Претпоставуваме дека веќе ја знаеш Ана Трпеска од „Петар за појадок и пауза“.
Моментално е дел од тимот инструктори во Brainster, и преку курсот за Public Speaking ќе те научи неколку моќни вештини кои ќе ти помогнат за твојот иден настап, говор, или презентација!
1. Aна, што ќе им откриеш на оние кои сѐ уште не те знаат?
Мајстор сум за салати, турско кафе и кревање на расположение.
2. Oд твоето долгогодишно искуство со медиуми и јавно говорење можеме да научиме многу. Со какви вештини ќе се стекнат учесниците на овој курс? За која професија се применливи?
Секако професиите кои имаат поголема изложеност надвор од канцеларија, како, ПР професионалци, професори, оние кои работат во продажба, оние кои работат јавна професија, секако, политичари… Но, стекнувањето на оваа вештина е применлива во многу аспекти, посебно во современото живеење и работење, па не би сакала да ја ограничувам. Ќе поминеме голем дел невербална комуникација и како пораките кои ги пренесуваме луѓето често ги примаат преку нашето држење на тело, гестикулации, поставеност и отвореност, а не преку зборовите кои ги кажуваме.
Ќе научиме како да го користиме нашиот глас за поголем импакт, преку практични вежби.
Што сѐ треба да знаеш за твојата публика (без разлика колкава е). На 15ти и 16ти мај имаме повеќе теорија како и некои практични вежби за поставеност на тело и како да го користиме за да бидеме слушнати. А четвртиот ден од курсот, секој од учесниците ќе треба да подготви кратка презентација на тема која заедно ќе ја одредиме. За секоја презентација ќе има feedback од секој член во групата. Мислам дека тоа ќе биде исклучително искуство со кое секој од групата ќе може да идентификува точно кои му се јаки страни, а каде е неговата точка за подобрување. Секако ќе добијат вежби кои ќе можат и понатаму да ги работат за да ја усовршуваат својата вештина.
3. Кој сѐ може да биде дел од курсот за Public Speaking?
Апсолутно секој. Јас се надевам дека ќе дојдеме во време на развој на образованието во кое нема да биде изоставувано јавното зборување како вештина која се учи. Мислам дека децата од најмлада возраст треба да се охрабруваат да се пројавуваат. Така можеби нема да пропуштаме потенцијали затоа што седат на крајот од собата со испотени дланки од трема.
4. Техника со која се раѓаш..или која се совладува со вежбање?
Зборуваме за вештина. Секоја вештина се учи и со вежбање се усовршува.
5. Твој совет за оние срамежливите? 🙂
Најверојатно оној кој мене мајка ми ми го даваше кога бев мала: „Осмели се и почни да го правиш тоа што сакаш, па после ќе се снајдеш. Ќе мораш, ќе научиш“.