Иван Дургутовски – доцент професор на факултетот за графички дизајн на ЕУРМ. Предава фотографија, мултимедиа и дизајн на печатени медиуми. Визуелен уметник, графички дизајнер и фотограф. Има одлични проекти зад себе, многубројни изложби и многубројни меѓународни награди, а сега е и наш нов инструктор на Академијата за дизајн.
Едно од поомилените нешта кое сме го прочитале во последно време е нешто што изјави во едно интервју за уметноста.
„Во денешниот свет на уметност, сè има рок на траење. Така да, нема потреба да посакам нешто да снема. Тоа што треба да остане – ќе остане. Секој со своето и секој за себе. Природна селекција.“
Која лекција ја научи натешко како дизајнер?
Самопочитување.
Од сите уметнички медиуми на изразување во кој најмногу се пронаѓаш?
Фотографија и видео.
Во хаосот околу нас и мноштвото од информации, како знаеш да го одвоиш важното од неважното? Она што ќе ти помогне, а она што ќе те дефокусира?
Повеќе години работам на себе, во смисла на фокусирање и филтирање на информации. Некогаш „важното“ може да биде само една реченица или пет секунди од видео, некогаш – цела книга. Кога истражувам, најважна ми е релевантноста на изворот на иформацијата.
Совет за тебе пред 10 години.
Не брзај, побрзај.
Дали често кажуваш НЕ? И на што најчесто?
Во секојдневието кажувам „не“ на многу работи. На професионален и работен план, кажувам „не“ на понуди со кои првично јас не можам да се поврзам на никое ниво, следствено на тоа свесен сум дека нема да можам да дадам и вложам 100% од она кое го поседувам.
На Академијата ќе предаваш методологија на дизајн. Кажи ни што е тоа?
Развивање на систем или метод за конкретна ситуација или систематизирање и визуелизирање на идеите и мисловниот процес кога третираме одреден предизвик или проблем, со цел да се изнајде најоптималното решение.
Дали сметаш дека печатениот медиум полека умира, весници, магазини и принтот?
Во глобални рамки, трендот на дигитализација на печатените медиуми веќе стана секојдневие. Да, еколошки и финансиски секако е од корист, но оној мал дел на оние кои уживаат во тактилниот момент и мирисот на хартијата ја одржува оваа важна гранка во живот. Печатените медиуми во физичка форма веќе стануваат колекционерски момент.
Дали социјалните мрежи се е еден вид на начин да манупилираш со пораките и реалноста? Иднината на маркетингот и адвертајзингот ќе се сведе само на пораките на социјалните мрежи? Зошто реалноста е таа. Што е кул се оценува сега на социјални мрежи?
Што е „кул“ ќе биде „кул“, што е офлајн нема да се види онлајн. А треба да се види онлајн. Така налага рекламната индустрија. Оценувањето и отвореноста на критика на онлајн платформите и социјалните медиуми се одличен момент за да добиеме реакција од посакуваната публика, но не секогаш се релевантни.
Разликата за тебе да работиш како Freelance дизајнер и во креативна агенција како дизајнер?
Разликата за вас да работите на лента во фабрика и да имате мал киоск со бургери кои ги правите по ваш рецепт?
Дали се врзуваш за предмети?
Само за тие што ги предавам, а не оние кои ги поседувам.
Иван на Академијата предава Методологија на дизајн. Уписите се во тек, прочитај повеќе тука!