Запознајте го Ангел Ангеловски – алумни од Академијата за графички дизајн кој изминативе месеци работеше напорно, посветуваше голем фокус и внимание на програмата и ги совлада успешно сите предизвици. Веднаш по неговото завршување на Академијата започна да работи во Koma Design Studio како графички дизајнер, а сега веќе работи freelance на многу интернационални проекти и соработува со клиенти од целиот свет.

 

Си поразговаравме со Ангел за работата како freelancе графички дизајнер и неговиот кариерен пат

 

 

Здраво Ангел, кажи ни нешто за себе!

Здраво, јас сум Ангел, млад графички дизајнер, фотограф и камерман од Куманово. Хиперактивна, мотивирана, снаодлива и посветена личност, како и личност која многу брзо учи нови работи.

 

Што влијаеше врз твојот избор да се запишеш на Академијата за графички дизајн и како си поминуваше на предавањата?

Најголемо влијание при мојот избор за запишување на Академијата имаше мојата креативност, како и потребата да се изразам креативно и да бидам виден, како и личната сатисфакција кога ќе погледнам дело што јас го имам креирано. Предавањата на Академијата беа повеќе од забавни, интересни и интерактивни, исполнети со многу шеги, предизвици и проекти.

 

 

Кои вештини ти помогнаа полесно да ја совладаш програмата на Академијата за графички дизајн?

Вештините кои ми помогнаа полесно да ја совладам програмата беа посветеноста, мотивацијата, eye-to-detail и мојата креативна страна. Бев изненаден од фактот дека нема потреба да имам предобри цртачки способности за да станам успешен графички дизајнер.

 

Имаш интересно искуство зад тебе како фотограф и камерман, а сега веќе и како графички дизајнер. Раскажи ни за разликата помеѓу овие работи и за сличностите кои ги поврзуваат овие професии.  

Овие две или три професии имаат низа сличности и разлики. Работата како фотограф и камерман, како и дизајнер е многу динамична, бара голема подготвеност, исполнителност и посветеност за постигнување на саканите ефекти. Според мене и во двете професии имате потреба од креативност, но тоа не значи дека мора секогаш да биде пресудна. Главната разлика во овие две професии според мене е начинот на работа, графичкиот дизајнер е повеќе приврзан за едно место, најчесто со лаптоп, додека фотографот повеќето од работното време е на терен.

Најинтересен е фактот дека овие две професии се надополнуваат во целост. Јас како графички дизајнер се чувствувам многу послободно со моите знаења и вештини во светот на фотографијата и доколку некогаш имам потреба од специфична фотографија можам да излезам и да ја фотографирам самиот.

 

 

Исто така, почетокот на твојата кариера како графички дизајнер го започна на практикантска позиција во Koma Design Studio. Како изгледа работен ден на еден графички дизајнер кој работи во дизајн студио?

Ова искуство можам да го наречам едно од најдобрите и најважните искуства по завршување на Академијата. Koma Design Studio е одлично место каде што јас ги стекнав потребните знаења во врска со реалните клиенти и целокупниот дизјан процес.

Работниот ден во Koma Design Studio започнува некаде околу 9 часот. Тогаш ги добиваме работните задачи и делиме информации за тековните проекти и нивниот процес. Потоа, започнуваме со дизајнирање сè до крајот на работното време, а во меѓувреме постојано комуницираме, делиме и генерираме идеи, одржуваме мини состаноци и одлучуваме како да се заврши одреден проект и дизајн. Морам да ги пофалам вработените за огромната поддршка, пријатната комуникација и атмосфера за работа. KOMA 10/10.

 

Моментално работиш како freelance графички дизајнер, како изгледа искуството на работа од дома со клиенти од целиот свет?

Работата како freelance графички дизајнер е многу динамична и интересна. Тука припаѓа потребата да истражувате детално, да комуницирате со клиенти на друг странски јазик и да бидете посветени. Сметајќи се себе за многу хиперактивна личност, за мене најмалку интересен дел од оваа работа е тоа што сум повеќе од времето дома на моето биро, но тоа се надополнува со намалените трошоци.

 

 

Опиши ни го твојот креативен процес. Кои се клучните чекори?

Мојот креативен процес е составен од неколку чекори кои ми помагаат при дизајнирањето. Најпрво, на клиентот му испраќам креативен бриф-прашалник со сите потребни информации за процесот и продуктот кој му е потребен. Со оглед на тоа на каков проект работам, најчесто второ што правам е детално истражување на конкуренцијата од целиот свет и индустријата за која работам, за да добијам подобро чувство и претстава за проектот. Во третиот чекор спаѓаат првичните скици и замисли за производот или брендот. Потоа, правам неколку варијанти помеѓу кои клиентот може да бира и откако ќе добијам одобрување за одредена насока го водам процесот кон крајот. 

 

Како се справуваш со роковите и предизвиците кои произлегуваат?

Најефикасен начин да се справиш со роковите и предизвиците е да продолжиш да работиш напорно. Роковите знаат да бидат турбулентни доколку процесот не се одвива како што е замислен, но со прескокнување на неколку часа сон, може да се надокнади времето кое недостига. Најважното кај роковите е да не се одложуваат по ниедна цена, бидејќи тоа директно влијае на нашиот имиџ како дизајнери. Како во секоја професија така и во дизајнот излегуваат многу неочекувани предизвици и проблеми кои не секогаш се лесни за отстранување, но со доволно посветеност и труд, сè може да се реши.

 

 

Раскажи ни на какви freelance проекти имаш работено и кој ти е посебно драг и зошто?

Имам работено на многу интересни проекти, а некои од нив вклучуваат и бренд дизајн за ресторан за брза храна во Скопје, бренд дизајн за салон за нега и убавина на деца до 15 години, дизајн на брошури и флаери за неколку различни компании, бренд дизајн и дизајн на објави за социјални мрежи за туристичка агенција итн. Посебно драг ми е бренд дизајнот за ресторанот за брза храна заради самиот изглед на финалниот продукт кој го креирав, но и самиот процес на комуникацијата со клиентот. Би сакал да можам да ви го доловам чувството кога влегов во самиот ресторан откако го завршив процесот – self satisfaction 100!

 

Што би им препорачал на сите оние коишто сакаат да ја одберат оваа професија и би сакале да работат како freelance графички дизајнери? Кој е твојот совет до нив?

За сите идни freelance графички дизајнери, давајте си повеќе време од што мислите дека ви е потребно за секој проект, ценете си го трудот и почитувајте ги роковите.

 

 

И за крај, кои се твоите планови за во иднина?

Во иднина би сакал да променам малку и да започнам со работа во некоја маркетинг агенција, а потоа и да отворам своја маркетинг агенција која ќе вклучува многу голем спектар на продукти и услуги како од областа на дизајнот, така и од областа на фотографијата.

 

Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!

На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!






Како до 1.000.000€? 🤫