Учесниците од Академијата за програмирање и графички дизајн успешно лансираа продукт на маркет. За 48 часа учениците од две наши Академии успеаа да реализираат барање од клиент и изградија веб сајт за компанија. Дизајнерите го започнаа, а програмерите го завршија барањето од клиентот. При завршување на овој проект, би го издвоиле Дарко Димитровски.
Поранешен студент на Факултет за Информатика во Штип, реши да се запише на Академијата за програмирање во Brainster.
По завршувањето на истата, тој помина 2 месеци на пракса во Кара5, а моментално е вработен во Personnel Ltd.
Го прашавме да ни раскаже за искуството при работење на HR Tools, платформа која можете да ја разгледате ТУКА.
Како дозна за Brainster и како реши да се запишеш на Академијата?
За Академијата дознав сосем случајно. Не бев задоволен со моето претходно стекнато знаење, мислев дека ми треба некој дополнителен “push” или мотивација и упорно барав соодветен начин да ги пополнам празнините со кои секојдневно се соочував. Откако ја разгледав програмата на Академијата, знаев дека токму тоа е она што ми недостасува и тоа е главната причина поради која решив да се запишам на Академијата за програмирање.
Какво предзнаење имаше за програмирање пред Академијата?
Кога се работи за програмирање, секако дека имав одредени предзнаења стекнати на Факултетот за информатика на кој дипломирав, како и предзнаења до кои дојдов и од некои мои freelance WordPress проекти, но сепак знаев дека е потребно многу повеќе знаење за да се успее во оваа професија. Сега, кога веќе ја завршив Академијата, свесен сум колкава е разликата помеѓу она што го знаев пред да се запишам и она што го знам сега.
Раскажи ни нешто повеќе за HR Tools? Ти одлучи да ја тераш до крај, до моментот кога ќе биде готов продукт спремен за лансирање.
HR Tools беше темата на хакатонот одржан во Brainster, при што изработеното од мојата група беше избрано како најдобро решение. По завршувањето на хакатонот, одлучив сам од дома да продолжам и да го развивам проектот, со насоки од Александар Чамински, CEO на Colony, со надеж дека еден ден ова ќе може да се лансира како готов проект.
Продолжив да ја развивам идејата затоа што сметав дека има потенцијал да се развие во платформа која луѓето ќе можат да ја користат за пребарување на разни алатки кои ќе им помогнат при олеснување на работните процеси, да наоѓаат разни алатки за подобрување на комуникацијата, алатки за регрутирање, feedback и слично.
Што ти беше најголем предизвик при работење на овој проект? Што очекуваш дека ќе се постигне со овој HR Tools?
При започнувањето на овој проект, голем дел од активностите поврзани со него се уште не ми беа проучени. Тоа за мене беше предизвик да почнам истите да ги истражувам пред другите, за да може успешно да го завршам самиот проект. Како што напредував со стекнување на знаења на Академијата, така се менуваа контурите на самиот проект, неговата функционалност и практична примена.
Студентите од Академијата за графички дизајн го работеа UX-от под водство на Јане Наумовски. Дизајнот беше прилично едноставен и многу “user-friendly”, така да мислам дека нивната идеја беше одлична. Беа многу комуникативни и достапни за прашања за време на хакатонот. Можам да кажам дека многу добро се подготвиле на Академијата!
Зошто го одбра програмирањето како кариера? Што би им порачал на луѓето кои се уште размислуваат да започнат да учат програмирање?
Уште од трето одделение започнав со обука во разни школи за работа на компјутер. Првата пофалба ја добив уште тогаш, кога изработив одлична Power point презентација, која не беше својствена за мојата возраст. Морам да признам дека самата пофалба ми се допадна, но иако многу време поминував на компјутер во сите поминати години, сепак свесен сум дека последниве години се оние што го дефинираа и заокружија моето знаење од оваа област. Можноста да се создаде нешто, во кое ќе дојде до израз мојата креативност, а кое ќе може во моментот да биде видено од луѓе од сите страни на светот е она што ме привлече кон оваа професија.
Програмирањето е нешто кое се учи. Навистина треба да се вложите себеси во него, да се откажете од некои работи, но на крајот ќе имате позитивен feedback. Можноста да ја изразите својата креативност е најголема во оваа област. Тука може да ја споите работата со задоволството.
Каде се гледаш себеси во иднина? Во која насока сакаш да ја развиеш твојата кариера?
Иднината за мене е некако веќе зацртана. Програмирањето ќе го исполни најголемиот дел од мојот живот во иднина. Целта ми е да бидам спремен за предизвиците, брзо и лесно да го работам она што го знам. Но свесен сум и дека со брзиот развој на технологијата денес знаењето треба да се надоградува и учи постојано до крајот на животот, но јас сум спремен на тоа.