да издвојам специјален момент што ми причинува најголемо задоволство само заради тоа што повеќето од моите дневни работни задачи се динамични и секогаш предизвикуваат различни моменти на исполнување. Кодот што проработува после многу обиди знае да предизвика момент на еуфорија, пренесување на знаењето на студентите на Академијата носи огромна сатисфакција – посебно кога ќе те послушаат и ќе ги пререшат задачите дома за подобро да сфатат нешто. Тимската работа и бреинстормингот за тековни и идни проекти исто така знае да биде доста возбудлив дел од денот, но, тука е и моментот кога ќе седнеш сам да истражуваш нова технологија. Те мами со можностите што ги нуди и се навлекуваш што повеќе да научиш. Сума сумарум – целата работа ми е омилена.

На идните програмери би им кажал..?

Се наоѓаме во доста динамично време со технолошки напредок на дневна база (дневно по еден нов  JavaScript framework :D) и потребно е да се прилагодуваме на секоја новонастаната промена или потреба од нешто ново. Непрекинато треба да учиме и да вложуваме во себе за да ги постигнеме нашите цели. Најлесно е да се откажеме. Но, при соочување со предизвиците и наоѓање нивно решение, се градиме себеси во личности што носат подобро утре – и за нас, и за општеството.

Уписите за наредната академија се во тек. Погледни ја програмата овде.

Uspesna prikazna

Related Stories For You

Trending Stories That Might Interest You