„Програмата ја креиравме во соработка со врвни професионалци и предавачи од областа. Заеднички заклучок беше дека не постои друг начин да се научи Data Science, освен преку една ваква сеопфатна програма на која комплетно ќе и се посветите. Тоа го зборуваме постојано на средбите со кандидатите – ако сакате да започнете кариера во оваа област мора да сте спремни да жртвувате 11 месеци колку што ќе трае Академијата.“ – вели Александар Ѓурчиноски, координатор на Академијата.
На луѓето кои минуваат низ Brainster, Александар Ѓурчиноски им е добро познат лик.
Неговиот курс за Business Intelligence континуирано се оддржува повеќе од две години и е еден од најпопуларните. Еден завршува, веднаш почнува нов, исполнет до последно место.
Токму затоа, некако природно дојде токму тој да биде координатор во новата област, која и самата е природно продолжение на нашите заеднички активности во областа на анализа на податоците – а тоа е областа на Data Science. Од објавувањето на програмите за Data Science во Brainster интересот е огромен, првите курсеви поминаа одлично, а во завршна фаза е и селекцијата на 18-те учесници за првата Академија за Data Science во Македонија и регионот, за која аплицираа над 200 луѓе.
Токму последново е повод да поразговараме со Ѓурчин, сега во својство на координатор на Data Science програмите на Brainster.
Ѓурчин, интересот за дигиталните и tech вештини е во огромен подем, тоа го сведочиме секој ден преку пријавите за нашите Академии. Но, она што беше изненадување за сите е не само огромниот интерес за Data Science, туку и фактот дека ни дојдоа голем број луѓе се одлично запознаени со темата.
Точно така, мошне позитивно изненадување и охрабрување беше не само бројот на луѓе што се пријавија за Академијата за Data Science и за тековните курсеви, туку и структурата на кандидатите. Најголемиот дел од нив беа одлично запознаени со речиси сите сегменти на оваа комплексна област. Добар дел од кандидатите се на Business Inteligence позиции и имаат мошне јасна визија како Data Science вештините ќе им помогнат да ги унапредат тековните проекти во компаниите во кои работат. На сите заедничко им беше што се обидувале да изнајдат патека за самостојно совладување на дел од вештините и што со голема радост ја дочекаа оваа можност под надзор на ментори да следат една комплетна Data Science програма, тука во Македонија.
Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за програмата на Академијата за Data Science?
Програмата ја креиравме во соработка со врвни професионалци и предавачи од областа. Во нејзиното директно креирање учествуваа Мартина Ристеска, асистент од областа на Data Science на University of Toronto, која во моментов работи како Data Scientist во Siemens, Душко Тодевски од ML секторот на Kemet Electronics – врвен практичар во областа на Data Mining и Machine Learning, Андреј Наумовски – еден од нашите најталентирани програмери кој работи на ML проекти од областа на Fintech. Програмата ја ревидираа и за неа искажаа пофални зборови и неколку надворешни соработници кои ќе бидат гости предавачи на Академијата а работат во компании како Google и Facebook. Таа ги содржи сите неопходни модули, теоретски и практични знаење неопходни за започнување кариера во Data Science. За нејзина имплементација, односно успешно совладување од страна на студентите, предвидени се цели 11 месеци, односно 15-20 часа неделно.
Зборуваме за 11 месеци, речиси целосна посветеност само на Data Science. Дали кандидатите се спремни за такво нешто, дали знаат што ги очекува?
Токму затоа имаме мошне строг процес на селекција на кандидатите. Имавме над 200 апликации за да дојдеме до првите 18 учесници на Академијата. Наша примарна задача на интервјуата, покрај утврдувањето на капцитетот, беше да ги информираме за сериозноста на програмата и интензитетот на учењето и работењето на реални проекти. Реално, не постои друг начин да научите Data Science, освен преку една ваква темелна, динамична, сеопфатна програма на која комплетно ќе и се посветите. Тоа го зборуваме постојано на средбите со кандидатите – ако сакате да започнете кариера во оваа област мора да сте спремни да жртвувате еден куп споредни активности во тие 11 месеци колку што ќе трае Академијата.
Што е со останатите кандидати, кои не беа доволно спремни комплетно да се посветат или оние кои немаа доволно предзнаење.
Веќе има една група од кандидати кои имаат голем афинитeт и желба, но се уште не беа доволно подготвени со предзнаење и со нив наскоро започнуваме со подготовка, односно стекнување доволно предзнаења за да започнат со новите групи на Академијата планирани за почетокот на 2020 година. Паралелно со Академијата, ние ќе спроведеме и сегментирано пренесување на вештините од областа на Data Science преку редовни курсеви и работилници. Во наредниот период, секој месец ќе има по еден курс и преку овие курсеви дел од кандидатите кои немаат време и можност да се посветат целосно на Data Science, сепак ќе можат да се стекнат со вештини веднаш применливи на проектите на кои работат. Ќе имаме курсеви за SQL, Data Mining во Orange, Microsoft Power BI, статистика за Machine Learning, Big Data и слични. Нашата цел е сите заинтересирани за оваа област да ги држиме блиску до нас и да создадеме една заедница која ќе го подигне и развие ова поле во државава, на ниво достојно да се вклучи во интернационални проекти, да конкурира на проекти на Kaggle, a зошто не и да креираме некој наш, домашен продукт поврзан со Machine Learning или AI.
За крај, она што е најчесто прашање, кога станува збор за стекнување нови вештини со цел преквалификација или менување кариера – кои можности се отвораат по завршувањето на Академијата.
Според LinkedIn, најперспективната професија во 2019 година е Data Scientist, со раст од 56% во бројот на отворени места за една година. Тоа беше и една од мотивациите за започнување на оваа програма – дефицитарноста на Data Science кадри. Паралелно со ова, Brainster како и за останатите Академии, има обезбедено Learning & Employment Partners, односно компании кои ќе понудат свои практични проекти на кои ќе се работи и кои ќе имаат предност во регрутација на кадри директно од Академијата. Тука е и партнерството со платформата за поврзување на tech таленти и компании – Laika со која имаме ексклузивно партнерство кое ќе го објавиме деновиве. И секако, тука е можноста заеднички како тим да работиме на проекти од областа на Data Science. Во секој случај, очекувам секој што успешно ќе ја проследи Академијата и сака да најде работа во Data Science, да нема никаков проблем во тоа. Дополнителна можност е што по патот до станување Data Scientist има уште еден куп кариерни можности со стекнатите вештини – data analyst, BI analyst, Data Base consultant кадрите се исто така дефицитарни во речиси сите индустрии – финансии, осигурување, здравство, транспорт, логистика итн.
Ќе ни откриеш ли нешто повеќе за профилот на „избраните“ 18, кои први ќе стартуваат со Академијата за Data Science?
Деновиве се шегуваме дека оформивме „банкарска“ група. Најголем дел од учесниците се луѓе од финансискиот сектор, кои работат на менаџерски позиции и се мошне вешти во работа со податоци. Екселот им е на мошне високо ниво, имаат познавања од SQL, статистичките модели им се доволно познати, познаваат дел од алатките со кои ќе работиме, самоиницијативно почнале да се интересираат за Python и да читаат повеќе на темите поврзани со Data Science. Значајно за оваа група на луѓе е што имаат јасна визија како можат да ги искористат стекнатите знаења во компаниите и институциите во кои работат. Така што, очекуваме од оваа прва група најмногу бенефит да види токму финансискиот сектор во државава и прв да повлече нога напред во употребување на најновите технологии и знаења од областа на Data Science. Следните групи исто така ќе се обидеме да ги формираме според заедничка позадина, затоа што од досегашното искуство тоа додава на динамиката на учење и напредок, а и практичните проекти можат да се бидат од конкретната област. Веќе на почетокот на следната година почнуваме со 2 нови групи, за кои очекуваме едната да биде „мешана“ а другата повеќе наклонета кон софтверско инженерство, автоматика и роботика.
Menu