Што е заедничко за дигитална трансформација и диета? Сите ги спомнуваат, никој не ги почнува.

Навистина, поимот дигитална трансформација изминатиов период стана еден од оние трендовски теми на муабет кои ви даваат чувство дека, ако често го споменувате во муабет и го истакнувате како ваш фокус за наредниот период, 70% од работата е завршена. Додајте уште некој пример за дигитална трансформација од глобално познати брендови од вашата бранша и сте го заокружиле процесот.

Но, само еден краток увид во можностите за дигитална интеракција со најголем дел од брендовите укажува на тоа дека работите не мрднале речиси воопшто напред во изминатава деценија.

Процесите внатре компаниите покажуваат дека за многу работи уште се „оди пешки“ иако постојат дигитални алатки за поедноставување на најголем дел од работите. Инвестирањето во овие алатки или во стекнување знаење за управување со нив и со процесите се уште е симболична ставка во буџетите. Дигиталните канали продолжуваат да служат како место за информации што клиентот треба да направи откако ќе го извадите од дома под изговор дека нештото мора да се заврши токму во вашите канцеларии. На насловните страници на најамбициозните онлајн продавници се уште има флаери наместо продукти. Каталозите во пдф уште служат како параван за сериозна дигитална понуда. Примери има многу.

Со цел да не бидеме само критичари, туку и конструктивно да пристапиме на темава, составивме листа од 5 индикатори кои покажуваат дека вашата компанија доцни со дигиталната трансформација. Се надеваме дека тоа ќе ве поттикне конечно посериозно да пристапите на менување на процесите во согласност со можностите што ги нуди дигитализацијата. Ако ништо друго, барем ќе имате свежи теми кога следниот пат ќе се спомене дигиталната трансформација.

1. Во вашата компанија нема усогласен став во кој правец треба да се развива дигиталната трансформација

Можностите кои ги нуди дигитализацијата се речиси неограничени и нормално е различни сектори во вашата компанија да имаат различен став околу приоритетите. Но на самиот почетокот на дигиталната трансформација очекувано е без проблем да можете да ги лоцирате најдобрите можности согласно природата на вашиот бизнис. Разногласието најчесто значи дека не сте добро запознаени со можностите кои ги нуди дигиталната трансформација, бидејќи како луѓе кои најдобро го познаваат својот бизнис, мошне брзо треба да ги лоцирате сегментите кои први треба да бидат подложени на дигитална трансформација за вашиот бизнис да има најголем бенефит.

2. Не сте спремни да се откажете од старите системи со кои работите

„Си ја имам јас своја Љубица“ беше реклама на која сите заедно се смеевме (директорот кој не сакаше да купи компјутер бидејќи си ја има машината за пишување). Но шегата затропа и на нашата врата. Времето потребно за префрлање на нов систем и цената се најчестите изговори зошто продолжувате да работите во старите системи. А и самите знаете дека тоа не е точно, бидејќи трошите еден куп време на процеси кои можат да се автоматизираат, нема усогласеност во евиденцијата меѓу секторите, а вадењето и најпрост извештај е како копање руда. Автоматизацијата и можноста за интеграцијата се најважните карактеристики за системите на кои треба да се потпира дигиталната трансформација. Без тоа, заборавете на дигитална трансформација.

3. Не мерите ништо од вашите активности и не ги користите податоците кои ги имате

Data Driven Decision. Уште еден жежок термин, кој заслужува посебен пост. Пред да паднете во еуфоријата на big data, поставете едноставни цели кои ќе знаете да ги мерите. Соодветно поставување на Google Analytics на вашата веб страница и следење на сообраќајот и активностите на посетителите ќе ви каже повеќе одошто претпоставувате. Аналитиката не само што ќе ви покаже дали дигиталните напори имаат ефект, туку уште поважно, ќе ви покаже во која насока да ги движите вашите активности, согласно добиените податоци. Се додека на вашите состаноци давате предлози што е најпаметно да се направи, наместо да ги извлечете тие информации од податоците од алатките за анализа, длабоко доцните со дигитална трансформација.

4. Стратегијата за дигитално присуство ви е Multichannel наместо Omnichannel

Досега зборувавме повеќе за работи кои произлегуваат од компаниската култура. Оваа точка е поконкретна, потехничка. Ако веќе ги користите најголемиот дел од дигиталните канали за комуникација со клиентите, тоа не значи дека работата е завршена. Токму на ова цели дистинкцијата на Multichannel vs. Omnichannel пристап.

Првиот пристап е добар почеток и означува можност клиентот да ви се обрати преку најразлични канали (продажно место, веб-страница, социјални мрежи, чат апликации и сл.). Но, тој најчесто не нуди можност за клиентот да почне од еден канал, па да продолжи по друг до крајната цел без секој ваш канал да си функционира засебно и да ја почне комуникацијата со клиентот од почеток секој пат. Omnichannel пристапот ја нуди токму таа можност – тој подразбира интеграција на каналите и системска меморија за фазата во која е клиентот, со што се придонесува за подобрено и унифицирано искуство без разлика преку кој канал комуницира во секоја од фазите во инката.

5. Дигиталната трансформација ја гледате како нужно зло наместо како природен развој на вашиот бизнис

Ова е една од најголемите опасности кога позиционирањето на вашиот бизнис во ерата на дигитализација е во прашање. Не смеете да потпаднете под импресијата дека дигиталната трансформација е еднократен процес низ кој што вашата компанија, за жал, мора да помине и дека после тоа ќе биде „business as usual“. Само ако дигитализацијата ја сфатите како природна развојна фаза на вашиот бизнис, ќе имате добра шанса да го направите вашиот бизнис futureproof или отпорен на промените што ги носи иднината.

Се надеваме дека со овој текст ви дадовме инспирација и по некој правец во кој ќе почнете да размислувате кога дигитализацијата и вашата компанија се во прашање. Би сакале да ги чуеме и вашите искуства и размислувања на темава. Пишете ни во коментар на социјалните мрежи, споделете со нас ресурси и интересни линкови на мејл или во порака.

Во меѓувреме ви стоиме на располагање со неколку работи со кои Brainster можат да ви помогнат во одредени аспекти на дигиталната трансформација, како што се Академијата за дигитален маркетинг, Академијата за програмирање и курсевите од областа на business intelligence. Исто така, со нашите 40+ инструктори ви стоиме на располагање за организација на индивидуализирана компаниска обука за дигитална трансформација креирана согласно вашите потреби.

Аплицирањето за ваучер заврши!