Запознај ја Ива Милчова – алумни студент на нашата Академија за графички дизајн, која реши да направи комплетна кариерна трансформација и започна да работи на практикантска позиција како графички дизајнер во Dot Media.

Дополнително, Ива е и дел од победничкиот тим кој направи постер дизајн и видео на Хакатонот за Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.

 

Си поразговаравме со Ива за нејзиното кариерно патувањe

 

 

Здраво, ние на Академијата за графички дизајн те знаеме, но претстави се на останатите! Кажи ни нешто повеќе за себе!

Здраво, јас сум Ива Милчова! Имам 26 години и сум од Скопје. Дипломиран актер, и сега со гордост можам да кажам и графички дизајнер. Авантурист кој сака многу да патува, филантроп и личност со многу позитивна енергија. Стрелец во хороскоп. Вљубеник во театарот и уметноста. Дизајнот е мојата пасија и опсесија. Верувам дека само љубовта може да го спаси светот. 

 

 

Што влијаеше врз твојот избор да се запишеш на Академијата за графички дизајн?

Како невработен дипломиран актер, по завршувањето на факултетот имав период во кој многу размислував што ќе правам понатаму, и покрај тоа што театарот е мојата прва љубов. Бидејќи сум човек кој ја сака уметноста, знаев дека нема да застанам само со актерството. И така постепено почнав да се истражувам и откривам себеси. Првично се двоумев меѓу Академијата за графички дизајн и UX/UI, но сите околу мене што добро ме познаваат, знаат дека сум креативна и уметничка душа, и така само ми потврдија што да одберам. Можам да кажам дека ја донесов најдобрата одлука во мојот живот.

 

 

Ти си уште еден студент кој потврдува дека со упорност и посветеност може да се постигне сѐ. Како си помина на Академијата за графички дизајн? Имаше ли предизвици во процесот на учење и совладување на техниките?

Прво сакам да се заблагодарам на Brainster што имаат создадено ваква Академија. Одлично организирана. Со најдобри и најпосветени ментори. Едноставно се поврзуваш со сѐ. Со ментори, со луѓе… ти стануваат буквално како дел од семејство. И сега навистина не знам што ќе правам без Brainster, многу ќе ми фали, веќе ми фали. 🙂 Ете така си поминав, најубаво на свет. Предизвици имало и секогаш ќе има, но важно е да се биде упорен. Јас бев упорна и морам да признаам дека никогаш во животот не сум била толку многу посветена кога станува збор за учење. Отсекогаш сум учела кампањски, но на Академијата за графички дизајн станав бубалче хахах. 

 

 

Кои вештини ти помогнаа полесно да ја совладаш програмата на Академијата за графички дизајн?

Многу упорност, комуникација, љубов, посветеност и многу вежбање. Друга формула за успех не постои. Ако ја нема пасијата, опсесијата, тогаш тоа што го работиш моментално не е за тебе.

 

 

Почетокот на твојата кариера како графички дизајнер ја започна на практикантска позиција во Dot Media. Раскажи ни како изгледа еден работен ден?

Моментално како практикант тазе излезен од Академија, прво сакам да се заблагодарам за оваа шанса што ја добив и што можам да напредувам. Колегите од Dot Media се многу љубезни, трпеливи со оглед на тоа што сум практикант, и на дневно ниво учам мноогу нови и нови работи. Работиме дизајн на social media постови, постери, менија, брошури, банери. И морам да кажам дека си ја обожувам работата и сум пресреќна. Секој ден ни е организиран, со претходно изработени планови, со цел да можеме да се посветиме како што треба на секој клиент.

 

 

Како дизајнерот гледа на светот и на работите околу него?

Сметам дека многу е важно за еден дизајнер постојано да учи нови техники, да ги следи трендовите и слично, исто така, и да учи од сопствените и од грешките на другите. Најважно од сѐ, да го гради својот стил на изразување, да биде опкружен со различни уметности, со цел да црпи инспирација и да биде покреативен, и да си наоѓа начин како да ја поттикнува својата креативност.

 

 

Каде се гледаш за 5 години во иднина?

Себеси се гледам како многу успешен графички дизајнер, креативен директор со свое студио за брендинг како главен таргет.

 

 

За крај, што е она што тебе те охрабри да се запишеш на оваа Академија и да ја промениш својата кариера? Што би ги советувала сите оние кои допрва размислуваат за кариера како графички дизајнери и сакаат да преземат ваков чекор? 

Искрено на почетокот сметав дека и многу доцна сум се запишала… Но, сфатив дека не постои вистинско време за било што во животот, така што ако сте одлучни дека сакате да станете графички дизајнери, само запишете се. Најискрено. 🙂 Знајте дека има и те како место за сите под ова поднебје, и доколку сте одлучни и сигурни дека ова е професијата со којашто сакате да се занимавате понатаму, запишете се, бидете упорни и многу посветени, бидејќи најважно од сѐ е да се има цел, да се биде посветен и сѐ друго ќе си се нареди.



Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!

На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student admission team за повеќе насоки и детали за програмата!

AI at Work | AI тренинзи за професионалци и компании во ерата на AI!