Разговравме со Имер Сaлиу, студент на Академијата за графички дизајн, за процесот на дизајнирање на еден постер како дел од реалните проекти во Brainster. Тој сподели како се одвива создавањето на визуелно решение за еден клиент: од брифинг сесија со клиентот до финализирање на својата идеја. Имер како креативец, , добива максимална слобода од клиентот да се изразува како што сака. Но, како што тој вели, иако тоа е супер, сепак тој подобро се снаоѓа во ограничување.
Салиу беше студентот кој создаде одлично победничко типографско решение за дизајн на постер за клиентот Скопје Прајд. Клиентот од Скопје Прајд, Иван Ивановиќ, сподели кои беа нивните очекувања во однос на дизајнот:
Очекувањата од студентите беа да ја искористат оваа ретка прилика на тотална и неограничена креативна слобода, притоа внимателно слушајќи ги гласовите на заедницата и активно учество во разговорот за визуелниот идентитет и што тој треба да значи. Очекувавме темелно истражување на квир уметноста и култутрата, како и односите меѓу супкултурната заедница во кругот на ЛГБТИ+. Исто така, воочување на негативната перцепција и негативните друштвени наративи со таргет кон ЛГБТИ+ лицата и напорот да се избегне стереотипизација на истите.
Иако првичната цел на клиентот беше да се создаде само постер за Скопје Прајд, дизајнот на Имер ги освои симпатиите на клиентот и ја продолжи соработката со нив, така што ги дизајнираше сите креативни материјали за Парадата на гордоста: објави на социјални медиуми, акредитации за тимот и артистите, маици, торби и слично.
Прочитај како Имер, преку создавање на победничко решение за реален клиент, раскажува како се дизајнира еден постер.
Како се чувствува еден студент кој пред себе има задача да изработи цела проектна спецификација?
Брифот беше концизен и барањето беше повеќе од јасно. Од мојата група се бараше дизајн на постер за главниот настан на Скопје Прајд. Првиот предизвик со кој се соочив беше фактот дека ни беше дадена целосна слобода за дизајнот. За мене тоа претставува предизвик бидејќи секогаш претходно работев во рамки на претходно поставени граници и сметам дека креативноста е најголема кога имаме најмногу ограничувања. Во ваков случај кога нема граници, идеите се бесконечни. Уште при самата брифинг сесија со клиентот мене ми доаѓаа премногу идеи проследени со прашањето „Од каде да почнам?“ Како последица на тоа, јас сработив 5 предлог решенија од кои издвоив само 2 за презентирање пред клиентот.
Која цел и какви барања имаше за задача да исполниш? Дали на почеток ти изгледаа предизвикувачки?
Како што е цел на секој постер, да се привлече вниманието на што можно повеќе минувачи и да се претстави идеја, став, соопштување и информација, таква беше целта на овој проект – да се претстави визуелна идеја и да се информира голема маса на народ за големиот настан кој ќе биде одржан месецов. Слоганот за оваа година гласеше „Спектакуларно Непослушни“ и задачата беше да креираме дизајн кој најдобро би можел да ја претстави оваа идеја која подоцна прераснува во целосен визуелен идентитет на овогодишниот настан.
Местата се пополнети! Приклучи се на листата на чекање денес и ПРВ/А дознај доколку се отвори повторно можност за упис на Brainster+ Академијата за графички дизајн
Како изгледа процесот на работа на реален проект? Што доаѓа прво, што во средина, а што последно?
Како и за секој дизајн, прв чекор е истражување, собирање што е можно повеќе информации за самата организација, за настаните, идеологијата и целната група. Потоа следи moodboard каде се склопува мозаик од идеи, колор палети, типографија и фотографии. Во принцип, кога би се работело на визуелен идентитет би требало да се креира и Mind Map, но во интерес на времето, јас веднаш преминав на дизајнирање, претопување на сите информации, сознанија и идеи во еден единствен дизајн. И на крај, презентирање на сработеното пред клиентот.
Како поддршката од менторот ви помогна во процесот на изработка на овој проект?
Ментор на овој проект беше Михајло Тунев и тој одигра многу битна улога во целиот процес. Тој ни помогна на сите студенти во мојата група со сугерирање и посочување на грешки во нашите дизајни со што ни помогна нашите дизајни да го постигнат максималниот потенцијал.
За крај, која вештина би ја издвоиле како нешто ново со кое што се стекнавте?
Трпеливост. Бидејќи предлог дизајнот што е одбран за финален дизајн на постерот содржеше 3Д елементи за кои е потребно рендерирање за да се прикажат на артбордот. Колку е поголем канвасот, толку подолго се рендерира дизајнот, а затоа што главна намена на постерот е принтање на истиот потребна е максимална резолуција, така и рендерирањето траеше уште подолго. Но откако процесот на рендерирањето завршува, чувството при првото гледање на постигнатиот резултат е бесценето.